СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Со какви пофални венци да ги украсиме богомудрите учители кои народите словенски, што седеа во мракот на незнаењето и во смртна сенка, ги просветлија со светлината на Евангелието; велегласни проповедници на едносуштната Троица, преку кои и ние, како диви маслини, се накалемивме на доброплодниот корен на православието, и примивме од Христа Бога мир и милост голема.

Од стихирите на „Господи возвах“

Еве нé денес, исправени со вера и благоговение, за да се приклониме пред еден од најзначајните датуми од нашиот православен и народен календар. 11/24 мај – во тој ден нека се радуваат сите Словени поради тоа што една свештена двојка има голема слобода пред Пастироначалникот Христос непрестајно да се моли за нив. Богомудриот Кирил и богољубивиот Методиј, тие велегласни спроводници на Светиот Дух, кои со светлината на благоразумноста ја осветлија целата вселена, денес ликуваат во небесно торжество заедно со ангелите и со праведниците. Ликувавме и ние во нашата свештена обител, возвеличувајќи ги преку богослужението рамноапостолните и сесловенски просветители. И навистина, кои пофалби можат да бидат подостојни за овие незаодни светила, отколку чудесните празнични химни составени од светите отци на православната Црква, на којашто тие ѝ беа верни чеда? Умудрени од премудриот Христос, блажените Кирил и Методиј ни ја создадоа азбуката и ни ги преведоа светите писанија на славјански јазик, отворајќи ни ги со тоа духовните очи. Има ли поблагородно дело од ова? Оставајќи ги сите удобности на овој суетен свет, солунските Браќа не се срамеа и не се притеснуваа да ги дадат своите животи во служба на Бога за просветување на туѓи народи, распространувајќи го Христовото Евангелие. Овие великани станаа родоначалници и основоположници на словенската писменост, литература и култура. Преку својата рамноапостолна мисија свв. Кирил и Методиј го поставија темелот на духовниот развој на словенските народи, ѝ помогнаа на словенската душа да се сроди со Православието, и да го разбере и да го усвои учењето Христово. Сé добро што Словените подоцна го имале, на овој или оној начин е поврзано со таа внатрешна и животна преобразба во нив, што ја извршиле светите Браќа. Нивното дело, преку нивните ученици и последователи достигнало голем успех, ширејќи се по целиот свет. Тоа добило и општествено значење: се разурна средновековната „тријазична“ заблуда и се испрати порака до сите луѓе за единство преку заемна љубов во Христа на сите народи и покрај сета нивна јазична и културна многуобразност. Кирило-методиевската дејност помогна во световната мисла да проникнат словенското слободољубие, хуманоста и пожртвуваноста кон заедницата.

Затоа да застанеме цврсто на евангелскиот пат на љубовта и должната почит кон православната вера, родот и татковината, што како завештание ни го оставија нашите боговдахновени Учители. Да ги почитуваме нашите евангелски и славјански корени, секогаш помнејќи ги претсмртните зборови на св. Константин – Кирил упатени кон брата му Методија: „Ете, брате, јас и ти бевме како впрегнат пар волови, кои сложно ораа една иста нива, и еве, јас паѓам во оваа бразда, завршувајќи го својот ден. Знам дека ти многу ја засака планината Олимп1 , но немој поради неа да го оставиш проповедништвото и учителствувањето, зашто преку тоа можеш да постигнеш спасение“.

Преку тој завет и ние денес да се потрудиме да го исполниме својот долг, да ја продолжиме плодоносната бразда, започната од двајцата просветители, да не ја прекинуваме нишката, којашто нè поврзува со нашите корени и да гледаме смело во иднината.

Ви благодариме, богоблажени Кириле и Методие, за бесценетото Божествено дело што го направивте за словенскиот род. Ве молиме не отстапувајте од нас, поради нашата недостојност, но прилежно молете Го Христа, да им дарува на сите словенски народи цврстина и едномислие во правата вера, да го смири светот и да ги спаси нашите души. Амин!

*1 Олимп, во Мала Азија, бил голем монашки центар во тогашното Ромејско царство, каде што како монах се подвизувал св. Методиј.