Крстопоклона недела

Денес крстот се воздигнува и сета твар се радува! Денес крстот се возвишува и православните славословат! Зашто крстот е пат за заблудените; крстот е надеж на христијаните; крстот е знамение за победата над демоните; помош на беспомошните, застапник на вдовиците; крстот е оружје вечно, мудрост на неуките, проповед на апостолите, целомудрие на девствениците; крстот е безопасност на вселената; крстот е уништување на идолите, сила на бессилните, исцеление на раслабените, покров на соголените; крстот е воскресение на мртвите…

 

И не сме ли ние бессилни, кога сме соочени со злото и смртта!? Не сме ли ние раслабени, поради нашата гревовна природа!? Не слегуваме ли ние во гробови како мртовци!? Но нашиот Спасител Христос на Својот Крст го спаси човекот; Крстот е жртвеникот на којшто Христос се принесе Себеси како жртва за целиот свет, како жртвоприносител и жртва. На Крстот Он ја доживеа најголемата болка и унижение за нас. На Крстот Он ја победи смртта, ги распна нашите гревови и ни подари воскресение.

 
Па така, познавајќи ја слабоста на човековата природа од една страна, но, исто така, знаејќа ја и непобедливата сила на крстот од друга, божествените отци на православната Црква премудро го поставиле поклонувањето на чесниот и животворен крст, на средината од оваа најсвета Четириесетница. „Зашто – како што и напишале тие во синаксарот за овој ден – за време на четириесетдневниот пост на некој начин и ние се распнуваме, умртвувани од страстите, паѓајќи во униние, имаме чувство на жалост, и затоа ни се предлага чесниот и животворен крст, за да не поткрепи и утврди и утеши, потсетувајќи не на страдањата на нашиот Господ Исус Христос“. Но и уште повеќе: „Нашиот Господ Исус Христос, сакајќи да ја покаже победата над смртта и славата што ќе дојде по воскресението, го испрати напред Својот скиптар, царското знамение – животворниот крст, за да не освежи и зарадува, и да не подготви да Го примиме самиот Цар и како светол победник да Го прославиме“.

 
И навистина, на чудесно убавата богослужба утрово, кога нашиот старец Партениј го изнесе од олтарот Бигорскиот крст со честицата од животворното Дрво, параклисот на светото Благовештение како да се преплави со неовоземна свежина и радост. Ова духовно благоухание со ангелско веселие ги исполни срцата на верниците, коишто и оваа година во голем број притекнаа, со љубов и стравопочит да се поклонат на Крстот Христов. На торжествената Василиева Литургија, пак, во согласие со умилните молитвени восклици на старецот, нашите души почувствуваа дел од неискажливата сладост на Христовото Воскресение. Вака духовно нахранети, на крајот од денешното чествување, сите верни во молитвена литија се упатија кон манастирската фијала, каде нашиот старец освети вода со животворното Дрво.

 

Со смирение да ја бараме, верни, благодатта од Распнатиот и Воскреснатиот Господ, за да не бидеме одвлечени од лажната мудрост на овој свет. Да не ги одрекуваме Неговиот Крст и нашиот крст, љубовта, духот на пожртвуваноста, смирението, трпението во страдањата, воздржанието и подвигот. Да ги исполниме нашите души со благодарност кон човекољубивиот Бог, што преку Неговиот Чесен Крст ни подари сила, светлина и утеха на патот на светата Четириесетница, за на крај да нѐ удостои и со благодат да се поклониме на најсветото Христово Воскресение.