Одејќи Господ на доброволно страдање, на апостолите по патот им велеше: „Ете, кон Ерусалим се искачуваме и Синот Човечки ќе биде предаден, како што е напишано“ (Мт. 20, 18). Дојдете, и ние со очистени мисли со Него да одиме, и со Него да се сораспнеме, и заради Него за животните наслади да се умртвиме, та со Него и да оживееме, и како вели да Го слушнеме: „Повеќе не одам во земниот Ерусалим за да страдам, туку одам при Мојот Отец и вашиот Отец, при Мојот Бог и вашиот Бог, и ќе ве издигнам и вас со Себе во горниот Ерусалим, во Царството Небесно“.
Колку прекрасен и со какво длабоко значење е овој свештен повик на Мајката Црква од почетокот на Страдалната седмица, повик да станеме сопатници, да сострадаме и да се сораспнеме со Господа Исуса Христа во овие најсвети денови, посветени на Неговите божествени Страдања и смртта! Ете, во оваа шестдневна лествица до Воскресението, повикани сме на задлабочено размислување за целиот крстовоскресен пат на Спасителот, да проникнеме во Неговите Страдања со покајно чувство, да сострадаме со Него со нашите срца. Започнувајќи со молитвата во Гетсиманската градина, искажана во тага и немоќ до крвава пот, да одиме со врзаниот во окови Христос по Ерусалимските улици и по дворовите на народните старешини и првосвештениците. Да останеме со Него при неправедните обвинувања против Него, при подигрувањата и потсмевањата на слугите. Да бидеме со Него при Пилат и Ирод, да ги слушнеме извиците на толпата, јароста на судиите и најнеправедната пресуда. Да го понесеме со Него крстот кон Голгота, да го почувствуваме приковувањето за него, да го чуеме плачот на скрушената Мајка на Господа… Така, чекор по чекор, ќе се приближиме сѐ поблизу и поблизу до Христа, Кој оди на доброволни Страдања за да нѐ спаси нас, неблагодарните и грешните. А знаеме дека ако со Него сострадаме, со Него и ќе воскреснеме.
И со каква мудрост и човекољубие светите и богоносни отци ни ја предлагаат во овој свет и Велик Вторник евангелската парабола за десетте девојки – петте мудри и петте неразумни, сакајќи да нѐ поттикнат со добри дела и милостина да го украсуваме благословеното воздражние и телесната чистота, бидејќи без нив таа е залудна. Младоженецот Христос не сака да се всели во душа непросветлена со божествениот зрак на милосрдието.
Господи, Исусе Христе, Многумилостив, удостој нѐ со Твојот бесцент дар на покајанието и милосрдието, бидејќи тие се печатот по кој ќе ги препознаеш душите подготвени да влезат во Твојата свадбена одаја – Царството Небесно. Амин!