„Радувај се, Пренепорочна, Ти, Која Патот на животот Го роди, Кој светот го спаси од потопот греовен: радувај се, Богоневесто, слишание и глагол страшен: радувај се, во Тебе Владиката на сета твар престојуваше.“
„Радувај се, Владичице, огнообразна колеснице на Словото, духотворен рају, сред кој расте дрвото Господово на животот: чија сладост ги оживотворува оние кои со вера се причестуват, и кои на пропадливоста ѝ се покорени.“
„Ти се молиме ние слугите Твои, и ги приклонуваме колената на срцата наши: Приклони го увото Твое, Чиста, дај ни спасение од бедата во која постојано сме пропаднати и сочувај го народот Твој од секое демонско пленување, Богородице. (стихови од Благодарствениот канон на Пресвета Богородица).“
Првиот Акатист кон Пресвета Богородица, во овој свет и Велик Пост, обилно го излеа благословот на Богомајката врз нашите свештени обители, а благодатта која овој акатист ја донесе, ја круниса првата недела со овој торжествен призив кон Мајката на нашиот Бог, просејќи ги Нејзините молитви да го чува нашиот православен народ во овие моменти на испит за нашата татковина. Така оваа чудесна богослужба, после покајните великопосни богослужби на свечен начин ја предвести неделната торжествена прослава на победата на Православието.