Проштени поклади

„Ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“ (Мт. 6, 14)

Својата спасителна проповед на земјата, нашиот Господ Исус Христос ја започнал со зборови кои повикуваат на покајание: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“ (Мт. 4, 17). Тој постојан покајнички повик го слушаме во нашата Црква особено сега, пред почетокот на великопосното поприште на покајанието и на Божјото милосрдие кон нас. Три недели по ред молитвено издивнувавме: „Дверите на покајанието отвори ми ги, Животодавче“. И ете, најпосле стигнавме до тоа спасително време за покајание, кога милоста Божја повторно ни дава можност да се нурнеме во таа благодатна молитвена стихија на возрджание и созерцание. Но пред да стигнеме дотаму треба да поминеме уште една последна врата низ која се влегува во тој предел на преобразба на човечката личност и нејзино приближување до Бога. Тоа е простувањето. Простување на гревовите на нашите ближни, од сѐ срце и без никакви услови. Нема вистинска духовност без простување. Бог му прости на целото човештво, па затоа и ние сме должни да си простуваме еден на друг. Проштеваме ли, ќе ни биде простено. Секој човек длабоко во себе го носи печатот на несовршенството и е заробен од стегите на гревот, слабостите, пороците. Долговековната христијанска историја покажала дека само прошката може да ослободи од тие стеги и да внесе вистински мир, спокој и духовна радост во срцето на човекот. Таа голема божествена мудрост, запечатена во црковното предание што се пренесува и до наши дни, на секој кој сака да стапи на поприштето на Великиот Пост, кој ја сознава својата гревовност, кој сака да ја очисти својата душа од секаква скверност, кој сака да се ослободи од неподносливата тешкотија на меѓусебното неразбирање, разделеност, непријателство, му предлага да им ги прости на луѓето нивните прегрешенија.
Во духот на ова чудесно и единствено предание на православната Црква, Бигорската света обител и оваа година го започна четириесетдневното патешествие кон Воскресението со умилителната Вечерна на простувањето. Беше доволно само да се помине прагот од храмот, па да се навлезе во таа покајна атмосфера, која извираше од секаде, од строгите, но истовремено и благи ликови на иконите, што се наѕираа низ сјајот на кандилата, од покајните стихири што во една смирена мелодична низа ги продираа срцата на многуте присутни, но од чинот на проштевање, проткаен со пасхалните стихири, кој навираше солзи на очите, а сепак го навестуваше и предвкусот на воскресенската радост. Најголема проповед за покајание беше самата појава на нашиот Старец, архимандрит Партениј. Неговиот внесен молитвен поглед, како да е упатен кон вечноста, од каде таинствено ги прима за нас несфатливите духовни созерцанија, им зборуваше на нашите срца и се слеваше заедно со неговите богопросветлени зборови во една длабоко созерцателна и за покајаните души животворна беседа:
„Возљубени отци и браќа, најмили духовни чеда!
Најнапред, морам да ви ја искажам големата благодарност што во овој миг гори во моето срце, благодарност што сте сите заедно и во толкав број собрани во овој свет манастир, пред самиот почеток на Великиот и најсвет Пост во годината, кој е крунисан со Празникот над празниците – Светлото Христово Воскресение. Тоа чувство на благодарност тлееше во моето срце сите овие денови додека исповедав, и неизмерно се радував што одвоивте дел од вашето време, во ова време кое, според мачнотијата на духот и искушенијата што со себе ги носи, повеќе би можело да се нарече невреме. Сведоци сме на тоа какви сè не тешкотии, искушенија и соблазни, колку големи обврски и грижи ја притискаат душата на современиот човек – и сето тоа наметнато со цел тој потполно да заборави на Бога. Ете, честопати ние кои живееме црковен живот, си разговараме меѓу себе на оваа тема и секогаш го делиме мислењето дека, можеби, времињата што ги живееме се токму последните, со оглед на тешкотиите со кои се соочуваме како христијани. Но ние можеме само да нагаѓаме и претпоставуваме, а единствено на Господа е да ги знае времињата. Христијанската историја ни зборува дека имало повеќе такви епохи од минатото кои христијаните ги сметале за последни времиња. Уште во времето на римскиот император Нерон постоело мислење дека наскоро ќе дојде крајот на светот, поради суровото гонење на верата Христова. Исто такво мислење се јавило и во периодот кога иноверната османлиска власт загосподарила со православните народи на некогашното православно Ромејско царство. Но Бог промислил поинаку, одминал и тој тежок период. Вечерва, пак, разговарајќи со еден верник токму на оваа тема, дојдовме до заеднички заклучок дека и во ова наша современа