Успение на Пресвета Богородица

„Праведниот ќе биде во вечен спомен“- вели премудриот Соломон, а богоотецот Давид додава „чесна е пред Господа смртта на преподобните Негови“. И кога споменот на секој праведник со пофалби бива, како да не И оддадеме пофалба на Онаа Која е извор на праведноста и ризница на преподобноста!? Не за Неа да Ја прославиме, туку сами да се прославиме со слава вечна, зашто каква пофалба да се принесе кон Обиталиштето на славата Господова, „Градот Божји за кој преславно се зборува“? Ни илјадници јазици и исто толку усти не се доволни Нејзиното сечесно Успение да го пофалат, зашто тоа секоја пофалба ја надминува. Но бидејќи љубовта ни налага, а и долгот синовски кон нашата возљубена Мајка, просиме од Бога да ја отвори нашата уста и да ја исполни со богорадосни слова, та да можеме ова скромно величание на дар да И го принесеме, како мирисен крин со пурпурно царска боја, и раззеленет ластар што предвреме својот плод го дава, со надеж дека милостивата Мајка на предобриот Бог нема да го презре нашето сиромаштво, туку ќе ја прегрне нашата добра намера.

Денес славиме една необична смрт. И какво чудо! Она што некогаш беше причина за тага, солзи и болка, денес како причина за радост и празнување се покажува. Смртта, мрачна и омразена, со Успението на Царицата денес се пофалува и блажена се нарекува. Зашто денес Лествицата небеска, со смртта како се лествица кон небесните населби се преселува и така Онаа Која денес смрт прима, со Своето блаженство смртта ја украсува. И ова блажено заспивање придобивка за сиот род човечки станува.

За монашките срца, распламтени со љубов кон пречистата небесна Царица, секој Нејзин празник е повод да се отворат вратите на душата и од неа да потечат најслатките благодарствени песни. Но оваа ноќ, оваа толку радосна и светла ноќ, чиниш втор Велигден, продира дури и до најскриените катчиња и оттаму го вади на виделина она што монасите најсвето го чуваат, па бликнува силен вруток на свештени, возвишени и неискажливи чувства, преточени во најубава молитва. Токму затоа сеноќното бдение во Бигорскиот манастир во спомен на преселувањето на Мајката Божја, Која како земно небо се издигна над небесата, е толку посакуван и нетрпеливо очекуван момент, не само за монашкото братство, ами и за големото мноштво верници што на овој ден сесрдно брзаат да се придружат на големото и незаборавно торжество. И навистина, кој не би посакал да биде тука во овие мигови кога монашката љубов и верност кон својата и Божја Мајка блеснува во полн сјај и добива крилја, па силно како моќен водоскок се издигнува кон небото, се шири во воздухот и сиот простор го исполнува со радост и славословие. Веќе сè е подготвено за пречек на Онаа Која е „поширока од небесата“, и Која доаѓа вечерва со благодат да ги посети нашите срца. Раскошниот сплет на цвеќе во храмот го шири својот опоен мирис, како да сака да ја подражава Онаа Која е извор на благомирисот, а нам присутните ни го навестува мигот кога оваа раскошна постела од цвеќе ќе стане одар за пречистото тело на светоносната небесна Сеница. И еве, стоиме со трепет пред гробот Богородичен, кој и сега ангели го опкружуваат, пред кој демоните треперат, а луѓето со вера му притекнуваат и, поклонувајќи се, благоуханото и божествено тело го целиваат, и од него изобилни добра стекнуваат. Зашто во златовезената плаштаница, поставена на тој цветен одар, оваа ноќ како да го гледаме пречистото Богородично тело, и чувствувајќи ја толку блиску, го излеваме своето срце пред неа, низ прекрасните успенски статии. Се извиваат во воздухот торжествени химни, празнува вселената и сите сили ангелски, а со нив скромно според своите сили и нашите похвални слова се испреплетуваат, и секој збор е како нишка од нашето срце, со секој збор себе на дар се принесуваме. И молиме, усрдно Ја молиме нашата најмилостива небесна Посредничка да заборави на нашите слабости, и како добра Родителка на добриот Владика, да нè води и управува кон мирното пристаниште на Божјата волја, да ја смири бурата и запре стремежот на нашите срамни страсти, та откако ќе го возљубиме подвигот на воздржание заради Христа, да се удостоиме на идното блаженство, каде со Неа постојано ќе се радуваме, гледајќи го пресветлиот лик на Нејзината преблагословена Рожба.

