Целосна усогласеност меѓу Кипар и Фанар: „Ваша Сесветост, не сте сами“

Извор:

Ф

Денес, на 08 март 2020 година, во патријаршискиот храм на Вселенската Патријаршија „Свети Георгиј Победоносец“ беше отслужена патријаршиска Божествена Литургија по повод Неделата  на Православието. Божествената Литургија ја возглави Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во сослужение со Неговото Блаженство, Архиепископот на Нова Јустинијана и на цел Кипар г. г. Хризостом II, со Негово Високопреосвештенство Андидонскиот Архиепископ г. Нектариј (Ерусалимска Патријаршија), Епитроп на Метохот на Ерусалимската Патријаршија во Фанар, како и со ред други Архиереи и јереи од двете помесни Цркви.

За време на Богослужбата, името на Митрополитот на Киев и на цела Украина г. г. Епифаниј, беше два пати спомнато во Диптихот на Вселенската Патријаршија од Вселенскиот Патријарх, во сослужение со Архиепископот на Кипар. Според канонскиот ред, тоа всушност значи и признавање на автокефалијата на една помесна Црква, во овој случај автокефалијата на Православната Црква во Украина.

Следна стапка е Архиепископот на Кипар да го додаде Киевскиот Митрополит Епифаниј во своите Диптиси, откако ќе се врати во Кипар. Така ќе се заврши признавањето на автокефалијата на Црквата во Украина од страна на Кипарската Црква. Во своето слово од 06 март 2020, Кипарскиот Архиепископ изјави дека за него не е проблем признавањето на автокефалијата на Црквата во Украина. За него поважни се проблемите на и во Православието, алудирајќи индиректно на политиката на Москва.

Сослужение на двајцата претстојатели во Неделата на Православието има и симболичен карактер. Имено, Кипарската Црква ја прима својата автокефалија на Третиот Вселенски Собор во Ефес во 431 г., и затоа оваа Црква отсекогаш ја почитувала Вселенската Патријаршија како Мајка-Црква. Од друга страна, ова сослужение е важно за денешната ситуација во врска со Црквата во Украина, бидејќи Кипарскиот Архиепископ се смета за еден од главните Претстојатели, коишто посредуваат одново да се врати мирот во Црквата.

Во своето пригодно слово за Празникот, Вселенскиот Патријарх се осврна на автокефалијата на Црквата во Украина и за враќањето на милиони Украинци (над 30-35 милиони) во Православната Црква.

„Реакцијата против украинската автокефалија, дека нема канонска и еклисиолошка основа е еманација на злобни намери за трансформирање на боговостановената Црква во една световна институција, којашто функционира врз основа на туѓи за нашето познато црковно предание принципи, како и на туѓи намери и интереси, коишто ги игнорираат евхаристиската еклисиологија и соборниот идентитет на Црквата“, изјави Вселенскиот Патријарх.

Вселенскиот Патријарх уточни дека решението да ѝ додели автокефалија на Црквата во Украина „е важна канонска одговорност на Првопрестолната Црква во Православието…, права, загарантирани од Вселенските собори и долгогодишната нејзина црковна пракса“.

Тој спомна и за религиозниот фундаментализам во света, којшто се обидува да навлезе и во Православната Црква, а кој го нарушува мирот во Црквата и во светот воопшто.

Во своето слово, пак, Архиепископот на Кипар заблагодари за поканата за сослужение, испратена од Вселенскиот Патријарх.

Од своја страна, Кипарскиот Архиепископ напомна за вековната врска меѓу двете древни Цркви, за нивното учество на сите Вселенски Собори, како и за нивната борба за  правилното исповедание на догмите на Црквата.

„Во Константинопол и во други градови на Вселенската Патријаршија, биле организирани сите Вселенски Собори“, потсети Архиепископот Хризостом.

„Днес ние, Ваша Сесветост, уште еднаш ги потврдивме нашите древни и историски врски на љубов и почитување меѓу Мајката Црква, Вселенската Патријаршија и нејзината древна ќерка, Кипарската Црква“.

„Вселенскиот Престол е светилник на нашата православна вера и Црква уште од времето на византиските императори“.

„Разгледувањето на апелациска жалба (еклитон), Светото Миро, ставропигијалните  манастири и др. се дел од очигледните одговорности на Константинопол“, изјави Архиепископот Хризостом II. Тие се и пример за единството, каноничноста и врската со Мајката Црква и останатите помесни Цркви.

„Која од поновите Цркви не беше создадена од нејзините јадра?“, дополни г. Хризостом. „Канонските одговорности на Константинопол раѓаат живот“, дополнувајќи дека „заради тој живот, Ваша Сесветост, вие се убивате, се распнувате на крст, трпите секојдневни тегоби и  притисокот во целото Православие“.

Врз Мајката Црква се падна целата тежина во Православието, таа ги понесува сите негативи и напади. Тој изјави дека Мајката Црква не е сама, бидејќи сите се со неа.

Архиепископот Хризостом го определи Фанар како „општ дом, заеднички дом на сите православни“. Господин Хризостом подвлече дека „православното богословие со погрешна еклисиологија може да нѐ доведе до заблуда, а ние тоа не го сакаме“.

„И да немавме прв, ќе го баравме“, додавајќи дека сепак „прв среде еднаквите имаме. Црквата тоа го востановила“. Првиот среде еднаквите е Вселенскиот Патријарх – нешто, определено од Вселенските Собори.