„Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој!“

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за празникот Успение на Пресвета Богородица, изговорено во бигорскиот соборен храм, пред почетокот на сеноќното бдение

Мили мои, возљубени чеда на Пречистата наша Богомајка,

Најнапред, срдечно ви благодарам што дојдовте во толкав број, за заедно да ѝ принесеме пофални песни на Онаа Која рајот го донесе на земјата, а денес си заминува во Царството Небесно.

Ви посакувам убаво, благодатно и богосозерцателно бдение на сите! Особено ви посакувам Мајката и Царицата на земјата и на небото да ги помилува вашите срца и да ги исполни со животворна духовна радост. Таа e Мајката над сите мајки, Мајка на целото човештво, бидејќи се удостои да стане скалата што Го доведе Господа од небото на земјата, но и го возведува целото човештво од земјата кон небото.

Светиот Апостол и Евангелист Лука веродостојно ги сочувал зборовите што Пресвета Богородица ги изговорила при средбата со нејзината роднина Елисавета, мајката на Чесниот Претеча. Имено, како што соопштува Евангелистот: Марија стана во тие дни и поита во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета (Лука 1,39-40). При средбата на овие две, во историјата најславни мајки, младенецот во утробата на светата праведна Елисавета заиграл од радост, па таа со духовен восторг ја прославила Мајката Господова: Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! … И блажена е таа која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ (Лука 1,42,45). Пресветата Богородица, пак, сфаќајќи ја длабоко во себе грижата на Бога за овој свет и проникнувајќи, како ниедно друго создание, во тајната на љубовта Божја, ја изговорила својата позната химна, којашто започнува со следниве величествени зборови: Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој! (Лука 1,46-47) Оваа Богородична песна, се разбира, била неизоставно вградена во богослужбениот живот на Црквата и секојдневно се пее на утрената богослужба, на т.н. деветта песна од канонот. Нејзините зборови се користат како припевни стихови, а меѓу нив се пее познатата творба на Свети Козма Мајумски: „Почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите…“, т.е. вториот дел од најпозната песна за Богородица, наречена „Достојно ест“.

Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој! Навистина преубави и полни со смисла зборови! Нејзината душа, нејзиниот дух, нејзиното внатрешно битие, нејзиното севкупно постоење, ја славело величината на Бога Спасителот. Всушност, сиот нејзин живот, од чудесното нејзино зачатие, до славното ѝ Успение, е едно непрестајно величање на Господа. Го нарекува Бога Силен, бидејќи Он направил прекрасни и неискажливи добрини за човечкиот род, а Неа ја удостоил да стане сместувалиште на Несместливиот, живеалиште на вечно Живиот. Голема и чудесна тајна, надразумна! Станала храм на Божеството во полнота, затоа што уште од самиот почеток била храм Божји. Сиот свој живот, уште од Нејзиното Воведение во храмот Ерусалимски, Таа Му била целосно предадена на Господа. И нејзиното детство во градот Назарет, каде што живееле праведните Јоаким и Ана, и подоцнежниот период, кога Таа, од своите престарени родители била однесена во храмот – со еден збор, сиот нејзин живот се опишува со зборовите: Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој.

Архимандрит Партениј

Живеејќи во храмот, самата Таа станала одушевен храм на Бога. Своето срце го направила престол Божји и поради нејзината неприкосновена чистота се покажала Мајка на Оној Кој заради нас стана Човек. Пречистата Дева Марија е остварување на сонот на праотецот Јаков, сон во кој тој видел лествица од земјата до небото, по која ангели Божји се качувале и слегувале (в. Битие 28,12). Пресвета Богородица е таа таинствена лествица по која Бог слезе на земјата, за човекот да се искачи на небото. Чудесно нешто! Неизмерна милост на Господа! Синот и Словото Божјо преку Богородица стана човек, а ние луѓето, исто така преку Неа, стануваме богови. Преку нејзините молитви и мајчинската ѝ љубов се соединуваме со несоздадените Божји енергии и стануваме богови по благодат. Така, Таа е синоним за љубовта Божествена, за љубовта која е суштина на Бога. Бог е љубов – пишува големиот тајноводец, Свети Јован Богослов. Кога зборуваме, значи, за љубов во христијанска смисла, не мислиме на сетилната, телесна љубов, туку на онаа, чистата, надсуштествената, вечната. Сетилна и инстиктивна љубов имаат и животните. Во природата гледаме како животните пожртвувано се грижат за своите малечки, што е дури и восхитувачки, но таа пожртвуваност трае само одреден временски период, додека малечките нѐ пораснат; потоа, како возрасни единки, тие повеќе не се ни препознаваат меѓусебно. Сосема друга, пак, е онаа љубов, онаа агапи, за којашто зборува Свети Јован Богослов – љубов којашто нѐ прави сродници на Бога, којашто нѐ обоготворува.

