Седма недела по Педесетница

Верувате ли дека можам да го направам тоа? (Матеј, 9, 27 – 35)

Двајца слепи луѓе повикувале кон Исус: „Помилуј нѐ, Исусе, сине Давидов!“ Исус ги прашал: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие одговориле: „Да, Господи!“ Тогаш Он им ги допрел очите и ги исцелил од слепилото.

„Верувате ли дека можам да го направам тоа?“

Би можел ли? Оној Кој рече: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата?“ Би можел ли? Оној Кој рече: „Мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Отец да ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?“ Може ли? Оној Кој објави: „Јас Сум воскресението и животот; кој верува во Мене и да умре ќе живее?“ Може ли? Оној Кој ја создаде вселената од ништо; Кој стави сила во атомот; Оној Кој ги исцелуваше болните и воскреснуваше мртви? Може ли? Кој му рече на Јов: Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата?“ Може ли?

Луѓето денес се обидуваат да се спасат со помош на секакви сили: бела, црна, силата на водата, силата на воздухот, силата на цвеќето, и секако, политичката сила. Сите тие сили изневерија и остана само една: Божјата сила. „Христос“, вели св. Ап. Павле,… „силата Божја и Премудроста Божја“.
Да се познае Бог во Христа не е интелектуално откритие. И тоа е, но и многу повеќе. Тоа е доживување на таа Божја сила, но не нешто што ние го постигнуваме, туку нешто што Бог го полага во нас. Прашајте ги дванаесетте рибари како можеле да се ослободат од своите слабости и да тргнат во преобразба на светот, тие ќе ви одговорат: „Не ние, и ништо во нас – туку Христос!“ Верувате ли дека можам…?“ Да, Господи!

Прашајте го излекуваниот зависник од алкохол, или од дроги, како успеал да се ослободи од својата ужасна зависност, и тој ќе ви рече: „Не се ослободив јас, туку ме ослободи Христос Кој е во мене! Без Неговата сила уште ќе бев заробен“. … „Верувате ли дека можам…?“ Да, Господи!

Кога ќе ги заплеткам работите и сум на раб да си го упропастам животот, Христос не доаѓа да ми каже: „Мораш пак да се обидеш! Мораш да се потрудиш, овојпат уште повеќе од порано“. Тука нема благовест; тоа би можело само да ме доведе до очај. Наместо тоа, Он ми доаѓа и ми вели: „Приближи Му се на Бога и Он ќе го направи тоа за тебе! Приближи Ми се и Мојата сила ќе биде твоја“. „Верувате ли дека можам?“ Да, Господи!

Некој татко го загубил синот во трагична несреќа. Му се срушил целиот свет. Подоцна истиот тој кажал: „Пред мене беа отворени три патишта: Очајот, алкохолот и Христос. Го одбрав Христа и оттаму ми дојде силата“. „Верувате ли дека можам?“ Да, Господи!“

Некоја, пак, актерка поминала низ пеколот на алкохолизмот. Неколку пати се обидела да се самоубие. Конечно ја испратиле на психијатар. Кога, тетеравејќи се, излегла од неговата ординација, се слушнале себеси како изговара зборови што никогаш порано не ги рекла, освен на шега: „Не ми треба психијатар. Мене ми треба Бог“. Таа вечер паднала на подот покај креветот, усрдно молејќи се: „Боже, ако Си присутен насекаде, се надевам дека ќе ми помогнеш, зашто многу ми е потребна помош“. „За дваесет минути“, рекла таа, „сѐ беше готово“. Христовата сила дошла во нејзиниот живот, и од тогаш таа станала нова личност. „Верувате ли дека можам?“ Да, Господи!

Еве го сведоштвото на уште еден христијанин: „Отсекогаш знаев дека Христос е неопходен, но до сега не знаев дека Тој Е доволен“. Доволен е. Само Тој може!
Христовата сила им стои на располагање на сите оние кои веруваат во Него, кои своите упропастени и празни животи ги предаваат на полнотата на Неговата благодат. Христос не им рекол на апостолите: „Одете во светот, и со среќа“. Им рекол: „Одете“, и бидете сигурни во тоа дека „секогаш ќе бидам со вас, дури до крајот на светот“. Никогаш нема да ве изневерам, или оставам. Токму во таа лична, живоносна врска со живиот Христос наоѓаме сила да победиме. Проблемот со многумина од нас е во тоа што воопшто не ја очекуваме, ниту ја предвидуваме силата што доаѓа од Христа. Не веруваме вистински во неа и затоа не ја ни примаме. Се потпираме на други сили, кои неизбежно нѐ изневеруваат.

Слепите Му пристапиле на Христа со своето слепило. Тој ги допрел и тие биле исцелени. И ние можеме да Му пристапиме денес со нашите слабости, со нашите гревови, со нашите проблеми, со нашето сопствено слепило. Можеме да Му кажеме исто како нив: „Помилуј нѐ Сине Давидов“. И Он ќе нѐ праша: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Ако нашиот одговор биде „Да, Господи“, Он ке нѐ исполни со внатрешна сила, која ќе биде поголема од сѐ друго што би можеле да замислиме. „Израилот никогаш не видел вакво нешто“. И никогаш нема да доживееме нешто слично во нашиот живот, од мигот кога ќе го примиме исполнувањето со Неговото присуство и сила.
Ни велат дека во иднината нѐ очекува недостаток на енергија. Сигурно ќе има сѐ повеќе редукции на електричната енергија. Но, за оние кои навистина веруваат во Христа и Нему Му го предаваат животот, за нив никогаш нема да има редукција. Силата што нѐ држи секогаш ќе биде поголема од задачата што нѐ очекува.

Слушнете го личното искуство на св. Ап. Павле: „Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава, преку Христа Исуса“ (Фил. 4, 19).
„Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Да, Господи!

Ентони М. Конијарис