Поредок на бдеењето над себеси за оние кои живеат во светот

Душа на целото богоугодно подвизување е бдеењето. Без бдеење над себеси сите тие подвизи се бесплодни и мртви. Оној кој сака да се спаси, должен е да го устрои своето битие така, што да биде способен да бдее над себеси не само во осаменост, туку и во расеаност, во која, понекогаш, против негова волја го вовлекуваат разно – разни околности. Нека на терезијата на срцето, стравот Божји ги надмине сите други чувства: тогаш ќе биде лесно да се бдее над себеси – и при тихување во ќелијата, и во вревата која од сите страни нѐ опкружува.
Благоразумната умереност во јадењето, помалата затопленост на крвта, многу помага во бдеењето над себеси, додека вриењето на крвта од прекумерната храна, многуте движења на телото, разгорувањето на гневот, насладувањата со суета и други причини, раѓаат мноштво помисли и соништа, со други зборови – расеаност. Светите Отци, на оној кој сака да стражари над себеси му советуваат, пред сѐ, умерено, рамномерно и постојано воздржување во храната (Добротољубие, том 2. Преподобен Филотеј Синајски).
Кога ќе се разбудуш – што е символ на будењето од мртвите, кое ги очекува сите луѓе – мислите свои насочи ги кон Бога, принеси Му ги на жртва на Бога првите плодови на твојот ум, кој во себеси сѐ уште не примил никакви опустошовачки впечатоци. Многу внимателно, и во тишина, откако ќе завршиш се што во телесен поглед му е неопходно на човек кој само што станал од сон, прочитај го своето вообичаено молитвено правило, не грижејќи се толку за количината, колку за квалитетот на молитвословието, односно за тоа, правилото да се исполни внимателно, и токму среде таа внимателност, срцето да се освети и оживее со молитвеното умиление и утеха. После молитвеното правило, повторно со сите сили трудејќи се да го запазиш вниманието, читај го Новиот Завет, пред сѐ Евангелието.
При ова, внимателно воочувај ги сите завети и заповеди Христови, за според нив да ја насочиш твојата активност, видлива и невидлива. Колку ќе се чита, зависи од човековата способност и околностите во кои човекот се наоѓа. Не смее да се оптоварува умот со прекумерни читања на молитви и делови од Светото Писмо, како што не смеат да се пропуштаат ни разните обврски и задолженија, поради неумереното занимавање со молитви и читања. Како што неумереното земање на храна го доведува желудникот до растроеност и раслабеност, така и неумереното земање на духовната храна го раслабува умот, предизвикува во него одвратност спрема благочестивите активности и во него воведува униние (Св. Исаак Сирин, Беседа 71).
На почетниците Светите Отци им предлагаат чести, но кратки молитви. Кога умот духовно ќе напредне, зајакне и возрастува, тој ќе биде во состојба да се моли без прекин. На христијаните кои го достигнале совршеното возрастување во Господа, се однесуваат зборовите на Светиот Апостол Павле: „Сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите раце без гнев и сомневање“ (1. Тим. 2, 8), односно бестрасно и без никакво попуштање во вниманието или талкање на мислите. Она што му е својствено на зрелиот маж, сѐ уште не му е својствено на доенчето.
И откако со посредство на молитвата и читањето ќе биде огреан од Сонцето на Правдата, Господ наш Исус Христос, нека почне човекот со делата на своите дневни подвизи, внимавајќи во сите негови дела и зборови, и во целото негово битие да владее и дејствува волјата Божја, откриена и објаснета на луѓето во заповедите Евангелски.
Ако во текот на денот наидат слободни моменти, искористи ги за внимателно читање на одредени молитви или одбрани места од Писмото, и со нив одново поткрепи ги душевните сили, кои малаксуваат од делувањето среде овој метежен свет. Ако нема вакви златни моменти, за нив треба да се зажали, како за изгубено богатство. Она што денеска е изгубено, не смее да се изгуби и следниот ден, бидејќи срцето наше лесно се предава на немарност и заборавност, од кои се раѓа мрачно не знаење, толку погубно за делото Божјо во делото на спасението на човекот.
Доколку ти се случи да кажеш или направиш нешто кое е спротивно на заповедите Божји, без двоумење исцели ја таа грешка со покајание, и со посредство на искреното покајание, враќај се на патот Божји, од кој си отстапил со нарушување на Неговата волја. Немој да се допираш до ништо што е надвор од патот Божји! На грешните помисли, мечтаења и чувства што ти надоаѓаат, со вера и смирение спротивставувај им ги заповедите Евангелски, говорејќи заедно со светиот патријарх Јосиф: „Па како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?“ (1. Мој. 39,9)
Човекот кој бдее над себеси, должен е да се откаже од секоја склоност кон мечтаење, па колку и да ни се чинат тие привлечни и долични; секое мечтаење претставува талкање на умот надвор од вистината, помеѓу илузиите, кои не постојат и не можат да се исполнат, кои го прелестуваат и го лажат умот. А последиците од ваквите мечтаења се губење на будноста, расеаност на умот и тврдокорност на срцето при молитвата; а од тука доаѓа и до душевно растројство.
Навечер, одејќи на починка, која во однос на живеењето од тој ден е своевидна смрт, преиспитај ги сите свои постапки, кои си ги направил преку целиот ден. За оној кој постојано бдее над себеси, ваквото испитување нема да претставува никаква тешкотија, бидејќи со внимателноста се надминува вообичаената заборавеност, толку многу својствена за луѓето лишени од будност.
Значи, откако ќе се потсетиш на сите свои согрешенија, направени со дело, збор, помисла, чувство, принеси покајание кон Бога, со соодветно расположение и со срдечена решеност за поправање. Потоа, кога ќе го прочиташ молитвеното правило, со богомислие заврши го денот, кој со богомислие и си го отпочнал.
Каде заминуваат сите наши помисли и чувства за време на спиењето? Каква е таа таинствена состојба – сон, во кој душата и телото се живи, а воедно безживотни, далеку од свеста за своето постоење, како да се мртви? Сонот е исто толку неразбирлив, како и смртта.
За време на сонот, душата мирува, заборавајќи и на најлутите таги и неволји земни, што е пак, слика на нејзиното вечно спокојство; а телото…ако тоа станува од сонот, неизоставно ќе воскресне и од мртвите.
Големиот Агатон порачува:
„Без строго внимавање над себеси, не може да се напредува во добродетелта“
( Скитски патерик ).
Амин.