Колку е голема силата на Крстот! Колку моќно го промени тој човечкиот род! Како од длабока темнина нѐ изведе во бескрајна светлина, од смрт ни го врати вечниот живот, од распадливост нѐ воведе во нетленост. Кое добро денес не било постигнато преку Крстот? Преку Крстот се учиме на побожност, учиме за Божјата природа. Преку Крстот ја научивме вистината за Бога и преку Него, ние што бевме далеку, се соединивме во Христа и се удостоивме за благодатта на Светиот Дух. Преку Крстот учиме за силата на љубовта и се учиме да се жртвуваме за другите.
(Свети Јован Златоуст)
Денес, сите ние кои Го возљубивме Бога и го избравме Неговиот пат на Крстот, го издигнуваме срцето и умот до неописливите крстни височини, за да го допреме она што светот во својата мудрост не можеше да го прими. Денес ја примаме штедро излеаната љубов Божја, која од Крстот блеска со зраци на радост и мир. И ден денес „безумството“ на Крстот го поразува умот на мудрите и моќните, зашто тие со својата мудрост можат само да влијаат на човечките мисли, но Крстот го смирува и лекува умот, поправа волјата и преобразува срцето. Ете зошто и сега е камен за сопнување на моќните и силно оружје на христијаните. Тој е нашето непропадливо богатство и залог што крадците не можат да го одземат. Да го издигнеме денес високо чесниот Крст Господов, тоа оружје со кое Он го постигна нашето спасение и ни ја покажа сета длабочина на Својата љубов – љубов што ќе го надживее и светот што го создаде. Како што вели светиот Ефрем Сирин: „Крстот со своите зраци ја осветли вселената, сите народи ги собра во една Црква и ги обедини во една љубов. Крстот е проповед на пророците, сопатник на апостолите, темел на Црквата, утврдување на вселената, крстот е воскресение на мртвите, Крстот е надеж на Христијаните, утеха на сиромасите, смирение на гордите, добра надеж на монасите и нивна облека на мудроста“.
Благодатните зраци на Крстот што денес високо се издигна во Рајчичкиот храм ги осенија срцата на присутните верни, кои со нескршлива ревност побрзаа од сите страни за да се поклонат пред ова победничко оружје, со кое Господ ја запечати нашата победа и го постигна нашето спасение. Носен во рацете на нашиот Старец, архимандрит Партениј, впечатливиот сребрен крст со вградено делче од Животворниот Крст Христов, одново ја постави пред нашите очи тајната на крстовоскресниот христијански живот, дека само преку привремените болка и страдања влегуваме во пространството на духот. А таму, на крајот од патот, нѐ чекаат широко отворените порти на вечната радост. Тоа ни го остави во завештание на Крст распнатиот наш Господ, давајќи ни го Својот Крст како лествица за искачување, извор на сили духовни, утеха во испитанијата и средство за спасение. Токму тоа е и суштината на новозаветната проповед. Зборувајќи за евангелската средба на светиот Никодим со нашиот Господ, кога Он таинствено го најавил Своето издигнување на Крст, саканиот наш Старец ни помогна да запловиме во евангелските длабочини, каде блеска со својата убавина Христовиот Крст:
Денес, мили мои, светата Црква Божја го празнува сеторжественото и триумфално Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов, односно собитието кога ова „оружје на мирот и непобедливата победа“ било пронајдено од светата и рамноапостолна царица Елена, мајката на благоверниот римски император Константин Велики.
