
Почитувани верници,
Свештениот манастир на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица ја има честа и оваа година да ве покани заедно да го прославиме празникот на големиот поборник за верата Христова и наш небесен застапник – Свети Григориј Палама, како и да присуствувате на еден значаен настан за целиот крај – осветување на новиот манастирски конак.
– сабота, 7 март 2026 –
❈ Во 18:00 часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.
– недела, 8 март 2026 –
❈ Следниот ден, недела во 07:30 часот ќе започне Утрената богослужба.
❈ Во 08:45 пречек на Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и потоа почеток на Божествената архиерејска Василиева Литургија. Со светата Литургија ќе чиноначалствува митрополитот г. Георгиј, во сослужение со старецот и игумен епископ г. Партениј, и браќата свештенослужители.
По завршетокот на Божествената Литургија ќе биде благословен и прекршен празничниот колач, а потоа ќе биде извршен чинот на осветување на новиот манастирски конак, наменет за потребите на сестринство на манастирот и на неговата благородна мисија. Темелите на овој конак беа поставени и осветени во 2016 година, на земјиште што манастирот со голем труд го откупи и го употреби за проширување на манастирскиот комплекс.
Благослов да присуствуваат имаат сите кои сакаат заедно со нашето братство и сестринство да му оддадат чест и да упатат молитви кон проповедникот на благодатта, свети Григориј Палама. Богослужбите ќе се отслужат во храмот на свети Георгиј Победоносец.
Со благослов на Епископот Антаниски г. Партениј
игумен на Свештената Бигорска Обител











