Откако со доблесните страдања направи уште подобри дела, плодовите од твоите подвизи Му ги принесе на Христа, преблажен маченику! Откако желбата ја поткрепи со вера, стравот со надеж го отфрли, љубовта небесна ја заработи, сефален Георгие! Затоа, имајќи смелост, со благопријатните молби проси мир за душите наши, очистување на гревовите и милост голема
Стихира од службата посветена на свети Георгиј
Свети Великомаченик и Победоносец Георгиј, плодна фиданка од две благочестиви гранки, син на маченикот Геронтиј и неговата жена св. Пулхерија, неискажливо е почитуван од целото христијанство. Тоа е вистинско сведоштво, колку славни отсекогаш биле неговото име и неговиот триумф во Православната Црква. Затоа, и нашиот народ, отсекогаш го имал за свој заштитник, а тоа особено го сведочел со изградбата на храмови во негова чест, изградувајќи се притоа и самите себе како духовен храм, украсен со добродетели по неговиот пример. Така и денеска, во Раичкиот манастир посветен на св. Георгиј Победоносец, големото мноштво верни, торжествено го прослави овој свој покровител. Сите тие имаа можност, не само да се заблагодарат за нивниот патрон, туку и да заблагодарат за ова светилиште, во кое Го бараа и пронајдоа Бога, во кое ги споделуваа нивните радости и таги, беа хранети и негувани во верата и си заминуваа зајакнати и освежени со Божјиот благослов и Неговиот мир. Во рамките на Евхаристијата, на тој севкупен собир околу Божјиот престол, на таа прослава, тие, налик на духовни војници, кои се припоија кон небесната војска на Христос – Војсководецот, го соединија благодарењето со славословието за големиот воин, кој го имаат за свој брат во верата. Со богослужението, кое беше збогатено и со сослужението на романскиот архимандрит Викентиј, чиноначалствуваше нашиот митрополит Тимотеј, кој меѓу другото нé израдува и со пригодна беседа, посветена на животот и мачеништвото на св. Георгиј:
„Скоро сите големи движења, политички, национални, верски, философски или било какви други, се зацврстени и се утврдени на многу силни, храбри личности. Речиси и да нема успешно движење, во кое нивните водачи или нивните следбеници не го посведочиле или не го потврдиле со својот живот. Најдобрите или најморалните луѓе морале да се жртвуваат, за нивните учења или движења да пуштат сериозни корени и за да можат да опстанат во историјата на човештвото. Но, ако се направи, пак, споредба на христијанството со било која религија или движење и учење, никој не може да се спореди со дадените жртви низ долгата историја од 20 века. Христијанството ќе биде на чело на таа листа со своите маченици и луѓе кои се принеле себеси на жртва за Христа и за верата во Воскреснатиот Господ. Таков еден следбеник на Христовата вера, кој го жртвувал својот живот уште во цутот на младоста, но не се откажал од Господа Христа, и денес прославуваме. Тој е денешниот славеник, свети великомаченик Георгиј Победоносец. Како што знаеме од житието, св. Георгиј бил роден од богати родители во Бејрут, денешен Либан. Откако татко му бил убиен како христијанин, мајка му и Георгиј се преселиле во градот Лид во денешна Палестина. Свети Георгиј завршил воени училишта. Тој, како младич бил многу смел и вешт во најразлични борбени вештини. Заради неговата храброст и неговите воени способности, уште на 20 годишна возраст бил одликуван за трибун од страна на римскиот император Диоклецијан. Оваа титула се давала на повозрасни војсководачи, кои имале големо животно и воено искуство и се одликувале со повеќе важни извојувани победи за империјата. Но, св. Георгиј сите тие услови ги исполнил уште на млади години и како награда бил одликуван со титулата – трибун.
