Како да влеземе во Божјата логика – I дел

Ми дојде една инспирација што води потекло од моето научно минато. Ги сакам човечката мисла и разум, и уживам во нив. Го сфаќам како голем благослов тоа систематско организирање на мислите, за кој некој се обучува по пат на научно образование, но претежно преку истражување. Развиен е еден систем на логичко расудување налик на вез, кој е прекрасен и навистина го исполнува човекот, и би рекол дури дека му помага многу да се реализира себе си. Му благодарам на Бога за овој дар што ми го даде. 

Од друга страна пак, Он задоцни со еден друг дар, многу поголем од првиот. Крајно сум благодарен за него, бидејќи она по кое што копнеев уште од мал, најпосле ми се исполни во животот. Имено во еден момент од животот кога мојата човечка логика беше толку прекрасна и сеопфатна, таа сепак не ми даде адекватно толкување на светот, човекот, животот. Тогаш почнаа да ми се раѓаат едни поинакви мисли. Некои од овие мисли се доста стари, од пред 35 години. Во тоа време се случи нешто што сакам да го споделам со вас, и не знам каде ќе ме однесе. Бев појден во црква и видов пред олтарот, точно зад светата трпеза, стоеше распетието со Исус Христос. Бев под впечаток на разговорот што уште од претходно го имав водено со некои студенти, колеги, соработници од истражувачкиот тим. Тие беа верници, на некој начин, и се трудеа сѐ да докажат со помош на умот. 

Како е можно ова тело обесено на крстот да биде Бог, а истовремено да биде и слава, да биде Цар на славата? 

Така, гледајќи Го Оној Кој беше распнат, на врвот од Неговиот Крст прочитав натпис „Цар на славата“. Тело, цело окрвавено, приковано на крст, претепано, исмеано, предадено на смрт, а сепак таму горе стоеше „Цар на славата“. Еден мој колега, верник, католик по убедување, ми имаше дадено распетие и на распетието стоеше „Исус Назареецот Цар Јудејски“. Споредувајќи ги двете, сфатив дека едниот крст го носи историскиот опис, и мора да е точен, бидејќи така исто стои и во Евангелието. Другиот крст, пак, содржеше нешто повеќе, нешто кое не беше во линија со реалноста, но кое внатре во себе имаше и откриваше длабока вистина. Или е целосна лага, или неспознатлива вистина. Не знаев кое е од двете, но секако во моментот беше предизвик за мојата логика. Како е можно ова тело обесено на крстот да биде Бог, а истовремено да биде и слава, да биде Цар на славата? 

Мојот ум почна да се измачува и со денови да пребива во одредени аспекти од овој проблем. „Да бев јас Бог“, си велев во себе, „ќе го создадев светот според Светото Писмо!“ А во Светото Писмо се вели дека Он го создаде светот и „беше добро“, не „совршено“. Да зависеше од мене, ќе оставев светот некое време да функционира како што треба. Но не беше така. Бог ги создаде ангелите, тие паднаа. Го создаде човекот, и човекот падна… Зошто го направи тоа? Зарем не можеше некако… да направи ова зло да се случеше малку покасно, така што да можевме макар кратко време да живееме во рајот, да сфатевме барем малку каков е рајот, и тогаш да допуштеше да се случи падот и ќе видевме како работите ќе се одвиваа? Ваквите прашања што ми се раѓаа во умот можеа да ми ја разнишаат верата… но наместо тоа, прашањата ме поттикна да трагам подлабоко по скриената вистина. Бев уверен дека е таму некаде, бидејќи целото ова нешто кое се нарекува „Црква“ е толку убаво и содржи нешто навистина значајно.  

Требаше својот ум да го насочам во друг правец. Во црковниот речник има некои термини кои на англиски можат да се преведат како „ум“, „убедување“, „дух“. Постои терминот „да поучува“ на Грчки – νουθεσα. Во типикот стои дека после читањето на Евангелието, свештеникот кој што служи треба да „поучува“ – што значи дека тој го зема „духот“, „умот“, и го поставува на вистинското место. Со други зборови, „го зема умот и го поведува некаде… каде што сите ние заедно можеме да ја видиме вистината со поинакви очи отколку од вообичаената гледна точка од која често расудуваме за неа. Значи во суштина она што Црквата го прави е обликување на духот и на умот, таа нуди дух, го поправа умот, води со цел да отвори хоризонти, да развие една друга логика. Споредувајќи ја оваа логика со научната логика, почнуваме да сфаќаме дека има разлика. Не дека едната е подобра од другата, не би го рекол тоа… но ние едноставно имаме потреба од една поинаква логика од онаа на која сме веќе навикнати, за да можеме да ја препознаеме вистината во овој случај.

(Продолжува…)