За неракотворните храмови

Во Бигорскиот манастир, посветен на Претечата и Крстител Господов, пристигнавме доцна попладне. Дворот, храмот – исполнети со луѓе – млади и стари, мажи и жени, и многу деца.

21586255_1671745169516096_11758707_nМеѓу нив и монаси со коишто разговараат. Се обративме кон еден од нив – јероѓаконот Силуан, му кажавме од каде сме и тој нè покани во гостоприемницата. Нè почестија со кафе и локум – во навечерието сме на Успение Богородично. Дојде и отец Кирил – библиотекарот на Манастирот – насмеан и срдечен. Разговорот потече лесно, природно, како меѓу сродни во Христа: за историјата на манастирот и неговиот устав, за верата, за Црквата, за нештата, коишто од веки нѐ поврзуваат, за надежта за заедничка иднина меѓу православните христијани во Бугарија и Македонија…

Јадевме во големата манастирска трпезарија и нѐ одведоа да ни ја покажат новата приемна – во соседство со трпезаријата. Со усилие го креваш својот поглед од неверојатната убавина на паркетот, мебелите со прекрасни дрворези и дамаски, и „ја читаш“ историјата на Обителта, насликана во медалјони во горниот крај на ѕидовите: како св. Јован Бигорски (основателот на Манастирот) ја наоѓа на тоа место иконата на св. Јован Крстител, облеана во светлина, што до днес се чува во манастирскиот храм како бесценета светиња; како подвижникот го гради манастирот; двократното разрушување и опустошување на Обителта од Турците – през 14-ти и през 16-ти век и убивањето на монасите; нејзиното возобновување во 18-ти век и најновата ѝ историја, одбележана од имињата на игумените: Иларион, Митрофан, Арсениј и Партениј – егзархиски духовник, ѕверски измачуван и убиен од Србите, како и денешниот игумен кој го востановил монашкиот живот во Манастирот – архимандрит Партениј.

Секој од нив додал во свое време по нешто врз здравите темели на оваа Света Обител: соборниот храм и неговото благоукрасување, монашките крила и параклисите во нив, конаците за гости и најскапоценото наследство– монашкото братство – усрдни последователи на св. Јован Претеча, коишто не жалат сили, по призивот на својот небесен покровител, „да го приготват патот на Господа, прави да ги прават патеките Негови“ во срцата на луѓето.

27 монаси се подвизуваат денес во Манастирот под духовното раководство на игуменот архимандрит Партениј, сите под 50 години. Меѓу нив пет јеромонаси, тројца јероѓакони.

Заедно со монасите се трудат и живеат и страдалците од наркозависност, за коишто дедо Партениј и браќата се грижат со години. Десетици се вратиле кон нормалниот живот – имаат семејства, деца, работа, а нивната врска со Манастирот и Црквата останува жива и постојана. Кон тоа духовно семејство се вбројуваат и сестрите од манастирот Рајчица и „Благовештение Богородично“ покрај Кичево, попознат како Пресвета Богородица – Пречиста.

DSC_6897Тука, во Западна Македонија, речиси на границата со Албанија, заспиваме со пеењето на оџата од селото на спротивната падина, се будиме со биењето на клепало и ѕвон од камбана за утрената служба и раната литургија во манастирскиот храм и потоа – долга беседа на кафе со игуменот отец Партениј. Впечатлива личност. Толкава нелицемерна љубов му го исполнува срцето и ги полева сите наоколу! Љубов, којашто ги привлекува луѓето и ги задржува околу него, а преку него – околу Манастирот и во Црквата Христова.

Раскажуваат, дека кога о. Партениј дошол во Бигорскиот Манастир пред повеќе од 20 години, во 1995 г., Обителта била запустена, единствено во храмот – празен, претворен во музеј, го покажувале уникатниот иконостас – прекрасен образец од Дебарската школа.

Ќе поминеле понекогаш туристи, дојдени во реонов заради одморалиштето Маврово, ќе запалеле свеќа, ќе разгледале и си заминувале. Тој започнал да разговара со нив, да ги кани на кафе, да беседи со нив и тие обични луѓе, коишто тргнале во одморалиштето, започнале да се вслушуваат, да се задржуваат, да се враќаат пак, и пак… Сега отец Партениј има илјади воцрковени духовни чеда во цела Македонија, за коишто тој е беспорен авторитет и наставник во верата и благочестието.

