Малечко е моето срце
нема многу место во него;
јас што да Ти подарам,
кога само него го имам?
Дали доволни ќе бидат
љубовта и радоста,
што во него треперат
за денот на Твоето Рождество,
за Тебе, Богородице?
(Наташа Наумоска)
Денес Светата прамајка Ана безмерно се радува и сета Вселена торжествува; денес Светиот Јоаким домот свој го украсува, примајќи ја својата Ќерка преукрасена со Божествена слава. Црквата со пофални песни воскликнува кон Богородица и нејзиното сечесно Рождество го прославува. Се веселат народите земни, ликуваат небесните ангели. Нејзиното раѓање темнината во најблескава светлина ја претвори, зашто таа, бидејќи е Предвесница на полнотата на радоста, проклетството Евино го уништи. Човечкиот род благословен плод прима, оти Мајката на човештвото во нејзината утроба Го прими Христос – Источникот на благодатта и животот. Голема е славата на денешниот ден, затоа умот свој во височините да го воздигнеме и обилен благослов да примиме.
Раѓањето на Мајката на Животот е можност сите ние да се собереме околу овој сечесен празник и прославувајќи го, топли молитви на нашата Застапничка да ѝ упатиме. Нашето монашко братство и сестринствата, закрепени со благословот на нашиот старец и игумен, епископот Партениј, од него ја наследија оваа синовска љубов и приврзаност кон Пречистата Богородица. А Таа, Преблагословената, приреди за нас вистинска трпеза на радоста во својата Пречистанска Обител, каде мајчински нѐ пречекува преку нејзината чудотворна икона – Крнинска. Овој славен нејзин Манастир, вчера и денес беше средиште на празнично ликување и извор на благодат и утеха, што започна да ги точи своите умилителни води уште на Вечерната богослужба со која чиноначалствуваше нашиот старец, а на којашто претстоеше нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Израснат со мајчинската љубов на Богородица и закрилен со нејзиниот благослов, Епископот Партениј најтопло ни ја засведочи нејзината огромна грижа и промисла за сечија душа, преку неговото празнично слово за Царицата Мајка, изговорено на Вечерната богослужба.
Мајчинскиот благослов на Пречистата штедро се излеа и денес, особено на празничната архијерејска Литургија, со којашто чиноначалствуваше Н.В. Митрополит г. Тимотеј, во сослужение со нашиот старец, Епископот г. Партениј, игуменот на Манастирот „Свети Наум Охридски“, Архимандрит г. Нектариј и духовенството од Дебарско-кичевската епархија. На крајот од Божествената Евхаристија, нашиот сакан Митрополит го украси денешниот празник со вдахновена проповед за Рождеството на Пресвета Богородица.
Сечесното твое Рождество, пресвета Дево чиста, множеството ангели на Небесата, и човечкиот род на Земјата, го ублажуваме, зашто Мајка си станала на Творецот на сите, Христа Бога. Него да Го молиш за нас не престанувај, се молиме, зашто на Тебе по Бога нашата надеж ја положивме, Богородице сепеана и неискусобрачна.
Стихира од боголужбата на Рождество на Пресвета Богородица