Почеток на чесниот Богородичен пост

Изнесување на Чесниот Крст и свв. маченици Макавејски

Сите ние што сме удостоени да се именуваме со најсветото име, христијани, повикани сме да одиме по оној божествен пат што некогаш го поминал нашиот најмил Спасител. Христос, нашиот Бог, Творецот на сите твари, Украсот и Пофалбата на ангелите, доброволно се понижил и лишил од Својата неизмерна слава, за нас да нѐ возвиши. Затоа да ја засакаме и ние Христовата сиромаштија, та да се збогатиме преку неа духовно. Да го возљубиме прекрасниот пост, зашто е дело подарено од Бога. Ете, дури и самата Мајка Божја, преблагословената Дева Марија, иако немала потреба од пост, бидејќи чиста и непорочна, Таа, сепак, пред Своето сечесно Успение, се подвизувала и постела поради нас, молејќи се за нашето спасение. И можеме ли да не бидеме благодарни за таа Нејзина безгранична грижа и мајчинска љубов кон нас, грешните и недостојните чеда!? Затоа богомудрата православна Црква го одредила светиот Богородичен пост, како еден благодарствен подвиг од љубов кон човекољубивиот Христос и Неговата премилостива Мајка, подвиг во кој верните, со срца очистени од блаженото воздржание, принесуваат молитви и славословија кон Бога и Богородица, и се обновуваат со силата што ја носи причестувањето со светите Христови Тајни. Постејќи за Успението на Мајката Божја, ние всушност постиме и за Преображението на Господа Исуса Христа, зашто, според зборовите на св. Симеон Солунски, „неопходно е да си споменуваме за овие два празника, едниот – како таков што ни дава осветување, а другиот – како смилостивување и посредништво за нас“. А колку само премудро е устроено сето тоа! Ете, на самиот почеток на посното патување, светите и богоносни отци го востановиле изнесувањето на чесниот крст, кој е оружје против силата на непријателот, сила на немоќните, радост на христијаните, величие на Црквата, чест за верните.

И навистина, каква радост, каква сила, каква утеха засветли утрово од чесниот крст, кога тој беше изнесен на поклонение за верните во храмовите на светиот Претеча Јован и на Победоносецот св. Георгиј во нашите две обители! Беше тоа чувство како некоја невидлива рака да ги обновува сите телесни и духовни сили, нѐ облева со благодат која подготвува за посниот подвиг. Таа божествена сила што происходи од крстот Христов се разлеа и во водите што се осветија овој ден, како симбол на живата вода – благодатта на Светиот Дух.

Од овој ден, поточно од вечерашнава богослужба, според светоотечкото предание, започнува пеењето на Молебниот канон на Пресвета Богородица, творба на преп. Теостирикт (IX в.). Ова прекрасно молитвословие, исполнето со молитиви и благодарности кон Богомајката, е едно чудесно и боговдахновено химнографско дело, коешто ја исполнува душата со неискажлива радост и утеха.

Пресвета Владичице наша, Богородице, закрили нѐ со Твојата мајчинска љубов и помогни ни со Твоите најсвети молитви деновите од овој спасителен пост богоугодно да ги поминеме, и неосудено да се поклониме на Твоето сечесно Успение.