И сите тие химни и слова беа како јаже преку кое се искачија нашите души во небесното пространство, во пресветлата палата и брачна одаја на Пречистата Дева, за таму да го положат пред Нејзините нозе најпрекрасниот венец исплетен од скапоцени, благоухани и огнозрачни зборови на нашиот старец, архимандритот Партениј што тој од бескрајна љубов и почит го сплете во своето срце и ни го предаде нам низ својата од Богомајката вдахновена беседа:

„Мили мои, денес Црквата празнува нешто необично, нешто толку свето и возвишено, што ниту човечкиот јазик, ниту ангелскиот натсветски јазик, не може достојно да го опише – го празнува погребението на светиот Кивот на Самиот Господ. Таа чудесна и таинствена смрт, која во суштина се покажа дека не е смрт, ами најсветло воскресение, и тој чудесен и преславен погреб во Гетсиманија во нас предизвикува свештени чувства и воскресна радост. Зашто не беше можно земјата да го задржи телото, кое стана сместувалиште на несместливиот Бог, тоа пречисто тело на Пресветата Владичица наша и секогаш Дева Марија, Која со Својата светлина сјае посветло од сончевите зраци и Чијашто слава ја надминува славата и на самите небесни сили, славата на херувимите и серафимите… Затоа светиот цар и пророк Давид, пророкувајќи за Неа, воскликнува: ‘Царицата стои покрај Тебе оддесно, во облека украсена и со злато проткаена’ (Пс. 44, 9); додека за небесните сили, пак, свети пророк Исаија говори дека тие стојат околу Господа: ‘Јас Го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат… Околу него стоеја серафими…’ (Иса. 6, 1-2). Погледнете каква разлика – ангелските воинства облетуваат околу Господа, но Самата Богородица стои оддесно, најблиску до Него, затоа што Бог благоизволил да се всели во Нејзината чиста утроба. Таа стана удобно сместувалиште за Спасителот на светот. Токму затоа во видението на свети пророк Исаија се вели дека ниеден од серафимите не се допрел до разгорениот јаглен од жртвеникот, што е симболично прикажување на светата Причест, туку со клешти го зел и го принел до устата на пророкот (6, 6-7). Таа ‘клешта таинствена’ не е ништо друго освен предобраз на Пречистата Богородица, преку Која Божјата природа стана достапна за нас, луѓето, во светата Причест.

Денес Ризницата на животот, Бездната на благодатта, живото Небо, се покрива со живоносна смрт и во небесните населби се вселува. Денес на смртта бестрашно ѝ пристапува Онаа Која Го родила Уништувачот на смртта, ако воопшто и треба да го нарекуваме смрт Нејзиниот сесвет и живоносен исход од овој живот. Нејзиното погребение е радост и слава за целата вселена: ангелите и архангелите прославуваат, началствата се радуваат, властите се веселат, господствата се радуваат, престолите светкаат, херувимите пеат и серафимите славословат. Ние, пак, верните со сите сили срдечни благодариме и неискажливо торжествуваме. Гледајќи ве сите вас, собрани тука во овој молитвен собор, наоѓам потврда дека Пресвета Богородица е навистина собор на верните. Ете, и Нејзиното Успение беше собор и повик на светите апостоли, кои, разнесени по целиот свет за да го проповедаат спасението и да возвестуваат за светото Евангелие, за радосната вест, на чудесен начин беа собрани на тоа таинствено место Гетсиманија да Ја поздрават и испратат Пречистата на небесата. Онаа Која со Својот најчист живот, Која со чистотата ги надминува и ангелските умови, насекаде сведочеше за воскресението на Својот највозљубен Син и на тој начин беше сотрудничка на апостолите. Истата Таа денес повторно нив ги собира, како на втора Пасха, за чесно да го погребаат Нејзиното пресвето тело. Велиме втора Пасха зашто со Своето чудесно Успение, Приснодева Марија стана најголемиот сведок на воскресението. Нејзиното тело е второ после Христовото тело, кое Бог го воскресна од мртвите и кое и денес пребива на небесата, седејќи во непосредна близина на Бога.

