Сеќавање за етнологот Нијази Лиманоски и поетот Саме Жарноски

Во присниот и музејски амбиент на етно-ресторанот „Куќа на Мијаците“, крај прекрасната Радика, денес, во организација на Сојузот на Македонците со исламска религија, а поддржано и од Свештената Бигорска Обител, се одржа едно светло културно сеќавање за двајца наши видни родољубиви дејци од минатиот век: проф. д-р Нијази Лиманоски и поетот Саме Лимани Жарноски, и двајцата по потекло од Река Македонска.

На комеморацијата присуствуваа повеќемина истакнати професори, новинари и претставници на општествениот, културниот и политичкиот живот во земјата, а некои од нив се обратија и со свој говор. Поетите, пак, од Друштвото на писателите на Македонија читаа стихотворенија од Жарноски, но и свои песни, посветени нему.

Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија, г. Латиф Пајкоски, меѓу другото, истакна дека е горд и на двајцата великани кои и до последниот здив гласно велеа дека Македонците, без разлика на религиската припадност, се едно ткиво: македонско.

– Горд сум што од нив научив како се сака сопствениот народ, што од нив ја научив македонштината, на мојот чист македонски јазик да кажам дека и јас сум дел од македонското ткиво. Тоа го бараат моите предци кои го примиле исламот, но, го зачувале мајчиниот македонски јазик, културата, традициите, топонимите. Ја почнаа битката за осознавање, која, за жал, сѐ уште ја продолжуваме за да докажеме дека ние сме нераскинлив дел од македонскиот, а не од некој друг народ, како што се обидуваат да го прикажат други – подвлече Пајкоски.

– За животот и делото на македонските великани, како што беше речено, се потсетуваме токму тука, покрај жуборот на пенливата Радика каде што се родиле, растеле, придонеле за националното осознавање на своите сонародници, а Саме и почива во родната Жировница.

– Поезијата на Саме ја допира душата и срцето: лечи рани ама и отвора рани, особено кога ја опева големата наша преселба за Анадолија. Хероината река Радика, за него беше омилена локација, покрај неа живееше, за неа твореше, ја нарекуваше долина на луњите и љубовта. Живееше со магијата закопана во камењата на Радика и нејзините диви води – поетски се изрази г. Реџо Муслиоски, потсетувајќи се на деецот Жарноски како на поет, просветен работник, но пред сѐ – голем Македонец.

Професор д-р Нијази Лиманоски е роден во 1941 година во с. Ростуша, а починал во Скопје на 11 октомври 1997 година. Бил истакнат етнолог и борец за националното обединување на Македонците, без разлика на неговата верската припадност. Бил автор на сценарио на ТВ серија од десет емисии на Македонската радио-телевизија под наслов „Етнологијата и фолклорот на исламизираните Македонци“. Бил рецензент на повеќе книги. Бил директор, главен и одговорен уредник и новинар на радиостаницата во Дебар. Бил доста ангажиран јавен, општествен, културен, научен и политички работник; член на Сојузот на новинарите на Македонија, основоположник и претседател на Републичката заедница на културно-научните манифестации на Македонците – муслимани (1979). Објавил четири книги и околу педесетина научни трудови од областа на етнографијата. Незаборавно и капитално е неговото дело „Исламизацијата и етничките промени во Македонија“, во кое научно и професионално докажува дека Македонците мухамеданци се нераскинлив дел од македонското словенско население. Нијази Лиманоски бил добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата „Свети Климент Охридски“, за посебни остварувања во областа на просветата и културата од интерес на Република Македонија. За жал, овој голем научник и визионер остана неразбран и неприфатен кај значителен дел од своите браќа по крв и религија, кои волно остануваат во мракот на незнаењето и предрасудите во однос на својата народносна и културна припадност, и се поистоветуваат со други народи, само не со оној каде што припаѓаат – македонскиот. Но да се надеваме дека историската вистина што ја предочи и со факти ја поткрепи проф. Нијази Лиманоски, ќе биде прифатена од што поголем број Македонци со исламска религија.

Саме Лимани- Жарноски е истакнат македонски поет, роден во с Жировница, во 1935 година. Завршил учителска школа. Работел како наставник по македонски јазик во Жировница. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија. За него, м-р Лидија Размоска ќе каже: „Со својата поетска оставштина остана на браникот на македонската национална опстојба. Тој е препознатлив буден светилник во одбрана на своето достоинство и на Македонците муслимани, во афирмацијата на Реканскиот крај и неговата родна Жировница“. Починал на 28 јануари 2007 и е погребан во родната Жировница. Во една од своите песни се гледа дека тој тоа и го посакувал:

„Дојди, пријателе, во мај во Река

Ќе те искачам на румени крилја од чудесни спили

Да ги видиш одблизу зебрите и леопардите

Испружени и дремливи во височините

И потем да сфатиш

Зошто сакам да бидам закопан овде“.