Свечена литија со моштите на Свети Спиридон

Извор:

На островот Крф се одржа и оваа година голема традиционална литија со моштите на Светиот Чудотворец Спиридон, во спомен на чудото што овој Светија го направи пред повеќе од 300 години. По празничната Литургија во негова чест, верните предводени од Неговото Високопреосвештенство митрополитот Нектариј на Крф и уште пет други архиереи од Грчката Црква, ја започнаа свечената литија низ улиците на градот Керкира, носејќи ги неговите свети мошти. За време на литијата, се слушаше празнично биење од сите цркви на островот, жителите фрлаа по улиците ловорови гранчиња и поставуваа свечени покривки на нивните балкони. Во оваа прилика, митрополитот Нектариј нагласи дека моштите на Св. Спиридон се носени по улиците на островот среде големи жештини- како од времето, така и духовни, зашто човекот сѐ повеќе се отуѓува и верата во Христа е сѐ повеќе гонета. Но, сепак, Св. Спиридон продолжува и ден денеска да им прави чуда на сите оние што бараат од него со искрена вера, како тогаш пред 300 години. Имено, во 1716 год. островот беше ставен под опсада од голема турска војска. Четириесет – дневните судири ги истрошија силите на локалните жители. Надевајќи се на Божја интервенција, беспомошните луѓе се собраа во црквата на Св. Спиридон и низ солзи упатуваа молитви кон Светиот. Наеднаш, ноќта изби страшна бура на морето. Следното утро, жителите разбраа за големото чудо што се случило таа ноќ: очевидци рекоа дека го виделе Св. Спиридон како со бројна ангелска војска и пламен меч ја протера турска војска од островот. На крајот од литијата, митрополитот упати молитви со благодарност кон Светиот, барајќи од него да го закрилува целото Православие со благодатта на своите молитви.