Денес, Богомајко, ние верните луѓе светло празнуваме, штитени од твоето доаѓање и, гледајќи кон твојот пречист лик, умилно говориме: Со твојот чесен омофор покриј нѐ, и од секакво зло избави нѐ, молејќи Го твојот Син, Христа нашиот Бог, да ги спаси нашите души.
Тропар на Покров на Пресвета Богородица
Со каков чудесен дар нѐ удостои преблагиот наш Господ Исус Христос кога, умирајќи на Крстот, преку Својот љубен ученик св. Јован Богослов нас луѓето нѐ направи чеда на Својата пречиста Мајка: „Жено, ете Ти син“, одекнуваат и ден денес Неговите милосрдни зборови и како да вели: „Мајко, ете, Ти посинив нови чеда и сега секоја нивна мака ќе го пронижува и Твоето срце, нивните ситни радости, ќе бидат и Твоја среќа, а нивната болка и страдање, Твои солзи. Непрестајно бдеј над нив, покривајќи ги и заштитувајќи ги од секое зло“. И сега, знаејќи го тоа, што би можело да нѐ уплаши, нас христијаните, кога Нејзиниот мајчински покров така моќно нѐ закрилува? Дури и ангелогласната труба среде хорот на светиите, славниот св. Јован Кукузел, чувствувајќи ја цел живот таа нежна мајчинска закрила на пресветата наша Владичица, сиот се предал на непрестајно благодарење кон Неа, Единствената достојна за неговите вдахновени творби. И зарем е случајно тоа што Пресветата уредила токму денес, на овој Нејзин празник, да си спомнуваме за оваа сјајна ѕвезда на небото на Црквата Христова, та ние празнувајќи го Нејзиниот свет Покров, истовремено го славиме и неговиот свет спомен?
А кога овие две празнувања ќе се слеат во една торжествена сеноќна служба, благодатта е неизмерна. Тоа го почувствуваа сестрите од манастирот во Рајчица и нивните присутни гости на вечерашното бдение во параклисот посветен на светите Атонски отци Григориј Палама, Јован Кукузел и Нектариј Битолски. Преблагословената Владичица нежно го простираше својот омофор над нив, покривајќи ги со Својата божествена благодат, а молитвите на старецот, архимандрит Партениј, кој во тие мигови таинствено ја созерцаваше Нејзината благодатна посета и закрила, се придружија кон Нејзините мајчински молитви, просејќи за своите чеда удел во небесната радост. Нежното, пак, благоухание од моштите на преподобниот како да го навестуваа и неговото духовно присуство среде овој молитвен собор. И како неговиот ангелски глас низ прекрасните стихири да ги пронижуваше срцата на присутните, исполнувајќи ја со милозвучност целата вселена во оваа тивка ноќ…
О, пресвета Мајко, на сите жалосни радост и наша небесна Застапничке, по молитвите на св. Јован Кукузел рашири го над нас Својот моќен Покров, заштити, спаси и помилуј нѐ! Амин!