Токму таа љубов Богородица ја донесе на земјата. Единствената достојна да биде Божјо вместилиште, та да може целото човештво да најде прибежиште преку Неа во Бога, да дојде повторно до општење со својот Создател, како некогаш Адам и Ева во рајот. Зашто, пред доаѓањето Христово на земјата преку Пресветата, на човекот му било невозможно да општи со Бога како што можеме сега ние, во Новиот Завет. Пред некој ден, на празникот Преображение Господово, во едно од четивата – паримиите од Стариот Завет, што ги читавме на вечерната богослужба, се говореше за јавувањето на Бог на Мојсеја. Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава…, му рекол Бог на пророкот, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив. И во продолжение, му опишал на кој начин ќе може да наѕре во убавината и величието Божјо: Ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш откај грбот, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш (Исход 33,19-23). Погледнете сега, пак, каква чудесна тајна ни се открива преку преблагословената Богородителка! Какво достоинство ни се дава нам, смртните луѓе! Да општиме со Бога лице в лице, да ја гледаме славата Негова. Каква ли огромна љубов ќе беше тоа! Оној Кој е Промислител, Создател на сиот овој прекрасен свет, на совршената хармонија што владее во природниот поредок; најпосле, Оној Кој е наш Создател и Татко, Кој нѐ створил како своја најзвољубена творба и ни дал словесност и слободна волја, правејќи нѐ слични на Него – Тој сега ни снисходи толку многу, што преку Дева Марија ја прима нашата природа, за повторно да нѐ направи подобни на Него! „Ти од небитие во битие си нѐ привел, и нас, паднатите, пак си нѐ подигнал и не си престанал да правиш сѐ, додека не си нѐ вознел на небото и си ни го дарувал твоето идно царство“ – кажуваме секојдневно во една молитва од Светата Литургија. А што подразбира тоа сѐ? Најнапред говорел преку пороците, им се јавувал во загатки и праобрази на праведниците, беседел со нив, го повикувал преку нив целиот народ на покајание. Но, најпосле, Самиот Бог, односно второто Лице на Божествената Троица, се покажа како човек преку Богородица и со луѓето поживеа. Преку Богородица! Па така, можете ли да замислите колкава слобода има Таа како Мајка пред својот Син?! Затоа, Таа е Мајка над сите мајки и брза е да ги послуша нашите душеполезни молитви.

Го спомнав животот на Дева Марија во нејзиниот роден град Назарет. Овој град бил познат по неговите лоши граѓани. Сетете се на евангелскиот расказ кога Апостолот Филип ќе му рече на Натанаила: Го најдовме Исус, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците! Натанаил со чудење му возвратил: Може ли нешто добро да излезе од Назарет? (Јован 1,45-46) Назарејците биле општопознати по својата лошотија. Да се потсетиме и на Христовата посета на градот во кој израснал. Кога Господ им проповедал за пророкот Илија и за вдовицата од Сарепта Сидонска, за Елисеја и за Сириецот Нееман, разобличувајќи го неверието и лицемерието на богоизбраниот народ, назарејците се исполнија со гнев; па станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора (Лука 4,28-29). Го зборувам ова за жителите на Назарет затоа што денес сè повеќе Христијани за своите лоши дела си бараат изговори во опкружувањето во кое живеат. Велат: „Живееме во еден свет, полн со соблазни, со големи искушенија. Како можеме да живееме христијански?! Како можеме да ги постигнеме добродетелите кои Бог ги посакува од нас? Па тоа е невозможно!“

