Општо за гордоста
Најнапред да ја разгледаме гордоста!
Гордост! Кој од нас не ја видел? Кој од нас не го почувствувал нејзиното осило? Кој не страдал од нејзините подбивања и критики? Ние сите ја познаваме од животот, зашто таа не е нешто ретко. Таа не пресретнува насекаде, каде што има луѓе. Таа трча по улиците, се шета по плоштадите, честопати тешко чекори по јавните места. Таа седи на меките фотелји по установите. Таа влегува и во црквата со фарисејска надуеност. Таа има пристап дури и во монашките ќелии. Таа излегува од секоја поважна личност, таа ѕирка речиси од секој прозорец. Таа е вообразена, нашминкана, набелена и поминува самонадежно и самозадоволно, така што сите можат да ја видат. Нејзината природа не и дозволува да се крие. Таа сака да блеска и да се смее. Таа сака да биде предмет на внимание и восхитување. Таа сама покажува на себе си, за да биде видена отсекаде и бара да застане на повисоко место. Гордоста врви по нагорниот пат. Таа понекогаш лета дури и во вртоглавите височини. Кога ѓаволот го искушуваше Господа Исуса Христа, Го постави на висока планина. Тој не Го одведе во низините на страданијата и понижувањата, како што покасно Бог Отец постапи со Спасителот, туку го издигна на високо место, каде што му ветуваше високи нешта: ситост, човечка слава и владеење со целиот свет. Ѓаволот ветуваше многу. Но, всушност, можеше ли од сето тоа да даде нешто? Не, зашто самиот тој ништо нема, освен својата злоба, гордост и пеколен оган.
Онака како што постапи лукавиот дух со Господа Исуса Христа, кога го извлече на високата планина на искушенијата, така тој постапува и со нас: не издига на високо, не поткупува со соблазнителни и лажни ветувања, не поткупува со ласкави пофалби, не возгордеува во нашите сопствени очи, ни претскажува ситост, богатство и слава, не поставува на висина, која нам не ни е својствена, каде што лесно може да ни се заврти умот, и од каде тој лесно може да не фрли долу, во пропаста на вечното погубување. И колку повеќе повисоко не издигнал по скалите на гордоста, толку подлабоко ќе не турне оттаму, и толку пострашно ќе биде нашето паѓање.
Гордост и Смирение
Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 10-11