Осветување камен темелник и дар на вредна икона

Овој прекрасен неделен ден, ги исполни нашите срца со неизмерна љубов и благодарност кон Бога. Имено, денес, 27/14 Мај 2012 лето Господово, седма недела по Пасха, посветена на Светите Преподобни Отци од Првиот Вселенски Собор во Никеја, по голема Божја милост и на радост на сите верници, во живописното село Галичник се освети камен темелник за новиот храм посветен на Пресветата наша Владичица Богородица, односно на Нејзиното Рождество.Осветувањето го изврши нашиот старец, Архмандрит Партениј, по задолжение и со благослов на надлежниот архиереј, Митрополитот Дебарско- Кичевски г. Тимотеј. Ова богоугодно дело е навистина голем благослов за ктиторот г-ѓа Гора Трпевска, со нејзиниот сопруг Ванчо и синовите Јован и Јане, како и најблиските роднини и пријатели. Откако ја прочита повелбата од митрополит Тимотеј што беше ставена во темелите, Архимандрит Партениј им посака на благочестивите градители постојано да ги имаат благословот и закрилата на нашата најмила Мајка Богородица, Таа да го чува и заштитува селото, нашата татковина и целиот наш православен народ.

Господ сакаше овој ден да ни ја зголеми радоста со уште еден прекрасен дар. Така нашиот манастир се збогати со многу вредна икона од XIX век, на која е изобразен св. Николај Мирликиски Чудотворец и украсена со богата резба. Благочестивиот дар е од битолчанецот г-дин Коста Ѓоргиев, кој со ова свое богоугодно дело го стекна благословот од Претечата Господов и молитвите на нашиот Старец.