Парадоксот на Болката – III дел

Воодушевен прием

Воодушевеното примање на болката е можно кога човекот се наоѓа во благодатна состојба со изобилна љубов. Карактеристичен претставник на тој случај е Свети Игнатиј Богоносец, кој што се радувал на претстојното мачеништво, горејќи од копнеж да Го сретне Христа. Во синаксарите обично се одбележува споменот на маченици кои барале од мачителите да го засилат мачењето, за на тој начин подлабоко да ја изразат својата љубов кон Христа.

Очај

Кога има таква љубов, Христијанинот гледа на болката како на предизвик, преку кој може да го почувствува посилно смирението од покајанието и да ја доживее радоста од Божествената милост. Бидејќи предизвикот на смртта е последниот болен предизвик за човекот кој навистина Го љуби Бога, тој може да се радува дури и во својата предсмртна агонија. Кога, сепак, таа љубов не постои, или кога постои но е слаба, тогаш болката може да доведе до очај. Таа дури може да се претвори во омраза и да го сврти човекот против Бога, против ближниот или против самиот себе.

Избегнувањето на лекарства

Во преданието на Црквата се спомнуваат многу примери на Светии кои не сакале да прибегнуваат кон лекари или лекарства за да се исцелат, туку потполно се предавале на Божјата промисла во поглед на понатамошниот тек на нивниот живот и здравје. Тие во болката гледале средство за духовно очистување и восовршување. Таквото нивно однесување не само што не било отфрлено, туку било и пофалено од Црквата. Има дури и случаи на подвижници кои прибегнувањето кон лекарствата и други средства за лекување ги сметале како отклонување од патот на совршенството по кој треба да врват. Од друга страна Црквата никогаш не го осудила прибегнувањето кон тие средства. Бог им ги дал на луѓето лекарите и медицинското знаење. Лекарствата кои постојат во природата се создадени од Бога за полза на луѓето.

Почитување на слободата

Тој многустран однос кон болката и смртта се должи не на некаква збунувачка или двосмислена позиција на Црквата, туку на безусловното почитување на слободата на човекот и целосно прифаќање на уникатноста на неговата духовна состојба.

Здравјето на душата

Свети Исаак Сирин вели дека „Бог ги испраќа болестите за здравје на душата.“  Христијаниот треба да си го насочи вниманието кон духовното здравје и кон восовршувањето. Тоа не значи дека тој треба да биде рамнодушен кон своето телесно здравје и развој, ниту дека треба да ја избегнува помошта што може да ја добие од медицинската наука и лекарствата. Покрај овие нешта сепак постои и перспективата на подвигот и духовното восовршување на човекот, кои се постигнуваат преку трпение во испитанијата.

Доброволни и недоброволни болки

Христијаниот се подвизува преку доброволни лишувања и неволји, за да може да ги поднесе и недоброволните. Како што растенијата, истакнува Свети Григориј Палама, треба да ги поднесат сите временски непогоди за да се развијат и да дадат плод, така и верникот треба да ги поднесе сите доброволни и недоброволни неволји за да стигне до совршенството. Тој дури наведува дека без трпењето на недоброволните болки ни доброволните не даваат плод. ДОброволните болки се школо кое го подготвува човекот правилно да се соочи со недоброволните болки и најпосле со самата смрт. Од друга страна, пак, тоа е целта на подвижничкоит живот. Постот, бдеењето, различните страдања и неволји не се цел сама за себе, туку средства за прилагодување на човекот на тесниот и трнлив пат Христов, кој води до воскресението и до вистинскиот живот.

 (Продолжува…)