Грција: револт против супермаркетот „ЛИДЛ“ поради отстранувањето на крстот од својата амбалажа

Извор:

Сакате живописен грчки пејзаж со црква во него, но ви пречи крстот, навидум поради  демократски принципи, а всушност, од погрешно сфатени ставови за политичка и религиозна коректност? Нема проблем, едноставно отстранете го крстот – во овој случај неколку крстови… Звучи неверојатно, но е вистинито. Се случи во Белгија и беше направено со помош на фото шоп, од страна на добро познат германски ланец на супермаркети.

Овој досега невиден инцидент беше објавен од страна на ТВ каналот РТЛ, кога Белгиски клиент на ЛИДЛ се побуни против овој дрзок фото шоп потег.

„Јас сум шокиран што гледам дека маркетот на своите грчки продукти, се осмелува да избрише дел од грчкиот пејзаж и култура“, пишува клиентот по име Антоан. Својата забелешка тој ја потврдил со фотографии од амбалажата што тој ја купил во Белгија. На нив позната црква на посветена на Воскресението Христово во Санторини, се појавува без крст. Од оваа амбалажа, карактеристична за грчките традиционални продукти, во последно време некој дигитално го избришал крстот.

„Го замоливме ланецот на маркети да ни објасни зошто крстот е отстранет“, изјави за ТВ каналот вознемирениот клиент. „Од таму добивме одговор: ’Избегнуваме да ползуваме религиозни символи, бидејќи не сакаме да издвојуваме религиозни убедувања. Ние сме компанија која го почитува мултикултурализмот и токму тој принцип е илустриран на дизајнот на амбалажата‘. Од ланецот на маркети, сепак, не објаснија зошто е избран токму тој пејзаж, а не онаков кој нема црква или друг христијански символ“.

Коментар од уредниците на сајтот:

Се прашуваме до кое ниво ќе се развива таа лажна демократија, односно наводната толерантност и грижа да не се навредат религиозните чувства на припадниците на другите религии?! И кој е тој на кого што му пречат христијанските религиозни символи? Зарем сега треба во името на таа квази демократија, на барање на некоја религиозна група, да почнеме од секаде, а не само од амбалажите, да ги отстрануваме нашите религиозни символи за некој да не се навреди?! За жал, тоа донекаде веќе се случува во Европа, во чиишто земји луѓето се казнувани и опоменувани дури и доколку јавно носат крст на себе. Но очигледно е дека таа претерана и неоправдана грижа за верските чувства на другите, крие во себе и една друга позадина, а тоа е сѐ поотворено гонење на Христијанството. Ова се потврдува и со амбалажите на споменатиот маркет. Имено, никој нема проблем со тоа што на амбалажите на традиционалните производи со потекло од будистичките, еврејските или исламските земји, стојат нивните религиозни символи. Но доколку, навистина, се повикуваме на споменатата верска толеранција, која насекаде се проповеда низ Европа, тогаш не би требало толку да стравуваме дека нашата употреба на религиозни символи би навредила или разгневила некого. Зашто верската толеранција не треба да се сфаќа еднострано, односно треба да се применува доследно, а не само во поглед на една религија. Е сега размислете што би било доколку и Христијаните, под изговор на навреденост на нивните верски чувства, почнат да бараат од другите религии отстранување на нивните религиозни символи! До каде би одело тоа? Дали ова што сега се случува е во контекст на општиот апсурд што владее насекаде или, пак, во прашање е нешто друго?