Господи, го засакав благолепието на Твојот дом и местото каде што пребива Славата Твоја.
(Псалм 25, 8)
Секој православен храм е отпечаток, предобраз, икона, честица од небесното Христово царство; место на кое таинствено пребива славата Божја. Кога сме во храмот ние навистина се чувствуваме како да сме на небесата. Таму, на чудесен, но и вистинит начин, православните христијани ги преживуваат небесните мигови, особено за време на богослуженијата. А тоа е така, бидејќи ние знаеме и веруваме дека Бог е наш Татко, па затоа на храмот гледаме како на наш дом. Оттаму и псалмопевецот воскликнува: „Господи, го возљубив благолепието на Твојот дом и местото каде што пребива славата Твоја“.
Вдахновен од оваа богоугодна мисла, претходната вечер, на самиот почеток од Петровденскиот пост, нашиот старец Партениј го благослови почетокот на изградбата на првиот храм во Македонија посветен на големиот руски светилник, нашиот радостотворен отец меѓу светиите – преподобниот Серафим Саровски Чудотворец, чиишто темели беа осветени во 2008 г., на денот на св. Партениј Лампсакиски, од стана на митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј. Денес, пак, во посета на Бигорската свештена обител дојде и благочестивиот дарител за изградба на храмот, г. Роберт Хот, сопственикот на градежничката фирма „Хоти-Хот“, којашто, впрочем, ќе ја изведува изградбата на храмот. Господинот Хот, заедно со нашиот старец, го посети манастирскиот овоштарник и скитот на св. Серафим, каде ќе биде изграден новиот храм. Притоа старецот од името на целото наше братство и многубројните љубители на св. Серафим, му се заблагодари на г. Хот за неговото благородно и богољубиво дело. Но, ни великодушниот дарител не можеше да ја сокрие својата голема благодарност кон Бога и Неговиот угодник Серафим, што беше удостоен за вакво бесмртно дело. Нека преподобен Серафим Саровски му биде молитвен застапник пред Бога за спасение на неговата душа и душите на неговите ближни!
Новиот Светисерафимов храм ќе се наоѓа во истоимениот Бигорски скит, во близина на манастирскиот овоштарник. Предвидено е да биде изграден целосно од дрво, во руски стил, со две позлатени куполи, изработени во Киево-печерската лавра и два позлатени руски крста. Всушност, желбата за изградба на храм посветен на Саровскиот чудотворец постои веќе подолго време во срцето на архимандрит Партениј, кој негува исклучителна љубов кон овој чудесен и голем светител од XIX век. Како дополнителен поттик и благослов за издигнување на скит во чест на св. Серафим беше и неговото благоволение во нашиот манастир да пристигне честица од неговите чудотворни мошти.
Преподобен отче наш Серафиме, помогни со твоите свети молитви кон Христа Бога, пред Кого имаш непосрамена слобода, успешно да биде изграден првиот храм во нашата татковина кој го носи твоето препрославено име, и од него непрестајно да се излева твојот голем благослов врз целата Македонска земја!