Слово на Старецот, Вископреподобниот Архимандрит Партениј, за празникот Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, изговорено во големата трпезарија
Денес, мили мои, го празнуваме свеченото Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим. Тоа е Неговата последна посета на Светиот Град, непосредно пред крстната смрт и Воскресението. Денес Христос влегува во Ерусалим како Цар на мирот. Во еден црковен тропар што го пееме на Γолемото повечерие се вели: „На Неговиот мир му нема граница“. Исто така, предвестувајќи за Христа уште во Стариот Завет, Св. Пророк Исаија пророкува: мирот негов ќе му биде слава (Иса. 11,10). Апостолот Павле, пак, им пишува на Филипјаните за мирот Божји, што надвишува секој ум (Филип. 4,7). А и што друго би можеле да очекуваме од Бога освен мир и љубов? Денешното Влегување на Спасителот во Ерусалим има и преносна смисла: Он влегува и во нашите души, како Цар на Мирот. Пред малку, на Светата Литургија се причестивме со Него, Он е во нашите срца.
Во античката епоха, како и во времето во кое живеел Христос, царевите и војсководците, после некоја голема воена победа или поход врз туѓа војска или народ, имале обичај со големо торжество да влегуваат во своите главни или позначајни градови. Тоа го нарекувале поворка на триумфот. За подготовка на ваквите свечени пречеци била вклучувана речиси целата тогашна државна машинерија. Се приредувал еден блескав победнички вход. Најнапред оделе свирачи, кои со звуците на своите труби требало да предизвикаат еуфорија кај народот и да го повикаат да го возвеличи оној којшто извојувал победа над туѓ народ или војска. После свирачите вообичаено марширале војниците, облечени во нивното војничко одејание, со железни шлемови и штитови, а носеле, исто така и оружје запленето од поразената војска. Потоа следел војсководецот-победител, којшто бил носен на позлатена кола, украсена со скапоцени камења; носилката ја носеле војници над своите глави за да Го истакнат на тој начин оној што им донел победа. Внатре, во колата, пак, некоја девојка, облечена во свила, држела венец над неговата глава за да покаже колку е тој славен и величествен. Отстрана многу девојки и момчиња фрлале цвеќиња пред колата на војсководецот, во знак на прослава за неговите успеси. Но, на крајот од таа триумфна поворка, како некоја траурна опашка, оделе заробениците од победената војска или народ, се разбира, истоштени и изнамачени, со испокинати облеки и наведнати глави… Целта била да се покаже надмоќта на победниците и посрамувањето на победените. Ваквите триумфи биле особено карактеристични за римските цареви и велможи – токму во Христово време; знаеме од историјата дека кога Христос живеел на земјата, Римската империја била една огромна држава, што владеела со речиси целиот, тогаш познат, цивилизиран свет.
И, погледнете сега: спротивно на она што го правеле царевите и војсководците во Неговата епоха, кои пролевале крв, носеле смрт и сееле страв, денес Христос влегува во главниот град на Евреите со најголемо
смирение! Оној Кој е Цар над царевите и Господар над господарите; Чијашто „власт е неискажлива и слава недостижна“; Чијашто е земјата и сè што ја исполнува; Оној Кој постои отсекогаш, заедно со Отецот и Светиот Дух, доаѓа смирено, незлобливо, кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница (Матеј 21,5). Влегува во Ерусалим со наведната глава, со солзи во очите, бидејќи не сака да казнува, туку да спасува. Но, тажен е затоа што го знае човечкото сурово срце, знае дека тие што сега Го пречекуваат со восторг, по три дена во безумство ќе викаат: Распни Го, распни…
Поради гревот на човештвото, поради мојот и твојот личен грев, Словото Божјо влегува во историјата на овој свет како Човек. Се роди во крајно смирение, како сиромашно Дете во Витлеем и во текот на целиот Свој живот на земјата ја криеше Својата Божествена слава. Ги избегнуваше триумфите и величанијата, иако како Воскресител на мртовци и Победител на смртта, ги заслужуваше повеќе од сите. Од Светото Евангелие узнаваме дека Христос, за време на Својата спасителна проповед на земјата, воскреснал тројца мртви луѓе: Јаировата ќерка, синот на Наинската вдовица и Лазар, братот на Марта и Марија. Меѓутоа, воскреснувањето на првите две личности се случило набрзо после смртта – најмногу по неколку часа. Додека, пак, Лазаревото воскресение, Господ го извршил после цели четири дена од неговото упокојување.
Слушнавме денес од Евангелието како сестрите на Лазара Го предупредиле Христа дека тој четири дена лежи во гроб и веќе е смирисан. Неговото тело, сосема нормално, според природниот закон, почнало да се предава на распаѓање. Но, ете, Христос тогаш го направил Своето најголемо чудо: го воскреснал и овој мртовец за да покаже дека Он е навистина Воскресителот и Победителот на смртта. Како апсолутен Владетел и над смртта, Он во овој случај не сакал ни да ја именува. Затоа кога им соопштил на учениците за смртта Лазарева, најпрво им рекол: Лазар, пријателот наш заспал (Јован 10,11). Едноставно, за Христа смртта е само сон. Таа не е Негова творба; неа во овој свет ја донесе гревот на првосоздадените, а не Господ, Кој го создал човекот за вечен живот. Затоа и не сака да ја именува смртта како смрт, туку само вели: Лазар заспа. Знае Он, Предвечниот и Сезнајниот, дека со Својот збор, со зборот со кој некогаш го создал целокупниот видлив и невидлив свет, вклучително и човекот, ќе може многу лесно да го пресоздаде и четиридневниот мртовец, кој веќе почнал да се разградува во земјата од која бил и створен. И навистина, Христос тоа и го направи кога со Својот животворен глас повика: Лазаре, излези надвор (43).
Светите Отци нè почуваат дека овој повик на Христос, во подлабока духовна смисла, означува и отповикување на човековиот ум од гревовниот сон, од гробот на неговите страсти. Оти, гревот, кој е причинител на физичката смрт, може да доведе до тоа и душата да заспие со смртен сон: платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ – вели Апостолот
Павле (Рим. 6,23). Значи, доколку човекот живее со Својот Творец и Воскресител, тогаш смртта за него нема никаква важност – таа е привремено заспивање во сон, сè до мигот на сеопштото воскресение на мртвите. Па, како што Лазар беше веќе распаднат, но со гласот Божји повторно се состави и оживеа, така и телата наши еден ден ќе се вратат во земјата од којашто биле составени, но, при повторното доаѓање на Христос, и тие ќе воскреснат. Ова е можеби главната порака од Христовото воскреснување на Лазара. Токму затоа во Евангелието е опишан дијалогот помеѓу Марта и Христос за воскресението од мртвите. Имено, Лазар бил припадник на фарисејската секта, така што и тој и неговите побожни сестри силно верувале во воскресението на мртвите. Кога Христос ѝ кажал на Марта дека нејзиниот брат ќе воскресне, таа Му одговорила: Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден. Исус тогаш ја искажал Својата највозвишена есхатологија: Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека (Јован 11,24-26).
Во евангелската повест за Лазаревото Воскресение остава трогателен впечаток тоа што Господ го именува Лазара како Свој пријател и што заплака над неговата смрт. Всушност, мили мои, со тоа Он сака да покаже дека сите ние, како созданија Негови, сме пријатели Божји. Затоа Он влезе во Ерусалим како Свој меѓу Своите. И тоа не е само еден историски настан што се случил еднаш и завршил без некои поголеми последици. Не! Он влегува денес да го воспостави Своето Царство на земјата, кое е Царство на љубовта и животот. Тоа Царство трае и ден денес, на секоја Литургија, но и надвор од неа, во сè што е поврзано и се осветува од неа. Да се потсетиме само како свештеникот ја започнува Свештената Литургија: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков!“
Секој што верува во Христа и го љуби, живее литургиски живот и се причестува со Телото и Крвта Негови, нема никогаш да умре: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден (Јован 6,54). Следствено, душите на сите покојници што се упокоиле со вера во Христа, сега живеат во Неговото духовно небесно Царство. Не се ли доволен показател за тоа многубројните Светии на нашата Црква, кои толку многу ги славиме и почитуваме, и кои прават чудеса и ни помагаат? Погледнете: во светот има тела на многу светии, што дури не се ни распаднале. Сигурно ви се познати нетрулежните тела на Преподобната Параскева во Јаши, на Св. Јован Рилски, Св. Василиј Острошки, Св. Спиридон Чудотворец… и на многу други Светии, кои, преку благодатта на Светиот Дух, го победиле дури и природниот закон, предвкусувајќи ги плодовите на нераспадливоста и вечноста уште овде на земјата. А, како, пак, ја вкусиле вечноста, живеејќи сè уште во смртното тело? Преку подвиг на љубовта, добрите дела, и, се разбира, Светата Причест, којашто, рековме, е залог за небесното, вечно Царство. Но, не само Светиите од минатото, туку и денес секој што живее светотаински, литургиски живот, и Го прима Христа во своето тело и душа, тој веќе ја предвкусува радоста од бесмртноста.
Оваа проповед ја започнав со раскажувањето како војсководците-победоносци биле торжествено пречекувани во древните времиња и како за да се приредат тие пречеци требало да се закрене тукуречи целиот државен апарат. А, каде се сега тие славни римски цареви, блескави трофеи и триумфални паметници? Каде се денес тие силни држави? Сето тоа е само прав и пепел. Имињата на тие моќници и велможи од овој свет ги среќаваме само во историските учебници и читанки, а за многумина од нив – и ретко кој знае нешто повеќе. Додека Овој Цар на Мирот, Чиишто поданици доброволно стануваме самите ние, живее во сите векови во срцата на верните. Царството Негово владее над сите царства и Неговото владичество е во сите времиња и родови.
