Ватопедскиот Игумен Ефрем после тешката борба со коронавирусот советува сите да се вакцинираме

Извор:
Игумен Ефрем Ватопедски

Порака до сите антиваксери, како и до сите кои се колебаат да се вакцинираат против коронавирусот, испрати неговото високопреподобие, Архимандритот Ефрем, игумен на Свештената Обител Ватопед, преку своето интервју дадено минатиот четврток (9 септември, 2021) во емисијата „Αιχμές” на Кипарскиот телевизиски канал „Omega“. Пред неколку месеци игуменот, кој беше невакциниран, тешко се разболе од смртоносниот вирус и беше интубиран во одделението за интензивна нега во болницата „Благовештение“ во Лариса. Неговото лекување траеше два месеци.


Omega TV: Старче, многу се радуваме што Ве гледаме и што сте со нас после едно такво измачување со месеци. За почеток, ќе сакате ли да ни раскажете за тоа?

Игумен Ефрем: Ех, беше измачување, дете мое, и сите се изнамачивме со таа омразена болест, која е премногу тешка, како што знаеме сите, а јас и од прва рака. На 28 мај заминав во болницата „Благовештение“ и бев пренесен на одделението за интензивна нега. Заминав од таму на 27 јули, па дојдов во центарот за рехабилитација овде во Лариса, во Animus. Овде сум скоро 2 месеци, па со Бога во сабота ќе одам на Света Гора во манастирот на моето покајание и се радувам поради тоа. Му благодарам на Бога што направи чудо. Се работи за едно големо чудо што се вратив во живот, бидејќи како што слушнавте, се сретнав со смртта лице в лице која како да ми рече не те сакам, па се вратив назад.

Omega TV: Како сте сега, Старче? Како е Вашето здравје?

Игумен Ефрем: Подобар сум, затоа и ми дадоа дозвола да се вратам во Ватопед.

Omega TV: Високопреподобен, би сакале малку да ни раскажете за таа тешка борба. Бидејќи, ако се сеќаваме добро, ние коишто го следевме текот на Вашето здравје кон средината на јуни, во еден момент работите се влошија. Тоа беше тогаш кога ни рековте, а и сега, дека бевте многу блиску до смртта, така?

Е… за жал, тоа е реалноста. И така беше. Сите лекари се чудеа како се вратив во живот, но Бог изгледа така сакаше, за да ми даде време да се покајам, за да си го видам животот и да тргнам кон подобро.

Omega TV: Каква е таа болест, Старче? Вие ја проживеавте низ една тешка пројава – бевте интубирани.

Игумен Ефрем: Таа е таква болест што кај секого делува на посебен начин, но сепак е еден вид на гнев Божји, еден од знаците на времето. Треба сите да увидиме, а јас прв, којшто сум и самиот жртва на таа болест, дека навистина треба да се вакцинираме, оти и јас бев невакциниран. Секако, го имав во план да го направам тоа, но од разни причини во тој момент не го направив. Еден од браќата кој беше во една болница во Солун, откако се врати ми го пренесе вирусот и тогаш имав потешкотии. Итно отидов во „Благовештение“ и среќа што отидов тогаш, бидејќи во спротивно доколку се забавев ден – два, сигурно ќе починев набрзо.

Omega TV: Високопреподобен, пред да преминеме на темата за вакцинацијата, знаете, тој гнев Божји, како што ни го опишувате, таа пандемија која измачи и измачува доста луѓе, а предизвика и мнозина да си заминат од нас, некои ја поврзуваат со теологијата. Сакам да го разгледаме малку тоа, да ни помогнете во однос на тоа прашање?

Игумен Ефрем: Слушнете, како за секоја пандемија, така и за оваа, причините се духовни. Да го знаете тоа! И како што велиме: тоа се знаци на времето. Гревот се намножи толку многу и гледате, гревот денес се смета за начин на живот на човекот, и тоа како еден природен начин на живот. Тоа, знаете, е многу лоша работа, и човекот со текот на времето, со рамнодушноста и со духовната немарност што ја има, го смета гревот за правилен начин на живот и нема никакво чувство за покајание, да стапи на правилниот пат во животот. Сето тоа има духовни последици, како што велиме ние кои на некој начин го претставуваме духовниот закон. Духовниот закон е тој што секогаш го управува нашиот живот. Духовниот закон постои кај секого во неговиот личен живот, но постои и духовен закон кој управува со целото општество. Такви несреќи се случувале во одредени периоди во историјата. Навистина е пандемија која е допуштена за да нè воспита. Не за Бог да му се одмазди на човекот, туку за човекот да се воспита, да се смири.

