Лазаревото Воскресение

Гласот на Оној Кој мртви воскреснува денес самовласно, со Својата моќ се огласува и четиридневен мртовец воскреснува. Синот на семоќниот Господ доаѓа при бедниот род Адамов и го подигнува од падот во јамата на смртта, возвестувајќи им живот на затворените во гробовите. Синот на Царството е испратен да завладее со долината на смртта и Тој слегува за да го забие во неа знамето на победата.

И не некого од минатите времиња и поколенија извика Тој кон живот пред неверниот народ, за да биде сведок на воскресението, туку Лазар од Витанија, чиешто и место на живеење и дом беа познати и чиишто сестри беа живи… Во дните на горчливото ридание и големата тага на роднините и пријателите за починатиот, кога соборот јудејски што се бореше против Вистината, сè уште разгласуваше за смртта Лазарева; кога среде мноштвото Јудеи уште се слушаше плачот за него; кога скрбта за него уште се не беше намалила и слухот за смртта негова уште не беше замолкнал; кога сите притрчуваа да ги утешат сестрите за братот; кога гласот за смртта повеќе не будеше сомнеж и мнозина научија за неговото погребение; кога во домот на починатиот уште се слушаше крик и неговите познати го оплакуваа, тогаш Господ Воскресителот дојде во Витанија за да ја покаже Својата недостижна моќ и не само да го воскресне Лазара, туку и да ги поткрепи сите во надежта во воскресението. Во лицето на еден починат Тој му даде на целиот свет предобраз за воскресението и го заби во пределот на смртта знамето на животот. Прво му дозволи на тлението да се допре до починатиот и после дојде да го воскресне, така што смрдеата од распаѓањето да ја потврди смртта, а враќањето кон животот да нè убеди во општото воскресение.

Со трогателните стихири од вечерната и потресните песни од канонот на повечерието; со воскресната утрена и благодатната Света Литургија, тајноводена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, Бигорската Обител го доживеа Воскресението Лазарево, како предвкус на Христовото, но и како утеха и поткрепа за претстојните денови на спасителните Страдања на Спасителот.

Лазара, умрениот пред четири дена, си го воскреснал од адот, Христе, пред Твојата смрт скршувајќи ја моќта на смртта и, преку Твојот пријател, на сите луѓе им го навести однапред ослободувањето од гнилежот. Затоа, поклонувајќи се на Твојата власт, Сесилен, викаме: Благословен си, Спасителе, помилуј не.