1378

Завештанието на митрополитот на Кавала, Прокопиј (1939-2017)

Извор:

На 29-ти јули 2017 се упокои во Господа митрополитот на Филипи, Неапол (денешна Кавала) и Тасос, г. Прокопиј, на возраст од 78 години. Причината за смртта беше застој на срцето.

Блажениот митрополит Прокопиј (Михаил Константинов Цакумакас) беше роден во 1939 година, во Вуно, о. Хиос. Завршил Црковно училиште во Коринт во 1958 и Богословски факултет во Атина во 1963. Во 1960 година е ракоположен за ѓакон, а во 1965 за презвитер. Во 1974 година е избран за митрополит на Филипи, Неапол и Тасос.

Продолжувајќи го делото на своите претходници архиереи, го доградил интернатот на Свети Сила, подигнал нова зграда за Духовниот центар на Митрополијата, со простории кои му служат на пастирското дело на епархијата, како сала за собири, библиотека, музеј и сл.

Митрополитот Прокопиј си отиде при Господа после 41-годишна архиерејска служба. Овие денови беше објавен неговиот тестамент, што го објавуваме во целост.

Воскреснатиот Господ нека го упокои во земјата на живите!

 

Тестамент на митрополитот на Филипи, Неапол и Тасос, Прокопиј:

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Најмалиот помеѓу епископите, митрополит на Филипи, Неапол и Тасос, Прокопиј, своерачно го составувам овој тестамент.

Размислувајќи за крајот на мојот земен живот, кој доаѓа ненадејно, и во негово очекување, најкратко можно ја запишувам својата волја за насочување на човечките прашања и задолженија, во очекување и предвид на мојот вистински и бесконечен, блажен живот во мојот Господ и Бог, на Кого Му оддавам слава и бескрајна благодарност, а ги исповедам и сите дарови кои ми ги подари мене, недостојниот.

Имајќи ги пред очи моите духовни браќа и чеда во Господа од црковната област што ја добив, соработниците и поддржувачите, браќата и пријателите од времето на моите студии и понатамошната моја црковна служба и моите роднини по плот, смирено барам извинување ако сум ги огорчил или онеправдал, а прошка од оние на кои сум им наштетил. Уверувам навистина, дека ако нешто слично се случило, не било последица на намерна цел од свесно непријателска или злонамерна расположба. Многу рано сфатив дека болката и искушенијата причинети од однесување кое е спротивно на етичкиот закон, се многу поголеми од оние предизвикани од други причини.

Според тоа, од длабочината на душата им проштевав, а и сега им проштевам на сите кои со збор или дело ме обесправиле. Уште повеќе на оние, кои сами од себе или поттикнати, целеле кон моја штета, ослободувајќи ги од мојата собрана болка и мака.

Со извинувањето и со љубовта се надминуваат сите негативни работи во животот. Братољубието и расположбата за несебично сочувство му даваат вистинско значење на животот и со нив се олеснува тешкиот јарем на растроеноста. Само да љубиме. Да не злопамтиме. Секогаш да проштеваме.

Што се однесува за подвижниот имот што е под моја власт и се наоѓа во домот на Светата Митрополија, следново:

а. Мојата лична библиотека. Повеќето наслови се заведени електронски и се предадени на Библиотеката на Светата Митрополија, која треба да се направи. Незаведените и останатите да се предадат, зашто се работи за ретки книги со номоканонска содржина.

б. Архиерејските одежди кои датираат од пред 1960 година, што ги наследив од мојот блажен Старец, Митрополитот Коринтски г. Прокопиј, да се дадат на Музејот на Светата Митрополија, кој треба да се направи во зградата соседна на Митрополијата, која е дар од Здружението на тутунопроизводители на Кавала, зашто поради нивната старост имаат особена вредност.

в. Ова се однесува и на две митри, кои според староста видливо се разликуваат. Истото и за архиерејските жезли, дикиротрикири и крстови и панагии. Останатите да бидат за Митрополијата, со молба, ако не го сторам тоа јас, по едно полно одејание од поновите, со митра, патерица, крст и панагија да се даде на: 1. Митрополитскиот храм на Свети Јован Претеча, 2. Соборниот храм на Свети Павле, и двата во Кавала и 3. на храмот на Вознесение Христово, во моето родно место Вуно, на Хиос. На свештенопроповедникот архимандрит Павле и на клириците соработници во Митрополијата, да им се даде како благослов по една панагија, во знак на благодарност за нивната служба кон мене.

На моите сестри по тело и на нивните чеда, како и на останатите мои роднини им го давам својот благослов и пожеланија за напредок во сè. Особено ги молам моите внуци Михаил и Николај да ги разрешат случајните незавршени работи од семејна и граѓанска природа. Што се однесува на мојата лична сметка во Банката Пиреос, сè останато што ќе се најде, после покривањето на болнички трошоци, грижа и слично, да се даде на Светата Митрополија за поткрепа на особената сметка за црковни стипендии. Други банкарски сметки на мое име се однесуваат на работи на Митрополијата и се предвидени за опремување на Центарот за грижа за хронично болни, кој се привршува во Манастирот на Свети Сила, за реновирање на детскиот камп и домот во Калирахи на Тасос, за Музејот на Светата Митрополија и за сè останато што е предвидено и планирано. Овие средства припаѓаат на Митрополијата за одредените цели и со нив немаат никаква врска моите роднини. Гореспоменатите внуци ги молам, секако, ако имаат можност, да даваат во касата за стипендии по една стипендија во спомен на оној кој ги поддржуваше нив во првите тешки години кога беа сираци, а како што и самиот тој на истиот начин беше поддржуван.

Завршувајќи, повторно се обраќам кон моите духовни браќа и возљубени чеда. Во покајание ги барам вашите молитви и прошка, пожелувајќи преку нив секаков дар од Бога. На оние што неправедно и без причина ми згрешиле им проштевам, предавајќи ги на милоста и правдата Божја.

Работете за живата љубов кон Бога и луѓето и секогаш со љубов однесувајте се. Добра средба во идниот Град!

Во Неапол (Кавала), 2 јуни 2014,

Прокопиј на Филипи, Неапол и Тасос