Omega TV: Старче, и Вие, како што ни кажавте – и среќа што сте го направиле тоа – прибегнавте кон науката, кон медицината, така?

Игумен Ефрем: Да, но Црквата, дете мое, не ја отфрла науката. Сега постои еден филм „The man of God“ (Човекот Божји), во којшто е прикажан еден дел од животот на Свети Нектариј. Гледаме како Свети Нектариј, кој е толку голем светител, се упокоил во болница – во болницата Aretaieio. Значи тој голем светител прифатил медицинска грижа. Гледате, Свети Пајсиј, кој имаше рак на дебелото црево, беше на лекар, направи операција, престојуваше во манастирот Суроти и го посетуваше лекар на редовни интервали помагајќи му колку што можеше – и тој прифатил медицинска грижа. И толку многу други добродетелни луѓе прифаќаат медицинска грижа. Тоа не е за осуда.

Omega TV: Треба да сопостои, а и со векови сопостоела науката со теологијата, така?

Игумен Ефрем: Секако! Секогаш, секогаш! И соработува! Затоа и се радуваме што имаме научници – луѓе Божји, кои се здрави членови на Црквата и тоа е премногу добро. Многу научници доаѓаат и на Света Гора, особено Грци, Кипрани, Елино-Американци, луѓе од Русија кои се на многу високо ниво во медицинската наука и се луѓе Божји. За тоа се радуваме, разговараме со нив и се советуваме. И ние во Ватопед имаме болница, имаме стоматолошка ординација. Тие лекари доаѓаат, ги прегледуваат браќата и соработуваат со нас. Особено се радуваме поради тоа што не мора да излегуваме во светот. Нè посетуваат таму каде што е местото на нашиот подвиг и тихување и тоа многу ни одговара духовно.

Omega TV: Старче, претходно рековте дека се немавте вакцинирано, а и беше познато. Сега ќе се вакцинирате?

Игумен Ефрем: Но веќе се вакцинирав. После трите месеци, ние кои што го прележавме вирусот, согласно грчките норми ја примаме само и единствено првата вакцина, па така пред два дена се вакцинирав. Ги користиме човечките пронајдоци за заштита. Не дека тој што се вакцинира ја презира верата во Бога, туку верата во Бога е проследена од човечкото, коешто е всушност соработката со медицинската наука.

Omega TV: Вие, Старче, зошто се немавте вакцинирано, бидејќи според возраста веќе Ви беше дојден редот?

Игумен Ефрем: Не, не според возраста, можев да се вакцинирам и порано ако сакав. Тоа сеуште не беше на Света Гора, работите не беа спремни, но и од други причини. Како игумен на Ватопед се имав запишано дека ќе се вакцинирам, но додека да се реализира тоа…

Omega TV: Знаете, Високопреподобен, постои еден став во кругот на Црквата што произлегува од некои архиереи дека таа вакцина е некакво проклетство и се прави обид тој став да се поткрепи на теологијата.

Игумен Ефрем: Не е правилно, дете мое. Не е правилно да се поистоветува вакцината, која е чисто медицинска работа, со метафизиката, со теологијата. Тоа е голема грешка. Како што прифаќаме медицинска грижа за желудникот, за цревата, за ногата, за раката, прифаќаме медицинска помош и поддршка и за оваа пандемија која е премногу важна. Тоа е моето мислење. Тоа треба да го увиди секој Христијанин и да се вакцинира, бидејќи така ќе имаме заштита, надеж за време на пандемијата.

Omega TV: Старче, постојат и некои од свештенството кои изразуваат спротивно мислење за вакцините и генерално за пандемијата. Заведуваат, ако ми дозволите, и некои верници кон тие ставови. Би сакале ли нешто да прокоментирате околу тоа?

