Педесетница – Духовден

Светиот Дух е светлина и живот, и жив духовен извор: Дух на премудрост, Дух на разум, на добрина, на правда, на знаење, Кој владее, очистува гревови; Он е Бог и нас нè обожува; Оган Кој од Огнот исходи; Кој говори, дејствува, дарови разделува, преку Кого се овенчаа сите пророци и божествени апостоли со мачениците. Страшен шум, страшна глетка: Оган Кој се разделува заради раздавање дарови.

Стихира од службата на Педестница

Денес, возљубени, славно празнувајќи, неискажливо се радуваме заради слегувањето на Светиот Дух; денес со восторг се радуваме заради „роденденот на нашата Црква“! Зашто денес, воден од бескрајната Своја љубов кон Синот, Духот Свети, Кој исходи од Отецот, со бесконечна послушност брза да ја исполни желбата на Синот и слегува над апостолите. Досега Духот беше Тој Кој Го водеше Христа, а сега, пак, Христос е Тој Кој Го испраќа Светиот Дух. Светиот Дух на Педесетница сведочи за Христа, Го објавува воскреснатиот Господ, како вечно присутен меѓу нас. Со Педесетница продолжува Христовото овоплотување внатре, во животот на Црквата. Тоа е навистина она што со посредство на Духот Свет се случува на светата Литургија, на евхаристиското посветување. И тоа ни е образец за она што се случува во нашиот севкупен живот во Христа.

Денес, на денот на Педесетница, ни се дава неискажлива благодат. Зашто она што на овој ден се случило со апостолите и Пресвета Богородица во горната одаја (Дела 2, 1-4), истото се случува и со секој од нас, кога непосредно после крштението, биваме помазани се свето миро, како „печат од дарот на Светиот Дух“. За секој од нас ова е наша лична Педестница: Светиот Дух, Кој во вид на огнени јазици видливо слегол над апостолите, сега слегува над секој од нас, невидливо, но сепак, не со помала сила. Секој станува „помазаник“, секој е запечатен со благодатта на Утешителот. Од моментот на нашето крштение или миропомазување, Духот Свети, заедно со Христос, доаѓа кај нас и пребива во најдлабокиот храм на нашето срце. Меѓутоа, ако не соработуваме со благодатта Божја, ако со својата слободна волја не започнеме борба со самите себе заради извршување на Христовите заповеди – тогаш присуството на Светиот Дух во нас останува скриено и без плод. Токму затоа, наша света христијанска должност е преку добродетелен и светотаински живот во Црквата постојано да ја бараме благодатта на Светиот Дух; и кога на тој начин онаа педесетничка искра на Духот, присутна во секого од нас после крштението, ќе се разгори во жив пламен – тогаш Духот ќе ги принесе Своите плодови. Негови, пак, плодови се овие: „љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон“ (Гал. 5, 22-23).

 
Славословејќи ја безграничата милост Божја, според која и нам, паднатите и грешни луѓе, ни се дарува дарот на Светиот Дух, нашата свештена обител торжествено го прослави „роденденот на Мајката Црква“. Светлозарната духовденска благодат блесна во храмот уште на саботната вечерна богослужба, а денес се објави во полн сјај за да го круниса ова небесно, празнично ликување. И чиниш утреното богослужение со своите боговдахновени стихири не припреми сите за доаѓањето на Светиот Дух, а божествената, пак, радостотворна Литургија, водена од нашиот старец Партениј и браќата јеромонаси, го потврди како вистинско сведоштво Неговото присуство. Оти каде што е Он, таму сè се исполнува со мир и радост. Навистина, небесната благодат на Светиот Дух тивко се всели во срцата на многубројните богокопнежливи души, едномислено собрани во Претечевиот храм, кој денес, таинствено ја образуваше горната одаја во Ерусалим. Пренесени со духот во таа одаја на Сион, бевме како жедна почва на која полека паѓаше росата од животворни зборови на коленопреклоните молитви за призив на Светиот Дух, што на оваа посебна вечерната богослужба по Литургијата со особено умиление ги прочита нашиот старец, архимандрит Партениј, поттикнувајќи ги сите присутни љубители на Духот Божји смирено да паднат на своите колена, просејќи озарение од Него.

Духу Свети, Утешителу, Кој си насекаде и сè исполнуваш, дојди и всели се во нас, зашто Ти си живот вечен, Ти си сокровиште на сите добра, Ти си слава наискажлива, Ти си надеж непоколеблива, Ти си радост бескрајна и светлина незалезна!