Преображение Господово

Да се радуваме денес, верни, и да се насладуваме од ова големо празненство; да торжествуваме и да славословиме заедно со небесните сили! Зашто денес на таа благословена гора Тавор со човечки очи е видено невидливото: видено е тело земно кое сјае со божествена светлина, видено е тело смртно од кое се излева славата Божја.

 
Денес слухот човечки го слуша неискажливото: зашто Оној Кој поради нас се јави како човек, сега е објавен од Небесниот Отец како Син Божји, единороден, возљубен, единосуштен. Денес Христос се преобразува и Својата непоимлива божествена убавина ја открива. И ги зема со Себе на гората Петра, Јакова, и Јована, како олицетворенија на верата, надежта и љубовта, за да им покаже Кој е Синот и Чиј Син е Он. Зашто кога ги праша: „За кого Ме мислат луѓето, Мене, Синот Човечки?“, тие му одговорија: „некои за Илија, други за Јеремија, или за еден од пророците“ (Мт. 16, 13-14). Затоа и ги зеде на гората, за да покаже дека Он не е Илија, ами Илииниот Бог; дека не е ни Јеремија, туку Оној Кој го освети Јеремија уште во мајчината утроба. И не е еден од пророците, ами Господ на пророците, Кој нив ги испратил. Покажува дека Он е Творецот на земјата и на небото, дека е Господ на живите и на мртвите; зашто му заповеда на небото и Илија слегува од него; ѝ дава заповед на земјата и таа го воскреснува Мојсеја. Ги зема со Себе учениците уште и за да им го покаже Своето Царство пред Своите страдања, Својата сила пред Својата смрт, славата Своја пред исмевањето, честа пред бесчестието, та кога ќе биде заробен и распнат од Јудеите, учениците да познаат дека е распнат не поради немоќ, туку доброволно, поради Своето благоволение и заради спасението на светот.

И така, славата на Христовото Божество, невидлива и сокриена во човечката природа, им се покажа на апостолите на гората Тавор. Но ни се покажа и нам, собрани молитвено во Бигорскиот храм на св. Јован Крстител, на светата Литургија, на тоа искачување на Таворската гора! Зашто не е ли светата Литургија гледање на Божјата слава и не е ли причестувањето со светите Христови тајни учество во Неговото Божество? Искачени, по Божја милост, на гората на новозаветната благодат, и ние ја гледаме Божјата слава и слушаме неискажливи таинства. Затоа и Спасителот вели: „Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши – бидејќи слушаат; зашто, вистина, ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја“ (Мт. 16-17).

На овој спасителен и пресветол празник Преображение се благословува лозовиот плод од што се добива вино, кое, пак, на светата Литургија на таинствен начин преку осветувањето на Светиот Дух се преобразува во крв Христова. Токму затоа, од светите отци на православната Црква, сме наследиле предание да не јадеме грозје од новата берба сѐ до неговото благословување на Преображение. Всушност овој православен обичај е изразување на благодарност кон милостивиот Творец, што ни дарува толку прекрасни плодови за наша наслада, а најпосле ни го дарува и Плодот на бесмртноста, вистинската Лоза, Единородниот Негов Син, Спасителот наш Исус Христос, Кому нека Му е слава, заедно со беспочетниот Отец и Пресветиот Дух, сега, и секогаш, и во веки веков. Амин!