Порака од Неговата Божествена Сесветост,
Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј,
за погребот на Старец Ефрем од Аризона
Навистина смрт блажена, која ни разлеа воскресенско чувство – пред нас имавме мртовец и владееше жалост, но во себе доживувавме воскресение. И тоа чувство оттогаш не исчезна, а со него истовремено нè следи и сеќавањето на блаженоупокоениот свет Старец.
Со овој истенчен и искуствен опис, одејќи кон престолот на Господа, свештениот патник, блажениот Старец Ефрем Филотејски го опишуваше блаженото упокојување на познатиот по светиот свој живот, блажениот Јосиф Исихаст, што се случи во годината 1959. И ете, после шеесет години, во сабота навечер, славејќи го, пак и пак, триумфот во првиот ден од седмицата, се удостојуваме да го повториме тој опис за заминувањето на блаженоупокоениот отец Ефрем Светогорец.
Навистина имаме како православни христијани непоколебливо убедување, или подобро кажано, доживување оти со Христа и во Христа смртта ја има телесната разделба само како непријатен настан, но без тоа, смртта на христијанинот веднаш миомириса на воскресение.
Тоа е особено силно во уникатното монашкото општество, а особено во Атонското. Носител на таа размисла беше блаженоупокоениот, кој прими светлост од високиот Атон, свежина неисцрпна од светата пустина, дух општежителен од [манастирот] Филотеј, сладок мајчински целив од [филотејската икона на Богородица] Гликофилуса, ревноста на свештеномаченикот Козма Етолски, жедта за тихување на преподобниот Дионисиј од Олимп и ги пренесе како бесценети на благословениот народ во Америка, на нашата паства во пространствата на континентот отаде Атлантикот.
Тој овде направи свештена преродба, донесе светоотечко предание, мирис од Истокот за личностите што Го посакуваат Христа, преку својот аскетски живот, но и со дела, зборови, трудови и пот тој постана татко грижељубив, маж на желбите на духот, духовник искусен, лик и подобие на оној при чии нозе се учеше – Атонскиот Гамалиил, односно Јосиф Исихаст, чијашто канонизација веќе ја најавивме.
Насоченоста кон Евхаристијата, непрестајната молитва, здравата еклисиологија на старец Јосиф Исихаст му беа патокази во многуте дела на свештеничкиот и пастирски пат. Впрочем, во ушите на блаженоупокоениот звучеше гласот кој преподобниот Јосиф го слушнал во видение: дека Црквата се наоѓа таму каде што е Вселенската Патријаршија Константинополска.
Така значи, ужален собору, колибата на дедо Јосиф се запечати по човечки, но неговите рожби завладеаја со земјата. На бденијата изгреа неделната светлина, на неговите литургии се слуша само Осана, на бројаницата го изброи и последното помилуј за да даде непрестаен восклик на слава Ти. Очите му се затворија за да не ја гледа суетата, туку нетрулежноста на небесата.
И ние од Фанар, испраќајќи го нашиот патријаршиски благослов и прошка, се молиме за упокоение на блажената душа на преселениот почитуван Старец и се повикуваме на молитвите од вечните живеалишта на претходно заминатите членови од неговото духовно семејство. Господ Бог, Земјата на живите, Кој се смести во Земјата на Несместливиот, Он да му прости, а нас да нè утеши и сите да нè помилува и спаси како Благ и Човекољубец.
† Константинополски Вартоломеј,
возљубен во Христа брат
и огнен кон Бога молитвеник.