Почетокот не бил лесен и основната несреденост била најмалиот проблем. Сите околни села се муслимански. Кога отец Партениј се заседнал во манастирот, полицијата морала да внимава да не изникне напрегнатост. За време на војната од 2001 година, кога ја градел Рајчица, страхувале за неговиот живот и го советувале да си отиде оттаму, но тој останал. Му предложиле да му дадат пушки за самоодбрана. Тој ветил дека ќе размисли. Следниот ден им кажал дека ако земе пушки во манастирот, ангелите ќе си заминат оттаму. И откажал.

Дедото си спомнува како првата година на Велигден во храмот биле само пет луѓе, заедно со мајка му и тетка му, и кажува со очи, полни со солзи на умиление:

– Видете сега каква благодат Божја се излива над Манастирот, колку млади монаси, коишто живеат со Христос, колку народ! Тоа да не е од мене? – та јас сум грешен човек. Тоа е благодат.

Кога братството пораснало, игуменот видел дека старите конаци северно од храмот веќе не можеле да го соберат и имал желба да построи друга зграда, источно од храмот. Скап потфат, којшто барал да се ископа планината и да се укрепи со дебел бетонски потпорен ѕид, за да не го затрупа Манастирот, а пари немало и градењето доцнело. Тогаш архимандритот Партениј рекол дека е добро да го посветат параклисот, што планирале да го градат во тоа крило, на некој светец, та по неговите молитви делото да тргне. Го избрале св. Николај, зашто о. Партениј го започнал својот духовен пат во Светогорскиот манастир Григоријат, чијшто главен храм е посветен на него, и по молитвеното застапништво на Мирликискиот Чудотворец, точно на денот на неговата прослава, од Владата на Македонија се јавиле дека ќе одобрат доволна сума за изградбата на потпорниот ѕид на крилото.

DSC_7183

Целиот живот на отец Партениј и на раководените од него монаси е исткаен со чудеса. Уште како 16-17 годишно момче доаѓа со други поклоници од Македонија при Старец Клеопа и ја добива како благослов личната бројаница на Старецот, со укажување дека тој ќе стане монах. Исправен во недоумение на крстопат што да прави, Старец Паисиј му кажува дека за скоро ќе го повикаат по телефон на служба и така стигнува во запустениот Бигорски манастир. На чудесен начин се спасуваат од пожарот, што избувнал на 30 септември 2009 г., и ниту еден од браќата не пострадал. И покрај непостоењето на противпожарен систем, Бог ги известува за опасноста и едвај кога сите во недоумица излегле надвор, распламтува огнот и за една ноќ пеплосува сè во коешто вложиле труд, средства, сили.

– Утрото бев очаен – си спомнува игуменот. – А следниот ден отслуживме литургија и кога видов како оддолу доаѓа река од народ и секој носи по нешто, разбрав, дека тоа е, всушност, Црквата, дека сме изградиле неракотворен храм и тоа е најважното. Зградите се рушат и се градат. Ете, ги изградивме одново и тоа беше дело на целиот народ. Целиот народ се крена и го изгради манастирот. Доаѓа една баба со бастунчето и носи 1000 евра, што ги заштедила за своето погребение и сака да ги даде за манастирот. Тоа е чудо!

Чудо е во такви тешки времиња да се изгради манастир како Бигорски среде муслимански села. Чудо во наше време се и овие монаси и монахињи – чедата на отец Партениј. Со детска незлобливост и чисти, срдечни и гостопримливи. Тие не само што ги отворија вратите на манастирите за нас, ами и своите срцата. Поврзани сме со тие браќа и сестри во веки со мисла и љубов, и взаемна молитва, зашто дедо Партениј нѐ посинови, нѐ прегрна во своите топли прегратки како најсакани чеда, ни ја подари својата нелицемерна љубов. Не знам зашто. Бог знае. Тоа е со ништо не заслужен дар за нас.

21744532_1671745276182752_1254957092_n

Ние ќе бевме почестени да бидеме само среде луѓето кои го исполнуваат храмот докрај и само да го ѕирнеме како минува, како служи, а тој се доближи до нас, ни оддели време и разговараше со нас, и покрај својата огромна зафатеност; мислеше за нас, и преку целиот наш неколкудневен престој во Македонија, тој се грижеше насекаде да се чувствуваме добро. И јас знам дека таа негова грижа нема да одмине со нашето заминување, дека така ќе биде секогаш.

Си спомнувам сега за сите нив – за браќата од Бигорскиот манастир, за сестрите од манастирите Рајчица и Пречиста, за сите чеда на отец Партениј – и си мислам: Господи, колку се чудесни Твоите обиталишта, колку се прекрасни луѓето, што си ги претворил во Твои храмови!

Автор: Александра КАРАМИХАЛЕВА, Църковен вестник, брой 17.