Токму во тој временски период кога св. Георгиј бил одликуван со оваа висока воена титула, императорот Диоклецијан, кој бил познат во историјата како голем гонител на христијаните, издал посебен указ за нивно жестоко гонење. Георгиј и лично присуствувал на судењата и мачењата на христијаните. Тогаш тој се уверил дека овие луѓе се гонети и измачувани без никаква вина и престап, освен што верувале во Христа. Георгиј и самиот бил христијанин со длабока вера во Господа Исуса Христа. Така, за време на еден процес на обвинување на христијаните, Георгиј се ставил во одбрана на христијаните пред Диоклецијан и се обидувал да им помогне на своите браќа во Христа. Тогаш и самиот исповедал дека е христијанин, дека овие луѓе се лојални граѓани на империјата и дека на правдина се гонети и мачени. Императорот Диоклецијан бил многу изненаден од ваквата јавна исповед на неговиот сакан трибун и затоа не наредил тој веднаш да биде убиен, туку се обидувал со разни обвинувања и разубедувања да го одврати од христијанството својот знаменит војсководител. Но, сите обиди за разубедување на Георгиј биле залудни. Тој си останал верен на својот Бог и на Господа Христа. Тогаш императорот наредил најразлични измачувања на Георгиј за да го принуди да се откаже од Христа, но, овој храбар императорски војник се покажал уште похрабар војник на Христа. Ги поднесувал сите маки и страдања и јавно го исповедал Господа Исуса Христа Распнатиот и Воскреснатиот. Многумина од луѓето кои го гледале мачењето на св. Георгиј, а кои не припаѓале на христијанството, кога ја виделе неговата силна и непоколеблива вера и како тој храбро ги поднесува сите маки, пристапиле и Го исповедале Христа. Откако императорот не успеал да го поколеба св. Георгиј во неговата вера, наредил да биде погубен со меч и да му биде отсечена главата во 303 година во Никомидија, денешна Турција. Но, пред да биде погубен, знаејќи дека го чека смрт, тој му наредил на својот верен слуга кој го следел секаде, неговото тело после убиството да биде пренесено во градот Лид, во Палестина, каде што го поминал своето детство.
Подоцна, за време на царот Константин Велики, после прочуениот Милански едикт од 313 година, на местото кадешто било пренесено неговото тело е подигната прекрасна Црква посветена на св. Георгиј. Оваа Црква и денес постои, со дел од моштите на светителот. Св. Георгиј, кој уште од првите денови по неговиот маченички крај, се прочул и е познат во христијанскиот свет како помошник на сите, кои со вера, надеж и со молитва му се обраќаат за помош. После св. Никола и Мајката Божја, св. Георгиј е светител кој особено се прославува низ целиот христијански свет. Многу силни империи, царства и кралства го имаат св. Георгиј како покровител на нивните земји. Да спомнеме само дека голема Русија, на својот амблем и знаме го има св. Георгиј како заштитник на земјата, истото го има Велика Британија и други земји. Безброј Цркви и манастири се посветени на овој маченик, како кај православните, така и кај другите христијански заедници.
Денеска се наоѓаме во овој свет манастир, кој што е посветен на овој Божји угодник, кој својата вера ја потврди со својот живот. Сите ние треба да извлечеме една поука од животниот пат на св. Георгиј, дека треба цврсто да веруваме и да Го исповедаме нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој од преголема љубов кон човечкиот род, слезе од небесните височини, прими тело од Света Дева Марија, поучуваше, правеше чуда, лекуваше секакви болести и на крај неблагодарните луѓе Го предадоа, претрпе страдања и понижувања и беше распнат и тоа на крст, како разбојник, иако не направи никаков грев, но исто така славно и победоносно воскресна. Ја основа св. Црква, и во неа ги остави Светите Тајни за да можеме ние да веруваме и да Го исповедаме и да добиеме вечен живот, доколку навистина живееме онака како што бара од нас св. Црква, односно нашиот Спасител Господ Исус Христос. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Георгиј, да всади во нашите души барем малку од неговата силна вера, та и ние да можеме да го исповедаме и да посведочиме дека сме негови следбеници, сега и во сета вечност. Амин!
Христос Воскресе!