Реставрирани славните бигорски чешми

Надалеку познатите бигорски чешми во облик на змејови, коишто имаат непроценлива културно-историска вредност, ја доживеаја својата трета и конечна реставрација. Трите змејовски глави коишто го пресретнуваат секој посетител на самата манастирска порта и од чиишто усти блика благословена изворска вода, деновиве повторно заблескаа со својот некогашен сјај.

Овие манастирски чешми, единствени од таков вид, се изработени од легура на месинг, од страна на непознати локални мијачки мајстори. Точното време на нивното настанување, исто така нè ни е познато, но се претпоставува дека потекнуваат најверојатно од времето на игуменот Митрофан, или пак, на неговиот наследник, игумен Арсениј (крај на XVIII и почеток на XIX век), едни од најголемите ктитори на Бигорската света обител.

Со доаѓањето на сегашниот игумен, нашиот старец Партениј, во Бигорскиот манастир во 1995 г., започнува духовна и материјална преродба на ова наше многузначајно светилиште, во коешто со децении бил замрен монашкиот живот. Меѓу опсежните макотрпни возобновувачки дејности, преземени во првите години, свое место си нашле и змејовидните чешми, коишто тогаш биле во навистина лоша и мошне критична состојба и го имале изгубено првичниот лик и убавина. Така, најпрво внимателно биле отстранети долгогодишните наслаги од бигор, кои со текот на времето израснале во големи грутки сраснати за змејовите, особено на долните делови, каде што имало големи оштетувања. Подоцна над нив била извршена втората етапа од реставрацијата со грубо полирање на месингот, за деновиве тие да го дочакаат и своето конечно вознобновување и целосното враќање на нивниот прекрасен изглед. Сега измазнетата површина повторно зрачи со својот блесок.

Патронот на нашата свештена обител, великиот Претеча св. Јован Крстител, посака реставрацијата на неговите славни чешми да биде извршена од вештите раце на македонскиот скулптор Димитар Филиповски од Скопје и неговиот соработник Љубиша Петровски, исто така од Скопје. Дарителот, пак, на потребните средства за ова благородно, родољубиво и благочестиво дело е сопственикот на „Жито Скопје – Силбо“, г. Боби Милев.