
Во присуство на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во неделата на 22 јуни 2025 година, во местото Малдон, Англија, беше извршено осветувањето на новоизградениот параклис посветена на Свети Софрониј Атонски, основачот на Манастирот на Свети Јован Претеча во Есекс. Со ова свечено и радосно чинодејствие началствуваше Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Тијатирски и на Велика Британија г. Никита.
„Овој ден на осветување,“ рече Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, „е навистина ден на радосно спомнување и историско славење. Тоа е ден што носи исполнување и завршување на еден круг на молитвено очекување и надеж.“
Неговата Сесветост се присети на тоа како Свети Софрониј Атонски, кој беше впишан во Диптихот на Светите од страна на Вселенската Патријаршија во 2019 година, го основал Манастирот на Свети Јован Претеча во Есекс во 1959 година, и како истиот дошол под омофорот на Вселенската Патријаршија во 1965 година. Со растот на заедницата, се појавила потреба од поголем храм. Патријархот изјави: „Осветувањето на храм е ретка и свечена прилика. Оваа градба беше предвидена уште во 1992 година, кога Старец Софрониј ги собра браќата и сестрите од оваа благословена обител, за да им соопшти дека дошол мигот за изградба на нов храм – како знак на благодарност за нивното конечно вкоренување, бидејќи манастирот веќе цврсто се беше востановил. Заедницата, која тогаш веќе одговараше на духовните и пастирски потреби на бројни поклоници од целиот свет, имаше потреба од простор што ќе ги задоволи потребите на множеството.“

Патријархот Вартоломеј, исто така, се наврати на својата патријаршка посета на Велика Британија во 2022 година, кога беше положен камен-темелникот на новиот храм: „Тоа беше вистинска чест, радост и благослов,“ рече тој, „да го положиме темелниот камен на овој храм за време на едно возвишено и незаборавно богослужение, токму пред три години, во рамките на нашата патријаршка посета по повод 100-годишнината од основањето на нашата Архиепископија на Тијатир и Велика Британија.“
Неговата Сесветост подвлече дека чинот на осветување не се однесува само на една материјална градба: „Овој ден на осветување,“ рече тој, „не се однесува само на тули и малтер. Како што пееме на вечерната служба: ’Ова е начинот на обнова на човекот‘, или негово осветување. Вака го славиме осветувањето на еден храм. Тоа, пред сè, е спомен на заедништвото на светите. Со други зборови, тоа е празнување на преемството на светоста. Имено, како што зборуваме за апостолско преемство во канонскиот поредок и ракополагањето на епископите, така постои и харизматско преемство во духовното и мистично искуство на светителите.“
Свети Софрониј Атонски (1896-1993)
Светиот архимандрит Софрониј Атонски се родил како Сергеј Семјонович Сахаров во 1896 година во Москва, во благочестиво православно семејство. Уште од младоста покажал голема склоност кон духовниот живот и уметноста, студирајќи сликарство во Москва, пред да го пронајде својот вистински призив.
Во 1925 година, водејќи се од божествената благодат, заминал за Света Гора Атонска каде што се замонашил во манастирот Свети Пантелејмон. Таму станал духовно чедо на големиот и свет Старец Силуан Атонски, кој ќе остане негов духовен водач до своето преминување во 1938 година. Под раководството на Свети Силуан, младиот монах се Софрониј воздигнал во височините на духовното совршенство.
По Втората светска војна, поради тешките услови на Атон, архимандрит Софрониј заминал за Англија, каде што во 1959 година основал манастир посветен на Свети Јован Крстител во Есекс. Овој манастир станал духовен центар за многу души кои барале автентичен православен духовен живот на Западот.
Свети Софрониј бил исклучителен богослов и духовен писател. Неговите дела, особено „Старец Силуан“ и „Да се види Бога каков што е“, станаа класични трудови на православната духовност. Тој бил сведок на живото предание на светите отци и преносител на исихастичката традиција.
Починал мирно во Господа на 11 јули 1993 година, оставајќи зад себе богато духовно наследство. Покрај православната, и Англиканската црква го почитува како свет, а неговото учење и понатаму им служи на верните во нивниот стремеж кон богопознание и духовно совршенство.
„Христос е Седржител, но со силата на смирената љубов. Тој нè љуби духовно, и покрај нашето нечуствително однесување. Нè повикува, секогаш е подготвен да одговори на нашиот повик за помош и да ги патеводи нашите колебливи и несигурни чекори низ сите пречки што се појавуваат на нашиот пат. Нè почитува како рамни со Себе. Неговиот највозвишен идеален стремеж е да нè види во вечноста вистински рамни со Него – Негови пријатели, браќа и синови на Отецот. Тој се бори за тоа, жеднее за тоа со сета своја сила. Тоа е нашиот Христос – и како човек седи оддесно на Отецот.“
Свети Софроније, моли Го Бога за нас!