Добротворен концерт за Бигорскиот манастир на Македонците во Холандија

Утрехт, Холандија
(известува Христијан Ѓорѓиев)

– Во организација на Светскиот македонски конгрес за Холандија и Македонската заедница во Холандија, викендов во градот Утрехт се одржа голем добротворен концерт за Бигорскиот манастир “Свети Јован Крстител“ во Македонија.

Организаторите подготвија богата културно-уметничка програма, со македонски песни и ора, а настапија Лидија Кочовска и Дарко Билбилоски од Македонија и Македонската музичка група “Распеани Македонци“ од Холандија.

Гостин на вечерта беше македонскиот амбасадор во Холандија Никола Димитров и претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.

До организаторите и учесниците на добротворниот концерт поздравна телеграма упати архимандрит Партениј, игумен на свештениот Бигорски Манастир со своето во Христа братство.

– Почитувани наши браќа и сестри во Христа, штедриот и благ Творец, Господ наш Исус Христос, покажувајќи ни со Својот живот колку возвишено и
богоугодно дело е милосрдието, ни остави во завет да го следиме Неговиот пример. Навистина, нема подобар начин да ја поокажеме својата љубов кон
ближниот од подадената рака во време на неволја и искушение. И нема друга поголема чест и добродетел за нас, луѓето, од можноста да
помогнеме со милосрдно дело, кое ја привлекува кон нас милоста Божја. Неизмерно сме благодарни што се собравте вечерва во Неговото свето име
да ни ја подадете својата рака, помагајќи ја така Бигорската светост што со векови ја излева на сите светлината на просветата и богопознанието.
Сепак вие имате нешто многу повеќе од нашата благодарност. Го имате и благословот на големиот Претеча и Крстител Јован, и нашето скромно
молитвено застапништво пред Бога, зашто Вашето богоугодно дело не обврзува постојано да се молиме за Вас, за милосрдниот Бог да Ве удостои
за Своето царство на вечна радост. Со братска љубов и почит, – се вели во поздравната телеграма на отец Партениј.

– Ваша Екселенцијо господине Никола Димитров, амбасадор на Македонија во Холандија, почитуван господине Петар Толов, почитувана госпоѓо Роза
Ѓорѓиева, координатор на Светскиот Македонски Конгрес во Холандија, почитуван господине Јон Алексијовски, претседател на Македонската
заедница во Холандија, почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Ви носам искрени поздрави од Македонија, од Македонците во целиот свет.
Вечерва сме збрани за една благородна цел, да го помогнеме древното светилиште Бигорскиот манастир низ кој зрачи душата на Македонија.
Вашето благородие во Холандија, вечерва, како и многупати досега, е сведоштво на Вашата љубов кон Македонија и Македонската црква која како
еден и единствен легален и легитимен наследник на древната автокефална Охридска Архиепископија односно Патријаршија е мајка на христијанството,
писменоста и на првиот Светиклиментов охридски универзитет во Европа! Бидете лојални државјани на Холандија, но никогаш не заборавајте ги
Вашите корени во Македонија, затоа што таа е основата на културниот глобализам, таа е основата на Нова Европа. И бидете и останете горди и
достоинствени Македонци, посветени на фамилиите, на Холандија и на Македонија! Гоцевата мисла “светот го препознавам како поле за културен
натпревар меѓу народите“ не е само негово лично чувство, туку израз на генетскиот код на една цела цивилизација, на македонската, како
цивилизација на мирот и љубовта, наспроти омразата и војната. Верувајте во Бога, во нашата духовна водилка Македонската Црква, Охридската
Архиепископија, младите нека ги почитуваат родителите, родителите нека се грижат за помладите, затоа што тие се нашата иднина. И никогаш,
никогаш не заборавајте го македонскиот јазик, затоа што јазикот, тоа е народот. Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Македонија
минува низ големи предизвици. И затоа Светскиот Македонски Конгрес повикува на семакедонско помирување и обединување, да бидеме и да
останеме единствени, затоа што во единството е силата и победата! Искористете го Вашето право и обновете го македонското државјанство,
извадете и македонски пасоши, искористете го Вашето избирачко право и учествувајте на изборите во Македонија, пријавувајте ги секогаш
новородените венчаните и упокоените во матичните книги во амбасадата или во местото на живеење во Македонија. Бидете достојни амбасадори на
Македонија овде во Холандија и секаде каде што сме, во секое време и пред секого. Животот треба да се живее, но Македонија вреди да се
памети! Идната 2013 година Македонците во целиот свет ќе одбележат 100 години од поделбата на Македонија во Балканските војни 1912-1913 година.
Ќе им оддадеме помен на умрените, како поука за нас живите, да се бориме за Македонија! Ви посакувам здравје и живот, мир и љубов, среќа, радост
и бериќет во Новата 2013 година, Ви упатувам честитки за престојниот голем христијански празник Рождеството Христово Божик. И овде, на овој
свет и благороден од Господа благословен ден, верувам ги споделувам и Вашите мисли, на целиот свет му порачуваме дека нашата држава се вика
Македонија, ние сме Македонци, нашиот јазик е македонскиот! Така било, така и ќе остане! Нека Господ Бог Ве благослови сите Вас! Да живее
Холандија! Да живее Македонија! Да живее холандско-македонското братство и пријателство! Амин! – порача претседателот на Светскиот македонски
конгрес Тодор Петров.

На концертот присуствуваше и почесниот конзул на Македонија во Кралството Холандија Корнелис Содер со седиште во градот Бреда.

На концертот присуствуваа и претседателот на задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Холандија Ристо Трајков, како и претставници од Српската
заедница во Холандија и од владеачката десноцентристичка Народна партија на слободата и демократијата на Холандија (ВВД).