Но, еве, мили мои, Богородица со својот пример докажа дека за да се искачуваме по лествицата на добродетелите не е битна средината, туку чистотата на срцето, молитвата, љубовта! Среде калта на овој свет, Таа израсна како најпрекрасен крин на Господа. Иако живееше во едно такво неблагопријатно опкружување, сепак, тоа не ѝ пречеше целосно да се предаде на Бога, со сите свои мисли, со сето свое срце, со сиот свој живот. Нејзиното битие живееше само за едно: Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој. Тоа е, впрочем, целта на секој човечки живот – да станеме едно постојано славословие на Бога, нашата душа да постане Божјо живеалиште. Затоа и Господ Христос дојде на земјата – за да ги направи срцата на луѓето сместувалишта на Бога, садови на Божествената љубов. На онаа љубов жртвена, небесна. Зашто, на земјата нема ништо налик на љубовта Христова. Ете, имаме примери кога родители ги забораваат и оставаат своите деца, но за Бога тоа не е можно. Он, преку устата на пророк Исаија, вели: Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам (Иса. 49,15). Исто така и Пресвета Богородица никогаш нема да нѐ заборави, поради тоа што Таа станала Мајка на вечната Љубов. Чудесна и неискажлива тајна, која треба да се прими со вера во срцето, како што и Богородица ја примила тајната на Божјото воплотување. Имено, кога Архангелот Гавриил ѝ ја соопштил великата тајна дека Таа ќе роди Син и ќе Го наречат Емануил, што значи ‘со нас е Бог’, Пречистата со вера и едноставност во срцето прашала: Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж? (Лука 1,34) И кога слушнала од Архангелот за Божјиот домострој, со истото смирение продолжила: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои! (Лука 1,38) Погледнете ја само силата на нејзината вера! Вера каква што немал никој и никогаш, од Адама, па до денес. Ниту пророците, ни праведниците, ниту апостолите, ни мачениците, па ни ангелите. Зашто кога првоангелот се побунил против Бога и ангелските воинства биле подложени на испитание, дел од нив паднале со сатаната и се претвориле во демони. Затоа, никој, дури ни ангел, не може да се спореди со Пресвета Богородица во однос на верата, чистотата и богопредаденоста! Неслучајно Црквата ја воспева како „почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите“.

Мојата душа Го велича Господа… Како што целиот нејзин живот бил едно постојано величање на Господа, така и нејзиното славно Успение бил печат на ова возвишено славословие. Од сите Богородични празници, Успението го зазема највисокото и централното место во празничниот календар на Црквата. Се нарекува уште и втора, летна Пасха. Празнуваме, значи, не смрт, туку Успение, привремено заспивање, бидејќи нејзиното пречисто и сесвето тело само три дена било успано со смртниот сон, после што било вознесено во Царството Небесно од страна на Нејзиниот Син. Така, Богородица станува првиот човек, после Богочовекот Христос, што со своето тело влезе во Царството на нераспадливоста. Се разбира, Бог не допушти и со Неговата Мајка да се случи она што се случува со секој друг човек на земјата – распаѓање на телото по смртта. Не, туку со него направи онака како што, впрочем, ќе стане и со телата на сите луѓе при повторното Христово доаѓање и конечниот суд, кога телата повторно ќе се состават од земниот прав и ќе настапи ново небо и нова земја (Откр. 21,1).

Вечерва, да ѝ ги отвориме срцата на нашата Мајка Царица и Таа ќе го направи своето. Секоја добра мајка одлично знае што му е потребно на нејзиното чедо. Колку, пак, повеќе Богородица, Која е Мајка над сите мајки?! Таа ќе нѐ приведе при Бога. Таа е скалата преку која Бог слезе на земјата, за ние да се искачиме на Небото.

Убаво бдение!