Гостопримството: Тема на научната конференција во манастирот „Бозе“, Италија

Извор:

Од 06 до 10 септември во манастирот Бозе, во близина на градот Сантија, Пиемонската област во Италија, се одржа 25 – та научна конференција за православната духовност. Годинешнава тема беше „Дарот на гостопримството“. Нејзината актуелност собра во манастирот духовници и научници од 38 земји. Нејзиното отворање беше проследено од страна на двајцата Патријарси – Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Патријархот на Александрија и на цела Африка Теодор II. Гостин на собитието беше и Претстојателот на Православната Црква во Америка, Митрополит Тихон. Меѓу научниците свои излагања имаа: проф. Хризостомос Стамулис од Аристотеловиот Универзитет во Солун, проф. Пол Маендорф од Православната семинарија Св. Владимир во Њујорк, проф. протојереј Раду Бордеану од Питсбург и други. Првото излагање на конференцијата го имаше Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, кој зборуваше на тема: „Човекот како гостин и домаќин на земјата“. Игуменот на манастирот Бозе, отец Енто Бјанки, го посвети своето излагање на Христовите зборови „Странец бев и Ме примивте“ (Матеј, 25,35). Интересно беше излагањето на монахот Јустин од Синајскиот манастир „Св. Екатерина“ на тема „Подвигот на туѓинувањето кај Св. Јован Лествичник“, додека, пак, Пол Маендорф изнесе предавање за литургиското разбирање на гостопримството и општењето. Раду Бордеану од Питсбуршкиот Универзитет зборување за „Евхаристиското гостопримство“ и направи феноменолошка анализа на современото православно богословие, а игуменот Симонопетриски Елисеј се осврна на „Атонското гостопримство и христијанскиот етос“.

Конференцијата заврши со послание од отец Енто Бјанки, којшто како долгогодишен игумен на манастирот Бозе, секоја година им укажува христијанско гостопримство на духовници и богослови од цел свет, независно од нивната деноминациска припадност, оставајќи им можност да дискутираат и да ги продлабочуваат своите истражувања во областа на православната духовност.