Кумрански ракописи: Откриена уште една пештера близу Мртвото море

Пештерата во која се чувале ракописите
Пештерата во која се чувале ракописите

Археолозите што го спроведуваат ископувањето во Јудејската пустина, пронајдоа пештера во која некогаш се чувале ракописи од Мртвото море. Ова е прво такво откритие после повеќе од 60 години. Во изјавата на Еврејскиот Универзитет во Ерусалим се вели дека во пештерата ги немало древните ракописи, коишто веројатно биле однесени од таму од страна на бедуините во почетокот на 50 – те години од минатиот век. Во пештерата биле пронајдени остатоци од глинените ќупови, парчиња од ткаенината во која биле завиткани ракописите и кожни ремени.

Глинените садови и остатоци од ткаенина биле пронајдени во нишите по должина на ѕидовите на пештерата, а исто така и во тунелот долг 4 до 6 метри во западниот дел од пештерата.

„До денес се сметаше дека ракописи од Мртвото море се чувале во вкупно 11 пештери во Кумран, но денес нема сомневање дека е пронајдена 12 – та пештера“, вели д-р Гудфелд.

„Иако не ги пронајдовме свитоците, освен еден кус пергамент, свиткан и скриен во сад којшто сега се испитува, ископувањата сведочат дека во пештерата несомнено се наоѓале ракописите што ги зеле бедуините“, смета археологот.

„Средиште на пронајдокот е ќупот, во кој биле скриени свитоците и ткаенината што ги покривала, кожниот ремен којшто го врзувал свитокот, ткаенината во којашто биле завиткани свитоците и делови од кожа“, раскажа научникот.

Во пештерата исто така бил пронајден печат од декоративен вид на кварц, што укажува на тоа дека во неа живееле луѓе во предисторискиот период. Дека ракописите веројатно биле земени од бедуините, укажува фактот дека во пештерата биле пронајдени два железни копачи со современ изглед. „Сметам дека тие се пробиле во тунелот од пештерата, ги нашле таму ќуповите и ги извадиле од нив свитоците“, вели д-р Гудфелд, „тие дури и ги одвиткале свитоците, а остатокот едноставно го фрлиле“.

Според неговото мислење, тоа откритие е можеби првото во цела низа откритија, бидејќи во тој реон на Јудејската пустина, постојат уште стотици неиспитани пештери.

Ракописите на Мртвото море датираат почнувајќи од IV век пред нашата ера. Тие содржат повеќе од 800 документи на Иврите на арамејски и грчки јазик.

Ракописите биле пишувани претежно на пергамент и папирус. Најраните се копии на многу библиски текстови, но исто така има и многу битови записи за животот во I и II век од нашата ера.

Првите ракописи на Мртвото море биле пронајдени во 1947 година од страна на млад овчар бедуин којшто се спуштил во пештера близу селото Кумран на брегот на Мртвото море, во потрага по загубени овци. Некои научници сметаат дека ракописите биле создадени од членови на Јудејската секта есеи кои живееле во областа на Кумран.

Извор: Православие.ру