За празникот Сретение Господово

Да дојдеме и ние со песни божествени, да Го пресретнеме Христа и да Го примиме Оној, чие што спасение го виде Симеон! Ова e Оној што Давид Го предвести! Ова е Оној што говореше преку пророците, Кој заради нас се воплоти и преку Законот ни говори. Нему да Му се поклониме.

(Стихира на Господи повикав)

Денес славиме една чудесна средба – праведниот и благочестив старец Симеон Го среќава својот Бог. Оној што ја очекуваше утехата Израилева се израдува, држејќи Го во своите старечки раце ветениот Месија. И навистина, според ветувањето, не виде смрт додека со свои очи не Го виде Живиот Бог – Христа Господа. Токму тоа ни го сведочи овој празник – дека човекот е  предназначен за оваа средба со Бога, и среќавајќи Го, засекогаш ја победува смртта. Сите ние треба со надеж да ја очекуваме оваа средба. Зашто смислата на човечкиот живот е да Го сретнеме Христа уште овде на земјата. Доколку не Го сретнеме овде, нема да Го сретнеме ни во вечноста. Но, за таа средба треба достојно да се подготвиме, бидејќи Бог не ја дава како што ние сакаме, туку како што Он ќе благоволи. Светиот Симеон трпеливо го очекувал тоа благословено време, живеејќи праведно и трудејќи се во добродетелта кон луѓето, и во подвигот пред Бога. И Господ го удостоил со таа долгоочекувана радост. А колку поголем е Божјиот благослов на нас, денешните Негови верни чеда, оти нам ни е дадено на секоја божествена Литургија да Го среќаваме Бога, примајќи ги Неговите Крв и Тело, и насладувајќи се од Неговата неискажлива благодат, зашто спасението веќе не е нешто далечно, туку е внатре во нас.

Свети Симеон Богопримец Го држи во своите раце Богомладенецот Христос

„Празникот Сретение Христово ни ја прикажува онаа средба за која бил предназначен човекот. Ете, еден изнемоштен старец, на прагот од својата смрт ја живее вистинската смисла на човечкиот живот, гледајќи Го исполнувањето на ветувањето што му било дадено: во храмот влегува Пресветата Дева, која во своите топли мајчински прегратки Го носи своето четириесетдневно дете, Христос, за да Го предаде во треперливите раце на Симеон. Сега, праведниот старец прима голема утеха, оти неговите очи го видоа спасението на народот Божји. Чудесно длабока тајна, која одново и одново го повикува секого од нас на таа благодатна средба со Бога. И навистина, не постои друга смисла на нашиот живот, освен таа да Го сретнеме Христа уште овде на земјата, оти ако човек не Го сретне сега во времето, се лишува од можноста да Го сретне во вечноста. Затоа средбата со Бога е најважниот миг во животот на секој човек. Но, таа средба започнува во нашето срце, кое ја живее неискажливата радост оти успеало да се отвори и со помош на духовните очи да Го види Христа. Знаеме дека Бог ни се дава да Го видиме онака како што Он ќе благоизволи да биде виден и не се чувствуваме достојни за тој огромен дар со кој Он ги украсува Своите Светии – дарот да Го видиме Него со телесните очи, но сепак, преку благодатта на Светиот Дух, ни се дава да познаеме Кој е Бог, колку Он го љуби секого од нас, колку вистина има во секој Негов збор напишан во Светото Писмо“ (Епископ г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител).

Господи, по молитвите на Твојата Пречиста  и Пренепорочна Мајка, дај ни ја можноста да Те сретнеме уште во овој живот, та гледајќи Го Твојот милозлив Лик и слушајќи Го Твојот пресладок и умилен глас да не престанеме духовно да се радуваме. Амин.