И навистина можеше ли да има поголем дар од Бога за нас, но и од нас, луѓето, за Бога, од Неговата пресветла Мајка!? Таа е Мајка, Која постојано и со најголема љубов нè разбира сите нас, сочувствува со нас, сострадува со нас, посредува за нас. Нејзините молитви се најсилни и од Бога најуслишани. Неслучајно Црквата секое свое молитвословие го завршува со молитва кон Богородица, а во една таква молитва Ја нарекува ‘застапништво на христијаните непосрамливо’. Зашто секој кој се надева на Оваа најсвета и пречиста Мајка, не останува посрамен. Потребно е само да имаме вистинско покајание, вистинско умиление и така смирено да притекнеме кон Неа и Таа, Премилостивата, сигурно нема да нè остави празни. Како што ниедна мајка не ги остава неуслишани добрите барања на својот син, па макар колку и да бил тој лош и колку и да се оддалечил од патот на кој таа го учела. Мајчинското милостиво и сострадално срце брза да ги исполни молбите на своето дете. Со колку, пак, поголема љубов и ревност тоа го прави нашата небесна и совршена Мајка! Ние, христијаните, навистина имаме таква Мајка, Која секогаш ги исполнува нашите добри молитви. И како што Таа беше надеж и поткрепа на апостолите и нивна сотрудничка во спасителното дело за време на животот, но и после Нејзиното преселување, така и денес Нејзините молитви, Нејзината љубов, Нејзиното мајчинство не престануваат да дејствуваат во Црквата. Нејзините молитви и застапништво се тоа што нè утврдува и што е потпора на христијанскиот род. Затоа да принесеме молитви кон небесната Мајка на нашиот Спасител, бидејќи преку Неа ни дојде тој најголем дар. Доколку не беше Нејзиното смирение и Нејзината чистота, Нејзиното спасително ‘нека Ми биде’, не ќе беше возможно да се изврши спасението на светот. Да прибегнеме кон Нејзиниот свет мајчински покров, да И се помолиме усрдно за сите наши православни браќа, но и за иноверните, а особено да се помолиме за оние православни кои страдаат по светот, за оние кои се во Сирија, Египет, на Исток, кои секојдневно со својата крв на дело ги посведочуваат Христовите зборови од Евангелието: ‘Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази’ (Јн. 15, 19). Доколку внимателно погледнеме во историјата, ќе забележиме дека само христијаните се тие коишто се гонети заради правдата, љубовта, вистината, токму така како што и Самиот наш Спасител, Господ Исус Христос ни прорече, дека силите на злото од овој свет се обединети. Но силата на Пресвета Богородица и Нејзините молитви се најголеми и најмоќни и Таа засекогаш останува наша надеж. Да ги отвориме оваа вечер срцата и да му ги предадеме на Нејзиното мајчинско срце, та да Го помоли семилостивиот и праведен Господ наш Исус Христос да ни дарува силна вера, потпора во сите наши подвизи и искушенија и победа против сите оние кои попусто непријателствуваат против нас.

Добро бдение!“