„Денес благодатта на Светиот Дух нè собра…“

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, на празникот Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија

 

ог, мили мои, го создал човекот да биде добар, да биде подобен на Него во љубовта и светоста. Меѓутоа, што стана со човекот после неговото непослушание кон Бога? Доколку вчера внимателно ги слушавме читањата од Светото Писмо на Стариот Завет, што беа предвидени да се читаат на Вечерната од празникот Педесетница, забележавме дека човечките срца станеле како камења. Човекот без Бог станал нечувствителен за духовните нешта, како камен. Но, иако тој Го заборавил Бога, Божјата милост никогаш не се откажала од него. Слушнавме како Бог, преку светиот пророк Језекиил, им рекол на старозаветните луѓе: Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот Дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои (Језек. 36,26-27). Милостивиот Бог ветува дека ќе положи во луѓето срца чувствителни, срца полни со љубов, со милосрдие. Срца што ќе ги љубат добродетелите и заповедите Божји. Денес, ова пророштво и ветување во целост се исполни. На овој сесветол празник на Педесетницата, во потполност ни се разјаснува сè она што се однесува на спасението на човекот, а чијашто причина е единствено премилостивиот и преблаг Троичен Бог. Овој последен празник и печат на сите празненства од годишниот богослужбен циклус ја открива тајната на Домостројот за нашето спасение, кое се случи со благоволението на Отецот, со воплотувањето на Синот, Кој стана човек од преголема љубов кон нас, и на крај, со слегувањето на Светиот Дух, „Кој е насекаде и сè исполнува“.

Читаме во Новиот Завет како Апостолите, иако постојано Го гледале Христа, Го слушале, живееле со Него, Го љубеле, сепак, многупати биле збунети, зачудени, погрешно или воопшто не Го разбирале… Не биле доволно просветлени за да разберат сè што Он им говорел. И затоа Он им го ветил Третото Лице од Светата Троица, едносуштно, сопрестолно и совечно со Отецот и Синот – Светиот Дух: Утешителот, пак, Духот Свети, Когошто Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал (Јован 14,26).

Слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите

 

Денес Светиот Дух слезе врз Апостолите во вид на огнени јазици и ги просветли и им разјасни за сè што Христос, за време на Неговиот престој со нив, им зборуваше и ги почуваше. Затоа Апостолите на овој ден станаа бестрашни проповедници на Троичниот Бог и скоро сите маченички го завршија својот живот на земјата. Пострадаа за Вистината, знаејќи дека спасението се наоѓа единствено во Троичниот Бог, дека Второто Лице на Светата Троица, победувајќи ја смртта во човечкото тело, им дава живот вечен на секоја човечка душа и плот, што ќе поверува во Него и ќе се крсти во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

На чинот на светото крштение, при помазувањето со светото миро, свештеникот вели: „Печат од дарот на Светиот Дух!“ Тоа го означува слегувањето на Светиот Дух врз секое човечко битие што се крштева. Но, денес, за жал, можеме да констатираме дека многумина од Христијаните како да Го немаат Светиот Дух. Живеат полошо дури и од паганите, коишто, сепак, го пазат природниот морален закон вложен во нивната совест. Зошто е ова така? Затоа што, и покрај тоа што преку слегувањето на Светиот Дух на Педесетницата на сите ни се дава можност да се исполнуваме со Него, да се осветуваме – ние, напротив, ги скаменуваме срцата, стануваме груби и нечувствителни за духовниот живот, го умртвуваме внатрешното сетило за возвишените нешта на нашата преубава вера. Ако во Стариот Завет светоста и благодатта на Светиот Дух била привилегија само на пророците и на одредени луѓе, сега таа може да слезе врз секого што ќе посака.
Затоа, мили отци, браќа и сестри, ние, чии имања се запишани од човекољубието Божјо во Книгата на животот преку даруваното ни крштение, да ги отвориме широко своите срца за Пресветиот Дух, Кој сака да дејствува во нас, сака да нè оживува и обожува. Примајќи Го во себе Светиот Дух, ќе бидеме носители на Неговите многубројни дарови, а пред сè на љубовта, која е белегот за распознавање на Христијаните, како што Самиот наш Спасител рече: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јован 13,35).

Стекнувањето, пак, на благодатта на Светиот Дух, рековме, во најголема мера зависи од нас. Затоа, денес Христос во Евангелието повикува: Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! (Јован 7,37) – укажувајќи на животворните води на Духот што Он го испраќа. Значи, секој што Го бара Господа, несомнено ќе Го најде. Кој Го посакува Троичниот Бог и Го љуби во своето срце, Он ќе дојде при него и живеалиште во него ќе направи (сп. Јован 14,23). Гледате, Бог сака да бидеме Негови храмови, живеалишта на Неговата светост. Тоа е нашето вистинско предназначение, тоа е целта на нашето живеење. Зашто, кој ќе Го стекне Бог во своето срце, тој ќе има живот вечен. А да се има живот вечен, значи да се познава вистинскиот Бог во Три Лица: А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа (Јован 17,3). Ова највозвишено познание, пак, е единствено можно преку Светиот Дух.

Да се потрудиме, мили мои, да бидеме како Апостолите после слегувањето на Светиот Дух. Ќе кажам: не со зборови, ами со дела да почнеме да проповедаме за Троичниот Извор на Божествената љубов, и така да го правиме светот и животот онакви какви што Бог ги предвидел. Оти Бог сака помеѓу луѓето да владее добра волја и светот да биде со љубов исполнет, така што сите луѓе, по преселувањето од овој краткотраен живот, да заминат во вечните рајски живеалишта, во непрестајна заедница со Него.

Благодатта на Светиот Дух и љубовта на Преблагата Света Троица да бидат со сите нас! Амин!