Игумен Ефрем: Мислам дека тоа е погрешно. Според моето мислење е погрешно. Треба да ги остават луѓето, да не шират пропаганда, едноставно да си го кажат својот став. Подобро е, ако некој има спротивен став, да си го чува за себе. Има право, но нека си го чува за себе. Да не правиме разни пропаганди. Да си ги оставиме луѓето совесно да согледаат. Возраст имаат, можат да отценат правилно. Да ги слушаме, ќерко моја, стручните. Треба да го послушаме Сократ, кој според некои бил Христијанин пред Христа. Велел: Треба да ги слушаме стручните, научниците и да ги следиме соодветните луѓе, оти тоа е за наше добро, за добро на ближните, за добро на нашето семејство, за доброто на сите. Како што ми кажаа овде, бидејќи не ги следам вестите, околу 3 милијарди се вакцинирале. Е… сите тие се глупаци, а ние сме паметните?! Гледаш дека и Светската Здравствена Организација, колку што знам, бидејќи ги истражував малку работите, кажува јасно од што е составена, од какви медицински материи и супстанци е составена вакцината. Не кријат нешто, како што некои мислат, дека наводно нешто ставаат во нив – разни митови според моето мислење. Тоа не е точно, не е воопшто сериозно и вистинито.

Omega TV: Високопреподобен, дали би сакале да ни кажете нешто за докторите кои Ве лечеа? Читав едно интервју на еден од претпоставените на одделението за интензивна нега кај кого бевте згрижени.

Игумен Ефрем: Госпоѓа Котаниду и госпоѓа Магира, кои беа мои главни лекари, ми имаа посветено големо внимание. Ме третираа со голема почит, со многу љубов, со многу посветеност. Но како што видовте, не само мене, туку и секого од заболените што беше таму, секогаш со иста подготвеност го третираа; и навистина, таму во „Благовештение“, како што имам чуено, имале многу успеси. Многумина коишто биле во опасност се излечиле и станале здрави. Ми кажаа дека 90% од заболените се невакцинирани. Ми кажуваше еден епископ кој отишол со корона, а бил вакциниран, лекарот му рекол: ако беше невакциниран ќе те извадеа од овде четворица т.е. ќе беше починат.

Omega TV: Бидејќи сакаме да се обратите и кон Вашата татковина со Вашето искуство, ќе Ви дадеме можност, Старче, да кажете збор – два, па да Ви се заблагодариме многу.

Игумен Ефрем: Ние секогаш си спомнуваме за целиот свет, но онаму каде за прв пат го видовме сонцето, каде за прв пат се прекрстивме, каде за прв пат слушнавме за Бога и Го заследивме со целата душа, сакаме да им кажеме дека се молиме за нив, блиску сме до нашиот народ, блиску сме до народот кој бара молитви и секогаш со нашата смирена молитва, со целата наша поддршка, со Литургиите што се служат во нашиот манастир и на целата Света Гора, на кои се споменуваат илјадници имиња, секогаш сме блиску до нашиот народ, кој како никогаш претходно, бара духовна поткрепа. Се радуваме и за тоа што во Ватопед имаме многу монаси Кипрани и сите тие со целото свое битие се молат за спасението на светот.

Omega TV: Вашиот совет од тоа искуство Старче, е дека вакцинирањето е еден дар од науката и ќе треба да се отповикаме.

Игумен Ефрем: Треба сите да се вакцинираме, затоа што така поправилно ќе се справиме со тој вирус, со таа пандемија, за навистина да придонесеме и за општото добро.

Omega TV: Ви благодариме многу.

Игумен Ефрем: Да не заборавам да ви кажам, дека во моите раце дојде едно окружно послание на Кипарскиот Архиепископ Кипријан Свештеномаченикот кого во 1821 г. Турците го обесија заедно со други осудени архиереи и игумени. Тогаш владееше пандемијата на сипаниците. Одредени луѓе се противеле на вакцината, па бил приморан да испрати окружно послание тој свет човек, совршен свештеномаченик, Архиепископот на Кипар, Кипријан, поттикнувајќи го народот да се вакцинира за да се справат со пандемијата од сипаниците. Значи, и светите луѓе имаат дадено значење на вакцината, па треба и ние да продолжиме да се трудиме да се справуваме со пандемиите кои повремено Бог ги допушта за да се смириме и да разбереме дека сме луѓе, дека сме слаби луѓе и ја бараме секогаш силата небесна, силата Божја.

Omega TV: Старче, бидејќи смртта не Ве сакаше, Ви посакаме многу години, добар повраток на Вашите должности и добра сила. Добро враќање, Старче, и Вашата молитва да ја имаме.