Осветлен со зраците на утринските молитви во спомена на светиот отец наш Партениј Лампсакиски, и облагодатен од неговото молитвено присуство во храмот, Бигорскиот свештен манастир, заедно со огромното мнозинство на негови пријатели и чеда, целосно Му се принесе себеси на Бога во најсветата празнична архијерејска Литургија во чест на Светиот. Гледајќи ја нивната молитвена усрдност, и слушајќи ги пофалбите од распеаните гласови на псалтите, Лампсакискиот пастир ги прими во својата духовна прегратка растреперените души на присутните и обилно ги посети со неискажлива благодат. А го испрати и својот благослов за свештенство, посветувајќи го преку раката на нашиот надлежен архијереј, ѓаконот Миле Ангеловски од Дебар во свештенички чин. Торжествениот восклик „достоен“ предизвика восхит кај сите, а особено кај нашиот Старец кој го гледаше своето чедо како го прима на себе крстот на свештеничкото служење и духовна грижа за малото православно стадо во Дебар.
Вдахновеното, пак, слово на нашиот архипастир, митрополитот Тимотеј, го запечати духовниот плод што присутните го стекнаа во овие два дена на молитвено поклонение пред светиот Лампсакиски Чудотворец:
„Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Семилостив Господ создал сè прекрасно, како во видливиот така и во невидливиот свет. Ако погледнеме кон небото, ќе видиме колку тоа е прекрасно. Ќе видиме колку е високо и широко, украсено со најразлични ѕвезди. Ќе ги видиме сонцето и месечината, небесните светила кои го осветлуваат сето пространство под небото. Ги гледаме облаците по воздухот, од кои тече вода, која ги напојува нашите ниви. Сето тоа е восхитувачко. Доколку погледнеме, пак, на земјата, таа е исполнета со дрвја, разни треви, животни и ѕверови, и со многу други украси. Сето она што го гледаме и сето она што го прима нашиот ум, нè води кон невидливите нешта, односно нè води кон Создателот. Тука, нè доведува до восхитување за Божјата семожност. Како Он, од ништо, со еден збор, создал сè. Потоа се восхитуваме на Неговата премудрост. Колку премудро е создадено сè. Како трето, нè води кон спознавање на Неговата добрина, бидејќи сето тоа е создадено за нас. Размислувајќи за претходно кажаното, не ни останува ништо друго освен да искажеме една восхитувачка благодарност кон Бога и заедно со пророкот цар Давид, да извикаме: „Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сè си направил премудро“ (Псал. 103, 24).
Стравот Господов, пак, е почеток на мудроста. Тој, ја очистува душата од гревовната скверност, и подготвува во неа место за духовна мудрост. Како што почеток на телесното здравје е негување, чистење и гледање на телото, така почеток на душевното здравје, е ослободувањето на душата, преку страв Божји, од лошите помисли и похоти. Ослободена од нив, душата не е во можност да прави било какви пакости. Како што преку горчливото лекарство се лекува болното тело, така душата се очистува преку стравот Божји. А душата, пак, се приближува кон вистинското богомудрие, односно, кон христијанската љубов. По тој пат, духовната мудрост, не само што бара да се отфрли злото, и истото го отфрла, туку, ја инспирира душата да прави добро. Како што се вели во Св. писмо: „Нека се клони од зло и нека прави добро“ (Псал. 33, 14). Како што се оддалечуваме од злото преку страв Божји, така преку Божјата љубов, се доближуваме кон доброто. Како што преку стравот Божји поставуваме почеток на премудроста, така преку љубовта, пак, доколку тоа е можно во овој век, се стремиме кон совршенство.
Христос ни даде пример за свет живот. Он, како Син Божји, прими човечки лик и праведно и непорочно поживеа меѓу нас луѓето. „Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петр. 2, 22). Со Својот живот, Он ни даде пример за поддржување. Да можеме со вера да гледаме во Него и да ги отфрлиме сите сквернотии кои се прилепиле на нашите души. Бидејќи Он вели: „Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13, 15). Господ Исус Христос ја пројави љубовта, смирението, кротоста и други својства на Своето срце. Ги пројави за да можеме и ние да постапуваме како Него, за да го правиме она што го гледаме во Него или како што вели Он: „Поучете се од Мене“ (Мат. 11, 29). Затоа и светите апостоли, ни го даваат Христовото житие, за истото да го поддржуваме. Св. ап. Павле, пак, вели: „Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Фил. 2, 5). Сè што не учеше Христос со зборови, Он го покажа и со своите дела, односно со личниот пример. Со тој личен пример, Он ни заповеда да се учиме на непорочен живот, како од жив образ, одразен во чистото огледало. „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши“ (Мат. 11, 29).
Ние, како христијани, повикани сме да Го поддржуваме и да Го прославуваме нашиот Спасител. Бидејќи Он е повисок од секоја наша пофалба. Него Го фалат сите небесни сили. Угледувајќи се на Христа, ќе најдеме духовни сили, а и со Божја благодат, да ги отфрлиме сите лоши навики, мисли, склоности кон престапи, гревови, страсти и слично. Па така, ќе можеме подостоинствено да бидеме Негови следбеници, сочувувајќи се од секакви престапи и оддалечувања од Него. Огледувајќи се на Христа, а гледајќи на Неговиот образ како на чисто огледало, Он ќе ни послужи постојано да се угледуваме на Него. А бидејќи Он е свет, Непорочен, Кроток, Милостив, и нас ќе не поттикне кон овие добродетели. Па ќе можеме полесно да ги отфрлиме сите слабости и склоности, коишто нè придружуваат во овој свет.
Како врвен пример, светата Црква ни го дава Господ Исус Христос, Богочовекот. Но, можеби некој ќе каже, дека ние не сме во таква позиција и можност како Господ Христос, бидејќи сме луѓе родени во грев и живееме во свет исполнет со многу зла. Па затоа светата Црква, постојано ни изнесува Божји угодници. Луѓе кои биле исти како нас, со сите предиспозиции за можност за грешење, но исто така за огледување во Христа и живеење според волјата Божја. Имајќи го стравот како почеток на мудроста Божја и угледувањето на Христа, и денешниот св. преподобен Партениј епископ Лампсакиски, нè поучува и ни дава пример, дека сето она што од нас го бара нашата св. Црква, не е невозможно но можно. Како што знаеме од житието на светиот, овој Божји угодник живеел свет и непорочен живот, исполнувајќи ја Божјата волја, а стравот Божји му бил почеток на мудроста. Како исполнувач на волјата Божја, Бог го обдарил, додека бил жив на овој свет, да лекува разни болести, а особено да ги изгонува злите духови. Така во една прилика, истерувајќи еден зол дух, му заповедал на духот да излезе и дека тој ќе му дозволи да влезе во друг човек. Кога духот прашал кој е тој човек, св. Партениј рекол тој човек сум јас. Тогаш злиот дух побегнал, бидејќи не можел да престојува онаму каде што престојува Бог.
И ние денеска, наоѓајќи се во овој свет манастир, прославувајќи го именденот на игуменот на светата обител, да се потрудиме стравот Божји да ни биде патеводител. Да имаме мудрост христијанска, а св. Партениј нека ни послужи како пример. Преку исполнувањето на волјата Божја и со правењето на добри дела да се удостоиме да бидеме наследници на царството небесно со сите Божји угодници и заедно да векуваме“.