Преслаткиот наш Господ, љубејќи нé неизмерно, ни дал дар убавото да го славиме и воспеваме, а што е поубаво и подостојно за пофалба од Неговата пречиста Мајка , Онаа која од љубов за нас непрестајно ги подига рацете молитвено пред престолот на Својот Син и со својата топла прегратка нè закрилува сите, чувајќи нè од искушенија и зло. И зар не беше израз на таа мајчинска љубов, нејзиното појавување во Влахернскиот храм, каде на очиглед на св. Андреј и неговото чедо Епифаниј, го простре својот свет омофор, закрилувајќи го целиот присутен народ:
„Бидејќи пречудниот Андреј те виде во воздухот, со мноштвото архангели, со апостолите и пророците и мноштвото маченици, како на твојот Син и Бог наш Му се молиш за градот и за луѓето, Владичице, и со чесниот твој покров ги покриваш, не пропуштај и сега, Пречиста, да го спасиш избраното наследство на твојот Син, кое го слави твојот пречесен празник, Многупеана.“ (стихира на празникот)
На таквата мајчинска љубов кој може да остане рамнодушен! Не случајно Богомајката имала посебно место во срцата на светите што ја воспевале. Таа ги вдахновила најубавите стихови испеани во нејзина чест, со посебна благодат ги посетувала богопросветлените песнописци. А кој може тоа подобро да го знае од двата нејзини возљубени песнописци и боговдахновени псалти, светите Јован Кукузел и Роман Слаткопевец, кои во видение се удостоија за посета на небесната Владичица и најпосле, им се даде да бидат славени токму на денот кога го празнуваме нејзиниот Свет Покров. Нивните богоугодни житија ни сведочат колкава радост им причинува, на Бога и на Неговата Мајка, секоја песна и славословие, вознесени со чисто и верно срце.
Можеби затоа овој празник од самиот почеток има толку посебно значење за сестрите од Раичкиот манастир и за сите оние, кои Богомајката, по својата чудесна промисла, ги има донесено на сеноќното бдение, што секоја година се прави во овој Бигорски метох, посветен на св. Георгиј. Но овој пат Богородица имаше приготвено посебен дар за тие што ги покани на ова сеноќно славословие во нејзина чест и во спомен на своите боговдахновени слаткопевци. Како што по молитвите на светиот Андреј Јуродив таа заблеска со својата небесна појава во Влахернската Црква, покривајќи ги сите со својот омофор, така заради молитвите на нашиот свет старец, архимандрит Партениј, Небесната Царица нé посети со својата неискажлива благодат и врз сите нас го рашири покровот на својата мајчинска грижа и љубов. А покровителот на ангелското византиско пеење го излеа својот благослов преку прекрасните боговдахновени стихири, испеани во византиски напев, кои душите на присутните ги возвишија до небесните височини. Преголемата радост, пак, што гореше во нашите срца беше видливо сведоштво за благодатното присуство и покров на нашата возљубена Застапничка. Вдахновени од таа благодат, сестрите, по примерот на својот патрон, ги излеваа своите молитви низ милозвучните звуци на ангелоподобното пеење, сакајќи на тој начин да ја искажат својата огромна љубов и почит и благодарност за прекрасниот дар од Богомајката и нејзиниот возљубен псалт.
Милостива Владичице, како што оваа ноќ штедро ја излеа својата милост, радувајќи ги нашите души, те молиме ние недостојните, така да ја излееш својата топла мајчинска грижа и да го покриеш нашиот христољубив народ со омофорот на својата благост. И удостој нé секогаш да те прославуваме Тебе, Небесната Царица и родениот од Тебе Бог Слово, Кому нека е слава, чест и величие, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин.