Некаде ја изгубивме топката: Црногорскиот Амфилохиј отворено проповеда протестантизам

Архимандрит Роман Анастасијадис,
клирик на Вселенската патријаршија од Крит

Се информиравме со големо изненадување, секако непријатно, од страната на светата Митрополија црногорско-приморска дека во 21-от век, кога постои брзината на информациите и можноста за проверка на сите историски податоци и нивно пронаоѓање, дека постојат православни архиереи со изопачена еклисиолошка свест!

Поинаку не може да се објасни отворениот протестантизам во последната изјава на Високопреосвештениот митрополит Црногорско-приморски г. Амфилохиј од СПЦ, која беше дадена во вид на проповед после Божествената Литургија минатата сабота, 26 октомври 2019 година во манастирот во Цетиње, каде е седиштето на Митрополијата. Се работи за чист и автентичен протестантизам.

Значи, едната, света, соборна и апостолска Црква претставува една „конфедерација“ на помесни автокефални цркви, чија „невидлива глава“ е нашиот Господ Исус Христос? Во текот на толку векови, постоела ли некогаш ваква организираност во Црквата? Секако дека Црквата е Тело Христово! Секако дека Христос е Глава на Црквата, но секоја црковна заедница има свој прв, кој е „на место и во образ Христов“, го воплотува единството и Господа Исуса Христа.

Логиката на помислите на митрополитот Црногорски поддржува една рамна конфедерација на цркви, во која Фанар ќе биде прв во каталогот само од романтични и историски причини, а во сета оваа турлитава да биде прв – Христос! Но, кој Христос? Ние, Православните Христијани, освен Евангелието го имаме и светото Предание, кое дури ни одредило и кои книги ќе влезат во канонот на Светото Писмо! Значи, Црквата во секоја своја заедница има свој прв. Во парохијата, во епископијата, во помесната црква. Ако е точно она што го тврди Високопреосвештениот г. Амфилохиј, тогаш треба во нивниот Синод на местото на патријархот да стават икона од Христа! Исто и во неговата сопствена епархија. Тој да не го благословува народот Божји со својата рака, зашто Христос е глава! Ако ова не е протестантизам, тогаш што е?

Штом секоја помесна црква има свој Прв, значи дека и Првите треба да имаат помеѓу себе Прв. Поинаку не бидува! Така сме научени. Прв значи служење, одговорност, крст, а не власт „зашто така си сакам“. Власт во првенството гледаат само оние што размислуваат своеволно. Ако некој го сфаќа како власт преземањето одговорност наспроти расколите, наспроти онеправданите, наспроти заедничкиот интерес на Црквата, додека сите други се незаинтересирани, тогаш нека биде така. Ова значи Прв!

Како е возможно да сме незаинтересирани за расколите околу нас? Како е возможно да оставаме да умираат луѓе оддалечени од општење со Црквата, само поради нивниот различен став – секако не за прашања на верата, туку за второстепени теми? Зашто, на пример, не сакале насилно да бидат русизирани или србизирани, или нешто слично? Помесните цркви се успокоија со создавањето на паралелни јерархии, но зарем премолчувањето на постоењето на оние што се во раскол може да го замолчи гласот на совеста?

Високопреосвештен свет Црногорски,

Во Православието имаме Прв, без разлика дали Вие го прифаќате тоа или не. Цариград не престана да постои во 1453 година, како што велите Вие. За среќа, тоа го потврдуваат и текстовите после падот на Цариград, но и Томосот за вашата автокефалија од 1879 и издигнувањето во патријаршиска чест, секако во исчекување на иден Вселенски собор, зашто само тогаш -доколку добиете одобрение- ќе бидете вистинска Патријаршија. Дотогаш да го слушате гласот на древнородните Патријаршии и да ги почитувате. Немојте да се комплексирате зашто сте го примиле Христијанството после илјада години. Таму е проблемот, или подобро, коренот на проблемот.

Сè треба да биде со ред, според редот на Црквата, како што беше пред да навлезе ереста на етнофилетизмот и да ги изобличи совестите на мнозина…

Извор: Ρωμαλέω Φρονήματι