Неколку дена по соопштението на Вселенската Патријаршија дека нејзиниот Свет и Свештен Синод одлучи да се заземе за решение на проблемот со признавањето на нашата Црква, „според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“, денес Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј остварил средба со Премиерот на Р. Грција г. Алексиј Ципрас, со Претседателот на Р. Грција г. Прокопиј Паволопулос, како и со Атинскиот Архиепископ г. Јероним, со кои разговарал на оваа тема.
На средбата со Премиерот Ципрас, Патријархот истакнал дека се зазел за нашето црковно прашање во рамките на неговите канонските должности да ги отстранува поделбите и расколите каде штo постојат и да работи на сеправославна обединетост и соработка, како што и правел во сите овие години.
Од своја страна, Премиерот Ципрас ја искажал својата поддршка и благодарност кон Патријархот за неговите заложби за конечно решение на ова долгодецениско прашање: ,,Ние се обидуваме да ги решиме црковните разликите што постојат веќе многу години и попречуваат две соседни земји да имаат една нормална соработка и заеднички тек. Верувам дека можноста за решение би можело да создаде средина на стабилност и развој на Балканот, нешто што ни е потребно, но и соработка, добра соработка меѓу два соседни народи, кои во мнозинството имаат православна христијанска вера и ова е важен елемент што не треба да го занемариме“.