Светиот Синод го потврди 18 октомври за соборна прослава на Илјадагодишнината

18 октомври, прослава на Илјадагодишнината


На Синодска седница, одржана на 6 февруари 2020 година, покрај разгледувањето на прашањата од тековниот живот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, по предлог на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, архиереите го одредија 18 октомври 2020 година како ден за соборна прослава на големиот јубилеј на Бигорскиот Манастир и на МПЦ-ОА воопшто – 1000 години од неговото основање.

Освен централната прослава на 18 октомври, предвидени се и други манифестации по повод илјадагодишнината, за кои јавноста дополнително ќе биде известена“ – се вели во соопштението од канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА.

Датумот 18 октомври предходно беше договорен помеѓу нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и Митрополитот Тимотеј, на нивната заедничка средба во митрополитското седиште во Охрид, на 29 јануари оваа година.

Да Му благодариме на нашиот милостив Спасител, Господ Исус Христос и Неговиот чесен Претеча и Крстител, Свети Јован, што нѐ удостоја во наше време и од нашите генерации да биде прославен величествениот јубилеј на славното Бигорско Светилиште!