Прослава на Св. Николај Мирликиски во Охрид

Се радува и торжествува денес светата православна Црква со светлиот спомен и славните дела на големиот Божји угодник – св. Николај Мирликиски Чудотворец. Неговото име стана симбол за вистинско, пожртвувано пастирско служење, за брз помошник во беди, исполнет со неизмерна христијанска љубов, за заштитник на сите благочестиви.

Кој нема да го именува блажен овој архијереј, во кого се всели Бог? Него Бог го прослави повеќе од сончевата светлина, и почиваше на неговиот јазик како на херувим во тело. Во него беше силата на Светиот Дух. Затоа го исполнуваше целиот свет, цветајќи со чудеса. Со тивко и слатко учење ги привлекуваше сите кон верата Христова и со зборови ги сечеше еретиците како со духовен меч. Со силна ревност тој ги сокрушуваше горделивите и ги доведуваше до покајание. За сираците и вдовиците беше како татко, и гостољубив како некогаш Авраам. Поради неговата љубов кон бедните, слично на Јов, внимателно им се насмевнуваше, а несреќните ги избавуваше од нивните противници како од челустите на волци, бидејќи тој беше пастир, а не наемник, како што рече Господ: Добриот пастир ја полага душата своја за овците.

 
дел од похвалното слово за св. Николај, од светиот и рамноапостолен отец наш, преславниот Климент

Се радува и древниот Охрид, каде љубовта кон Мирликискиот Чудотворец силно се врежала во срцата на луѓето, па тие со голема почит торжествено го слават овој голем празник. А тој со своето моќно застапништво молитвено го покрива градот, испраќајќи го својот благослов врз сите, особено на нашиот владика, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој го има овој ден за своја слава и секоја година со посебна љубов свечено го празнува, заедно со монасите и бројниот верен народ. Тогаш торжествува и познатиот храм на овој светец, наречен Геракомија, кој во име на славниот св. Николај ги повикува сите на празнична Литургија. Овој молитвен повик не запрел никогаш, дури ни во тешките години на комунистички мрак. А сега е посилен од било кога. Светиот повикува за да ги врати сите кон Бога. Да ја излее врз нив Божјата благодат, благодат што годинава штедро се излеа од неговите свети мошти, донесени на поклонение од Бигорскиот манастир. Св. Николај им дојде на охриѓани носејќи голем благослов. Нека добриот Бог, по молитвите на Својот добар и верен слуга, св. Николај Чудотворец, нè озари и нас, слабите и немоќните, со Неговата спасителна светлина, за да тргнеме по патот на добротворството и да ги исполниме своите животи само со добри дела.

Беседа на митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!

Драги браќа и сестри!
 
На секоја света Литургија, за време на малиот вход, се пеат црковни песни т.н. блаженства. Едно од тие блаженства, што Господ Исус Христос ги изговорил на Елеонската гора, гласи: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога (Мт. 5,8). Срце огревовено, исполнето со злоба и со пакост не може да има духовни очи и да Го види Бога. Чистотата на срцето, пак, се наоѓа единствено во усрдната молитва. Тоа се чисти преку покајанието со помошта Божја и преку постојаното бдеење над себе. Во Стариот завет се вели: „Од сè, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изрек. 4,23). Трудете се вашето срце да не постане роб на страстите и пороците. Ако сакаме да го оддалечиме своето срце од гревови и престапи, светите отци нè поучуваат дека треба постојано да  имаме јасно сознание дека Бог е секаде присутен и дека сè гледа. Он ги гледа и најмалите прегрешувања на нашето срце, но и гревовните намери и помисли. Ништо не може да се сокрие од Бога, односно од неговото севидно око. 
 
