Задушница

Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небескиот Бог. И ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на тебе ќе се надевам!

Пс. 90, 1-2

Овие псаломски зборови што се читаат на почетокот од Панихидата, силно ја изразуваат нашата надеж дека починатите наши отци браќа и сестри, кои за време на животот прибегнале кон Бога, ќе бидат примени во Неговото небесно пребивалиште. Зашто православната Црква, таа наша нежна Мајка, со искрена родителска љубов и топлина се грижи за своите чеда во текот на целиот нивни овоземен живот, хранејќи ги и раснејќи ги со полнотата на Христовата благодат; но таа, исто така, ни за миг не ги заборава ни своите преминати синови и ќерки, оние кои ја оставиле распадливоста и се преселиле во нераспадливоста, кои се сокриле за овој минлив свет и се претставиле пред Судијата Христос. Светите и богомудри отци, богати во љубовта Божја, не само што ни напомнуваат постојано да се молиме за нашите починати отци, браќа и сестри во Христа, туку одредиле и посебни денови – задушници, во кои правиме особен молитвен спомен за оние што ги напуштиле своите тела. Поттикнувајќи нé на молитва за починатите членови на Црквата, богоносните отци нé подучиле дека најголема полза на душите на упокоените им носи искрената молитва соединета со дарувањето милостиња на сиромашните, во нивни спомен.

На оваа Задушница, пред празникот Педесетница, нашите две обители, заедно со мноштво свои духовни чеда, умилно и со љубов се помолија за вечен покој на починатите од веки православни христијани, секогаш спомнуваните ктитори, отците, браќата и сестрите наши. Започнувајќи од петочната вечерна богослужба и панихидата, за да продолжиме и денес со утрената, заупокоената Литургија и трисагијата во манастирската костурница, преку боговдахновените богослужбени песнопенија, ние молитвено си спомнавме за сите оние кои пред нас се оддалечиле од житејските бури на овој свет и запловиле кон тивкото пристаниште. А бездруго, голема е Божјата благодат што добриот Христос ја излева на оние што со смирение и усрдност се молат за своите упокоени ближни. Таа чудесна благодат, како на таинствен начин да ги поврзува живите на земјата со живите на небесата, преку меѓусебната врска на љубовта на Христа животодарителот, во Кого нема смрт и во Кого се сите живи. Затоа да не ги забораваме никогаш повиканите при Христос наши отци, браќа и сестри, кои сега нé повикуваат на молитва и славословие на земјата. Нé повикуваат на молитвено сеќавање и милостиња за нив, а воедно и нé поттикнуваат да ја бараме благодатта на Светиот Дух, правејќи добри дела, зашто и ние некогаш ќе мораме да се одделиме од земјата, за да се населиме во горниот Ерусалим; така оние кои во себе ја стекнале благодатта на Светиот Дух, ќе бидат препознаени од Владиката Христос, кој за нив подготвил места на неопислива радост, во блажената земја на кротките и смирените, каде сé е тихо и безметежно, каде сé е светло и богоугодно, каде што нема тага, грев и огорчение, нема грижи, беспокојства и солзи, а само радост, мир и веселие.

 
Во таа блажена земја, каде што со голема радост царуват сите светии, Христе милостиви, насели ги и душите на упокоените отци, браќа и сестри наши, кои сета своја надеж ја положиле на Тебе, единствениот Бог Творец и Создател и кои заспале во овој земен живот со вера во воскресение и вечен живот. Амин!