Автор: Архимандрит Серафим Димитриу
Толку силно се стега обрачот околу многуговорливите поранешни и сегашни јерарси на сестринската Руска Црква, што, доколку имаат некаква црковна свест, веднаш ќе се насочат кон прифаќање на свештеноканонски завршеното дело.
Можеби никој од нив, а ни некои други поединци од останатите Цркви, кои лесно користат перо и јазик против Мајката Црква, не размислуваат дека кога сè ќе се расчисти, нема да можат за ништо канонски да ја повикаат на одговорност Вселенската Патријаршија.
Според околностите, митрополитот во Киев Онуфриј и јерарсите околу него се на некаков начин одговорни за недисциплина, заговор и измама пред нивното претпоставено начало, Вселенската Патријаршија. Тоа е така затоа што одбија да учествуваат на Обединителниот собор, кој го свика нивниот Претстојател, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. Лошото е во тоа што тие на својот Претстојател му ги вратија поканите, а можеа да го имаат митрополитот во Киев Онуфриј за претстојател на автокефалната Црква.
По укинувањето на валидноста на Патријаршиското Писмо од Дионисиј IV, Киевскиот Онуфриј, како и поранешниот Киевски Филарет, и сите останати јерарси во Украина што имаат апостолско преемство, веќе се јерарси на Вселенскиот Престол. Значи, нивното одбивање да учествуваат на Собор што го свикува Вселенската Патријаршија, ги прави одговорни пред канонските начала на Вселенската Патријаршија, а после 6 јануари, доколку Вселенската Патријаршија го сака тоа, и пред автокефалната Црква во Украина.
Како Москва го доби правото да го ракополага Киевскиот
Како што може да се согледа од историјата, стравот на Полска од Отоманската империја функционираше како катализатор на настаните што доведоа до издавање на Патријаршиското Писмо од 1686 година, кое на Московскиот му го дава правото да го ракополага Киевскиот.
На 12 септември 1683, при опсадата на Виена, избраниот по демократски пат полски крал Јан III Собјески, ги победи Отоманите, присилувајќи ги со празни раце да отстапат од планот за напредување во Европа. Со оваа победа, Кралството Полска, кое тогаш се протегаше од Црното до Балтичкото Море, ја заштити Европа од Исламот. Римскиот Папа сакаше да го награди Јан Собјески давајќи му титула Цезар, што не се оствари поради ненадејната смрт на монархот.
Така, од 1676 година, Јан Собјески, поточно Полското собрание, им забрани на луѓе што доаѓаат од Отоманската Империја влез во Полското Кралство. Тогаш Украина, Белорусија, Полска, Литванија, Летонија, Естонија, Молдавија, некаде во своите денешни граници, влегуваа во територијата на полската држава и се граничеа со Отоманската Империја. Полскиот крал, сакајќи да избегне отоманска шпионажа, која според историчарите ја спроведуваа „врбувани расофори“ или лажни расофори, што наводно доаѓаа од Света Гора и Константинопол, во 1676 година на „отоманските граѓани“ им забрани влез во своето кралство, а ги забрани и патувањата на Полјаците во тој правец.
Користејќи ја ваквата ситуација, Москва изврши силен притисок врз тогашниот Вселенски Патријарх Дионисиј IV, кој беше принуден да го издаде „донеодамнешното“ право за ракополагање на Киевскиот митрополит од страна на Московскиот Патријарх, што веројатно не се случуваше често, зашто за Киевски митрополити беа избирани веќе ракоположени епископи. На ова му претходеше патувањето на новоизбраниот од Луцк Митрополит Киевски Гедеон во Москва во 1685, со цел да прими „признавање и патријаршиски благослов“, бидејќи не можеше да појде во Константинопол. Но, оваа негова постапка не беше позитивно примена од Киев, зашто неговиот претходник, Киевскиот митрополит Дионисиј, кој исто така беше од Луцк, одби да појде во Москва и веројатно успеа да стаса до Константинопол. Нелажен сведок за случувањата од тој период е Ерусалимскиот Патријарх Доситеј II.
Во исто време (1686), со Договорот за вечен мир, Киев и источните делови од Украина се отцепени од полското кралство и припоени на Русија, а полското кралство, веројатно под притисок од другата страна, „одлучува“ Православната Црква во регионот да ја потчини на Москва.
Во 1791 година, Белоруската митрополија со седиште во Могилев, односно она што останало од старата православна Црква на полското кралство, свикува црковно-народен собор на Православните, кој заседава околу две години и во 1793 година одлучува да не и се потчинува на Москва и да се врати назад кај Мајката Црква, Константинопол, надевајќи се со овој чин да добие автокефалија за Полската Црква.
Во меѓувреме, истата година, руската војска ги напаѓа и ги окупира областите во источна Полска, додека Германија ги окупира западните области, а Австро-унгарија јужните, со што во 1795 година доаѓа до исчезнување на полското кралство. Многумина сметаат дека ова ѝ се случи на Полска затоа што на Соборот во Брест на Православните им ја наметна унијата. Од друга страна , пак, Отоманите, после својот пораз беа толку исплашени од Полјаците, што дури и кога не постоеше полска држава, во Константинопол имаа полски амбасадор. Ако, пак, немаше, го чуваа неговото место празно, веднаш до рускиот.
После споменатово, откако пред сто години, во 1918 година, се создаде државата Полска – која ја опфаќаше и денешната престолнина на Литванија и делови од Белорусија и Украина – помесната Црква, во содејство со т.н. Втора полска држава, во 1924 година побара од Вселенскиот Престол отцепување и доделување на автокефалија. Константинопол ѝ додели автокефалија на Црквата на Полска. До 1945 година, те. до промената на границите и создавањето на Третата полска држава, Варшавскиот Дионисиј, како Варшавски и на цела Полска, во својата титула го носеше и називот Велик Архимандрит на Почаевската Лавра. Значи, би можеле да наговестиме дека, штом има Полска Црква, таа е одговорна за Украинската, бидејќи историски долго време таа ѝ била потчинета.
Вака или онака, писмото на Дионисиј IV беше повлечено, а оние што добија хиротонија од Москва се вратија при својата Мајка Константинопол. Ви се допаѓало тоа или не.
Да живее новородената Црква во Украина.