предмет: Обраќање – Осврт кон прашањето на воведувањето верското овразование
тема: Вебинар – Религијата во образованието
датум: 12.05.2021
Проф. Др. Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот Богословски факултет Свети Климент Охридски, Скопје
Почитуван господин Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер,
Почитуван декан Шабан Сулејмани,
Почитувани учесници на панел дискусијата на тема:
Како може религијата да ги зајакне достигнувањата во образованието? Потреба од веронаука во училиштата?
Денешната тема за потребата од религиската едукација во основните училишта е од огромно значење, затоа што дава основа и остава простор, да се иницира темата, кои се можните начини и патишта за демократско решавање на ова прашање и во Македонија, имајќи ги предвид како актуелните закони, така и историјата со религиската едукација во образованието во нашата земја.
Проф. Др. Ѓоко Ѓорѓевски
Најнапред, нека ми биде дозволено да ја изразам огромната благодарност до Фондацијата Конрад Аденауер, за организирање на настанот со избор на една толку значајна тема, како што е религијата во образованието, исклучително важна тема за сите времиња, но посебно денес, кога се случуваат радикални реформи во основното образование во нашата земја, со кои целосно се исклучува религиската едукација од наставните планови и програми.
Познато е дека за христијанската, а верувам и за исламската традиција во Македонија, религијата, просветата и образованието се нераскинливо поврзани. Впрочем, почетокот на словенската писменост, образование, култура, идентитет е поврзан со верата. Светите Кирил и Методиј биле свештени лица, кои за да ја забележат и пренесат евангелската порака на разбирлив јазик, ја составиле словенската азбука. Нивното дело е продолжено од светите Климент и Наум, во светиклиментовата школа, како што умееме да кажеме, првиот балкански универзитет, низ кој за 7 години поминале дури 3500 ученици. Сето тоа се случува пред 10 века. Поголемиот дел од понатамошната историја е обележана од туѓински владеења и влијанија, но образованоста и писменоста опстојува преку скриптоиумите и црковните книжевни центри. Подоцна, од манастирските ќелијни училишта ќе се родат првите современи школи на мајчин јазик во склоп на македонските црковно-училишни општини. Значи, низ целото минато нашиот идентитет и духовност е граден врз верата, видена и потврдена како основа на напредокот во многу области, за разлика од денес, кога некои се обидуваат да ја стават на маргините, или уште полошо, под маргините на општеството, да ја дефинираат како противник на прогресот и назадувач во напредните процеси. Таквиот пристап, во име на секуларноста и одвојување на црквата од државата, очигледно има огромно влијание и врз образовната концепција, како и врз местото и улогата на религиската едукација во сите стадиуми од образованието. Но, и во едно секуларно општество, ако е демократско, неопходно е да се одвои простор за религиското образование. Потврда за тоа е начинот како ова прашање го имаат решено бројни европски држави. Овдешниот проблем е во промовирањето и интерпретирањето на секуларноста како бришење и отстранување на религијата од јавниот простор, па и во образованието. При таквата антирелигиска поставеност, свесно или несвесно, се отстрануваат ресурсите коишто можат значително да придонесат во одржувањето и унапредувањето на нашето општество, такво разнобојно какво што е.
Потребата од религиска едукација е уште поголема кога станува збор за земја со повеќе религиски традиции, како што е нашата. Оттаму и потребата од меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог, чија важност денес никој не ја оспорува. Но, се поставува прашањето, дали сум јас подготвен да стапам во таков дијалог и да се запознам со верувањето и традицијата на другиот, ако не ги познавам своето верување и традиција?
На почетокот спомнав дека во тек е интензивно имплементирање на нова концепција во основните училишта, при што единствениот предмет, којшто досега се изучуваше само една година, етика во религиите, исчезна од наставниот план. Од друга страна, пак, голем број на проблематични содржини, спротивни на верувањето и светогледот на граѓаните на оваа држава биваат инкорпорирани во сите наставни програми и планови. Станува збор концепција заснована врз, како што велат, „европските вредности“, во име на инклузивноста, родовата рамноправност, мултикултурализмот, која промовира „едно општество за сите“ во која нема место за верата и религијата.
Денешната тема за потребата од религиската едукација во основните училишта е од огромно значење, затоа што дава основа и остава простор, да се иницира темата, кои се можните начини и патишта за демократско решавање на ова прашање и во Македонија, имајќи ги предвид како актуелните закони, така и историјата со религиската едукација во образованието во нашата земја.
Уште еднаш, благодарност до организаторот, а на учесниците им посакувам успешна и плодна дискусија.