Деновиве еден наш собрат, јероѓакон, кој особено се интересира за типикот и благолепието на богослужбите, ми рече: „Отец, би сакал на Великиот вход дискосот каде што лежи Божјиот Агнец, (т.е. посебно подготвениот и принесен леб што за време на Литургијата станува Тело Христово), да го носам над главата“. Исто како што некогаш војниците ја носеле колата на своите победоносци над главата. И навистина, древна литургиска пракса е свештенослужителите и ѓаконите да го носат Агнецот на входот над своите глави. Зашто, Христос е најголемиот Победоносец, во секое место и време. Каква победа Он донесе? Секако, не таква што сее смрт, жалост и страдање за некои, туку која носи неизмерна радост за сите. Оти, Он го победи најголемиот и најстрашен непријател на секој човек – смртта. Земските војсководци победувале само одреден број противници и биле триумфално носени само во еден миг; а, Христос е носен низ сите векови и времиња, од Неговите служители, Неговите синови. Ние од смирение се нарекуваме слуги Христови – и добро е тоа – но, Самиот Он нè нарекува Свои синови и чеда, затоа што бескрајно нè љуби.
Затоа, ве молам, мили мои, размислувајте за сето она што Бог го направи за нас. Денес Он славно влезе на едно место – во земниот Ерусалим, за да го приведе целиот свет во горниот Ерусалим, во земјата на вечно живите. Велам „едно место“, бидејќи само во православното Христијанство во полнота е откриена Божјата вистина и единствено таму се чува неповредена и чиста. А, во другите места се измешале и многу човечки измислици, прелести, духовни измами, суеверија… Сепак, на оние што искрено и со огнена љубов Го бараат Бога и вистината за Него, Он изнајдува начини да им се приближи и да ги приведе при Себе. Гледаме како некои од старите грчки философи, просветлени од Бога поради трагањето за Вистината, уште во времето пред Христа имаат искажано прекрасни и вистинити мисли за Бога, па дури и некои пророштва за доаѓањето на Месијата на земјата. Иако не знаеле за Откровението Божјо во Писмото, тие, барајќи Го Бога искрено, добивале просветление и наѕирале во великите Божји тајни…
Пред крајот би сакал да потсетам дека со Божја помош ја завршивме светата Четириесетница и сега ни претстои Великата седмица на светите Христови Страданија. Можеби некој ќе се запраша зошто беше потребно страдањето Господово? Не можеше ли Бог некако поинаку да го спаси човекот и да се соедини со него?
Светите Отци, кои со својот обожен ум продреле далеку во спасителниот Божји Домострој, нè поучуваат дека уште кога биле создадени Адам и Ева во Рајот да живеат во заедница и хармонија со Бога – тоа не било доволно за Него. Он толку го возљубил Своето највозвишено создание, што сакал целосно да се соедини со него. Така, во предвечниот Совет на Троичниот Бог било одредено Втората Ипостас од Света Троица да се воплоти, да стане човек и на тој начин да го соедини човекот со Себе. Такво било Божјото Провидение уште пред човекот да падне во грев. А и после гревопадот, таа првична намера на Бога се оствари: Словото Божјо стана човек. Страдањата, пак, Христови се последица на нашето богоотпадништво. Бог, создавајќи го човекот да живее во симфонија со Него во Едемската градина, го украсил и со својства на Својата Господственост: самовласност и слободна волја. Меѓутоа, човекот ги злоупотреби тие Божествени дарови со кои беше образ и подобие Божјо, и во можноста да избира дали ќе остане во заедница со апсолутната Љубов и Светлина, или ќе тргне по соблазната на мракот што му беше предложена, тој, за жал, го избра второто. Тоа беше причината што Бог накрај слезе и пострада на ваков начин. Инаку, како би Го разбрале Бога, доколку не станеше човек како нас и не ја докажеше Својата несфатлива љубов преку Страданијата и Крстот? Да не станеше Бог и човек, лично јас ќе имав многу забелешки кон Него; ќе размислував по човечки и ќе велев: „Господи, Ти си семоќен и нестрадален Бог, а ние сме само бедни, немоќни луѓе. Како можеш да нè разбереш? Иако си Ти наш Создател, сепак ние сме друг род, различен од Тебе“. Но, гледајте до каде отиде Неговата љубов безмерна: Он не стана Ангел, како што чувме пред малку од беседата на нашиот Првоучител Св. Климент, туку човек, и тоа во време кога човештвото беше најогревовено и најдалеку од Бога! Сега ние Христијаните не можеме да Му упатиме никакви забелешки на Бога, бидејќи Он стана како еден од нас, ги вкуси нашите страдања и смртта; дојде не да нè суди, туку да го прими нашето покајание. Св. Јован Златоуст вели дека Бог нема да нè суди за нашите гревови, туку за нашето непокајание. Затоа, ве замолувам како доброволни поданици на Тој вечен Цар на мирот и љубовта, да не Го забораваме Неговото Свештено Евангелие, да не го занемаруваме светотаинскиот литургиски живот; преку него и ние стануваме чеда на мирот и миротворци, така што ќе можеме да го направиме овој свет поубав. Целта на Бога е таа: да го спаси светот во вечното Царство Негово.
Нека нè благослови нашиот Бог на мирот, нека царува Неговиот мир во нашите души!
Добра Страсна седмица и добра Пасха!