Директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Валентина Божиновска повикува на зачувување на меѓуверскиот соживот во Македонија, по вчерашниот немил иницидент кога беа потрупани темелите на крстот во општина Бутел, по протестот на ДУИ.
Божиновска со соопштение апелира верниците и муслимани и христијани да ги следат примерите на меѓусебна почит што со децении ги граделе во Македонија нивните прадеодовци.
„Ги повикувам верниците од муслиманска и христијанска вероисповед да ги почитуваат начелата на верата.
Тие добро знаат дека ниту орелот, ниту крстот можат да ги направат победници или поразени. Тие историски живееле во верска толеранција и соживот и самите меѓу-себно знаеле да споделат заеднички моменти во добро и во зло.
Ниту некогаш христијаните се собирале да протестираат против изградба на џамија, ниту пак, им пречела молитвата на имамот.
Тие што вчера ги газеа осветените темели за крстот победници ли беа?
Време е кога и муслиманите и христијаните треба да се вратат на корените на своите прадедовци, зашто токму тие беа урнек како се живееше во Република Македонија.
Време е пред сѐ за човечко обединување. Онака како што можеме самите одвнатре да си помогнеме, тоа никој однадвор нема да го направи за нас.
Ве повикувам да го следиме примерот на поранешниот муфтија и сегашниот градоначалник Ружди Љата и игуменот Партениј, обата го чуваат верскиот соживот во дебарско-реканскиот крај, на Македонците, на Албанците и на Македонците со исламска вероисповед.
Само на тој начин ќе го кренеме заедничкиот бајрак на победа на верската толеранција и соживот во Република Македонија.
Апелирам во овие мигови проблемот да се разреши и институционално.“, стои во соопштението на комисијата за односи со верските заедници, потпишано од Директорката Валентина Божиновска.