Каква, пак, награда е ветена на чистите срца? Уште тука, за време на овој живот, чистите по срце ќе го почувствуваат присуството Божјо, а во идниот и вечен живот ќе Го гледаат Бога, ќе Му се поклонуваат и ќе учествуваат во Неговото прославување заедно со светите ангели и Божјите угодници. Наградата ќе биде вечно престојување во небесниот Дом Божји. Тоа нема да биде некаква внатрешна награда и утеха, туку ќе биде венец на целиот христијански живот, овенчување на сите тие трудови и подвизи кои човекот ќе ги поднесе заради Царството небесно. Вечната радост и веселење е она што Господ ни го ветува. Тогаш ќе се разоткрие и ќе се прикаже во целокупната полнота честа да се живее со Господа, како што се носи и чувствува уште тука во земниот живот кај секој еден вистински слуга Божји, особено кај оние чистите по срце, ништожни со духот, кротките, милостивите. 
 
Колку е само голема честа да веруваме во Бога и да Го носиме во своето срце! Кон таа чест сите ние христијани сме должни да се стремиме, секогаш да ја бараме и никогаш да не заборавиме дека во целата своја полнота треба да пронаоѓаме пат и начин кон вечноста. Сето тоа ќе го најдеме само тогаш кога се трудиме над своето срце и целиот наш живот го подготвуваме за вечниот и блажен живот. Сите наши овоземни маки, болки, незадоволства, искушенија и грижи, сами ќе пропаднат и ќе се изгубат во таа надеж и во тоа сознание за идниот вечен живот. 
 
Еден од големите угодници Божји, што имал чисто срце и живеел според овие принципи е и светителот чиј спомен денеска го прославуваме, светиот Никола Мирликискиот Чудотворец. Уште од млади години Го засакал Христа и живеел свет и чист благоугоден црковен живот. Но, и кога постанал епископ, со уште поголема ревност го продолжил својот подвижнички архиерејски живот. Тој живеел во чистота, со преданост и со ревност во служењето на светата Црква и на луѓето што му биле поверени како негова духовна паства. Свети Никола се прославува кај православните народи, но, со иста почит се чествува и во римокатоличката црква. Свети Никола се одликува со чисто срце и важи за голем добротвор на сите страдалници, сираци, бедни и оние коишто биле доведувани во разни искушенија. Заради неговото чисто срце и свет живот, Бог го обдарил да може да прави многу чуда уште додека одел по оваа земја. Тој ќе покаже голема ревност и за зачувување на правата вистинска вера, со тоа што ќе учествува на Првиот вселенски собор во 325 година во Никеја, денешна Турција. На Соборот, исполнет со ревност кон вистинското учење на светата Црква, на еретикот Ариј ќе му удри и една шлаканица. Заради тоа, од 318 отци учесници на Соборот, ќе му биде земено архиерејското достоинство. Но, уште истата вечер, повеќето светите отци, учесници на Соборот, ќе имаат јавно видение во коешто Сам Господ Исус Христос ќе им се јави и ќе побара од нив да му се врати достоинството, бидејќи тој не го направил тоа од јарост и невоздржаност, туку, напротив, од ревност за вистината и правото учење на светата Црква. 
 
Свети Никола е еден од најмногу прославуваните Божји угодници, после Богородица и Христа. Во Македонија, 50 проценти од луѓето што имаат домашен ден, го прославуваат како домашен заштитник токму свети Никола. Свети Никола го прославуваат и морнарите како нивен заштитник и помошник во страшните бури по непрегледните океани и мориња. Овој голем светител го заслужува сето тоа, зашто живеел чесен живот, со чисто срце, па затоа и Бог го обдарил со таква слава и чест.
 
И ние да се поучиме од животот на свети Никола, па да се потрудиме да го запазиме чисто нашето срце од секаква завист и од секаква лоша мисла. Да поткрепуваме сè што е чесно, благородно и достоинствено. Да се обратиме со молитва кон светиот Никола тој да биде наш молитвеник, да ја загрее нашата вера, да ја умножи љубовта, да ја зацврсти правдата, милосрдието, чистотата и сè она што придонесува за зачувување и утврдување на православната вера. И ние достоинствено и со чисти срца да Го прославуваме Бога, за да го добиеме ветеното Царство што Бог го приготвил за сите оние што Го исповедаат не само со уста, туку и живеат според принципите на нашата света православна Црква. По молитвите на свети Никола, така нека биде. Амин!