Не случајно Црквата, денес преку светото Евангелие, нѐ потсети уште еднаш на драмата Голготска. На оној страшен настан, кога Синот Човечки беше издигнат на Дрвото, прегрнувајќи го со љубов сиот свет, во искупителна жртва за чедата Адамови. Впрочем, во Своето Божествено предзнаење, Господ Исус Христос знаел дека ќе мора да ја понесе таа сеспасителна и најголема жртва, за која било претскажано во многу праслики во Стариот Завет. Во разговор, пак, со Никодим, еден од началниците јудејски, Самиот Он му прорекол за Себе, укажувајќи токму на една таква праслика: Никој не се искачил на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој е на небото. И веднаш додал: И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен (Јован 3,13-15). За да разбереме зошто Исус прави тука алегорија со Мојсеј и змијата, треба да се навратиме во Стариот Завет, во историјата на древниот Израил. Имено, кога израилскиот народ бил поведен од големиот пророк од Египет кон Ветената Земја, слегувајќи од планината Ор кон Црвеното Море, вознегодувал против својот избавител и водач, па Господ допуштил да биде напаѓан од змии отровници. Гледајќи како неговиот народ страда и умира од змиите, и немоќен да му помогне во тоа пусто место, Мојсеј усрдно Му се помолил на Бога за народот, кој, пак, принел искрено покајание за своето роптање. Тогаш Бог му јавил на боговидецот: Направи змија и закачи ја на стап и ако некого го касне змија, каснатиот, штом ќе ја погледне, ќе остане жив (4. Мој. 21,8). Ете ја симболиката што Господ Исус му ја открива на љубопитниот Никодим, претскажувајќи каква ќе биде Неговата славна смрт, односно дека и Самиот Он, заради човечкиот род, ќе биде издигнат на Голгота, исто како што Мојсеј ја издигнал змијата. И секој што со вера ќе погледне кон Животворниот Крст, на кого Он се распна заради нас, нема да биде отруен од злото на овој свет.
Така, мили мои, потребна ни е вера за да не бидеме усмртени од отровот на селукувата змија, на злото коешто е насекаде. Знаеме дека ние сме од Бога, и дека целиот свет лежи во зло (1. Јован. 5,19), вели големиот тајнозналец, Свети Јован Богослов. Кога тој ова го заклучил во првиот век по Христа, тогаш што да кажеме ние за злото во нашето совремие?! Но за смртоносниот отров од злото, кој го инфицирал човештвото преку гордоста, егоизмот, непослушанието, нема друг лек, противотров и спасителна надеж, освен Синот Човечки. Оној Кој ни даде пример за смирение со Своето послушание до самозаборав: Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, смрт на крст (Филип. 2,8). Бог ни ја пренесе најважната поука: дека патот до спасение води преку смирение и послушност. Преку нив ќе стасаме до вистинска вера и љубов. Крстната жртва на Господ Исус Христос токму таква порака и ни испраќа – порака на љубов и сочувствителност кон секој човек. Затоа, мили мои, Крстот е присутен во секој сегмент на христијанскиот живот. Од нашето раѓање па до смртта, сѐ во нашиот живот е запечатено со ова сесилно, победоносно оружје на мирот. Токму тоа е суштественото оружје на Христијанинот, а не оружјата од овој свет. Да се сетиме на раните Христијани, како тие единствено со верата во Крстот Христов го победија светот и моќните орудија на римските гонители. И ние денес подобно на нив, со силата на крстот го победуваме светот. Тешко е да се биде Христијанин. Да љубиш, а да бидеш подготвен на тоа дека нема да ти биде возвратено, како што и Спасителот нѐ поучи: вие љубете ги непријателите ваши и правете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо (Лука 6,35). Зашто, ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е наградата? (Лука 6,33). Значи, христијанската љубов не бара возврат. Големиот учител на монаштвото и на христијанските добродетели, преподобен авва Доротеј, поучува: „Не барај љубов од ближниот, оти ако не ја добиеш, ќе се возмутиш. Подобро ти покажи љубов кон ближниот – така и самиот ќе се успокоиш, а ќе го привлечеш и ближниот кон љубовта“. Повикани сме, значи, постојано да даваме љубов кон сите. А наградата ќе си дојде сама по себе. „Сакаш ли да бидеш љубен – тогаш распни се за сите“.
Нека силата на Чесниот Крст, на кого со вера ги упатуваме своите погледи, нѐ одржува и заштитува во овој пакосен свет, кој, рековме, е исполнет со зло. А ние, пак, да бидеме проповедници и носители на евангелската вистина и крстовоскресната радост. Како што вели еден свет отец: „Христос среде Евангелието го постави Крстот Свој“. Зашто Крстот е суштината на христијанскиот живот и подвиг. Нека нѐ чува и со него да победуваме, имајќи го пред очи видението на свети цар Константин Велики и она секогаш вистинито: „Со ова победувај!“ Амин.