Митр. Николај Пловдивски: Нечовечно е со рамнодушност да гледаш како Православните во Македонија страдаат

Извор:

Пловдивскиот митрополит Николај по повод 24-ти мај испрати посебно окружно послание до клириците и народот на Пловдивската митрополија. Иако целото послание е напишано во духот на кирилометодиевското дело, тоа не е посветено единствено на нив, туку и на македонското црковно прашање. Притоа, владиката Николај мудро го предостава решението на ова прашење во рацете на Вселенската Патријаршија, којашто е Црква-Мајка на сите помесни православни цркви на Балканот, како и на Руската, а и пошироко во православната екумена. Бидејќи според своето основање Охридската архиепископија е византиска творба, така и решението за нејзиното признавање, и од историски и од канонски аспект, ѝ принадлежи на Главата на сите православни, Вселенскиот Патријарх.

„Се прашувам како е можно во текот на десетици и десетици години, Православните Христијани отаде Деве Баир да бидат третирани како расколници, нивните свештеници да не можат да сослужуваат со свештениците на другите православни Цркви, да се плашиме од учеството едни со други во благодатната света Литургија? Зарем тоа беше идејата на Светите браќа Кирил и Методиј, кога ни дадоа азбука, со која ќе го разбираме Словото Божјо и ќе се разбираме помеѓу себе? Со сигурност тоа не била нивната идеја! Зошто се ангажираме за македонското црковно прашање? Се ангажираме зашто бевме ангажирани. Не може да се отфрли раката што бара помош. Не може да се гледа рамнодушно како Православни Христијани страдаат во текот на повеќе од педесет години и да не ти трепери срцето. Не е човечки“.

Митрополитот Николај гласаше против решението на Светиот Синод на БПЦ од 14 мај, со кое Синодот реши да не испраќа свои претставници во Охрид за одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија. Против ова решение гласаше и претседателот на Комисијата за востановување на канонски статус на МПЦ-ОА, митрополит Кипријан.

Решението од 14 мај беше донесено во отсуство на патријархот Неофит, кој многукратно повика за поткрепа на МПЦ-ОА.

Помеѓу другото, митрополитот Николај вели дека БПЦ како „првородна ќерка на Вселенската патријаршија“ го нема правото самостојно да дава автокефалија, но може да се заложи за МПЦ-ОА, во духот на братската љубов.

„Ако не може да се постигне согласност на местото каде што се појавила дискусијата, следува спорните страни по своја иницијатива да отидат пред Константинополскиот патријаршиски престол, во својство на апелација, посочен како таков од Светите отци на Вселенските собори“.

На крај, пловдивскиот архипастир ја изразува својата надеж дека „Бог ќе се одзве на нашите молитви и молитвите на страдалниот македонски православен народ и ќе помогне неговата агонија да биде прекината“.

Целото послание прочитајте го на Религија.мк