епоха е исто толку тешко да се биде христијанин. Насекаде околу нас се соочуваме со огромен морален пад на целото човештво, декаденција на човековата личност, губење и исмевање на моралните вредности. Во некои земји христијанството е дури и сурово гонето и истребувано од страна на иноверните, но и во глобални рамки правата на христијаните се сериозно загрозени поради силниот налет на агресивниот атеизам. Едно мое духовно чедо, имајќи ја предвид ваквата непријатна слика на реалноста, ја сподели со мене својата загриженост за тоа на кој начин неговото дете, воспитано во христијанските вредности, кога ќе појде во градинка, на школо, ќе се соочува со своите соученици, од кои повеќето не се воспитани во духот на верата. Како одговор му го предочив примерот на апостолите Христови. Тие, иако малкумина на број, не се исплашиле да тргнат по целиот незнабожечки свет, и во најголемите тогашни центри на неморалот и безбожието, и таму да ја проповедаат радосната вест за Воскресението Христово. Кога би се замислиле барем за миг за тоа со какви не тешкотии и неприлики требало да се соочат, веднаш би рекле дека нивната задача била невозможна. Апостолите морале, и тоа во време кога немало, како денес, средства за масовно информирање и разни социјални мрежи, да проповедаат нешто за кое тогашниот свет не беше ни слушнал, ниту, пак, имаше некакава претстава и знаење. Но тоа нив воошто не ги обесхрабрило, туку, напротив, тие дури и по цена на своите животи не престанувале да ја благовестат големата вистина. Им требало многу време за да го рашират словото Христово по целиот свет. Цели три века поминале за накрај, паганската и безбожна Римска империја да биде христијанизирана. Знаеме од историјата дека триста години после појавата на христијанство, светиот цар Константин прв меѓу царевите ја прифатил таа вистина, им дал слобода на христијаните, и самиот тој постанал христијанин. Така, апостолската проповед за Христовото воскресение, отпрвин проповедана само од неколку десетици Христови ученици, со тек на време се раширила по сите краишта на светот и уловила многу души за Христа. А која била таа сила што ги движела апостолите и нивните наследници, та така бестрашно и ревносно насекаде го објавувале евангелското учење? Тоа била верата во Христовото Воскресение. Таа вера која тогаш го преобразила целиот свет, и денес ја има истата преобразувачка сила. Затоа, секој од нас е должен да верува така силно како апостолите, и да Го проповеда Христа во светот со своите добри дела. Ако имаме таква вера, тогаш, навистина, и чуда се случуваат. Како пример ќе наведам едно искуство од мојот живот. Пред триесетина години, кога бев ученик во Богословијата, на овој ден, на Прочка, сите верници од Битола, заедно со владиката и свештениците, се собиравме во еден од храмовите, каде се служеше оваа прекрасна умилителна Вечерна на простувањето. На богослужба се собиравме едвај педесет луѓе. Истата состојба беше и во Скопје. Храмот на св. Димитриј, иако прилично мал, никако не можеше да се наполни со верници оваа вечер. А погледнете сега, после дваесет години непрестајна работа, само во овој манастир колку луѓе присуствуваат на оваа вечерна! Да не зборуваме и за другите манастири и цркви по градовите на нашата земја. Еве, деновиве, гледајќи како верниците во редици, трпеливо чекаат да се исповедаат, се присетив на едни мои спомени, кога како помлад одев во Грција и гледав цели колони верници што чекаат за исповед кај духовниците, па си велев: Боже мој, како да фатила некоја епидемија на грип, па луѓето така настојчиво во редици чекаат да бидат прегледани од доктор. А во тоа време кај нас, ретко кој и да знаеше за поимот духовник, или, пак, исповед. Но, слава Му на Бога, денес работите стојат поинаку; сега имаме многу верници што се исповедаат, што водат црковен живот и Го сведочат Христа во овој дезориентиран свет, свет кој ја изгубил верата во Воскресението Христово. А токму таа вера во Воскресението, пак ќе повторам, е движечката сила што го преобразува нашето внатрешно битие, а со тоа го преобразува и целото општество. Таа е нашата врска со Бога, бидејќи ни дава можност да другаруваме со Него, а Он е секогаш блиску до нас. Понекогаш, во нашата слабост, можеби ќе ни се чини дека Бог се оддалечил од нас, нѐ заборавил, нѐ оставил. Духовно заслепени, не Го чувствуваме Неговото присуство и си велиме: Бог не е тука, Го нема. Но, верувајте, Он е секогаш покрај нас, доволно е само со вера да Го повикаме, со љубов да се сетиме на Него, да ја побараме Неговата милост, и Он е веднаш подготвен да ни одговори, да го стопли студенилото во нашето срце, да ја изгони збунетоста од нашата душа. За нешто слично им зборував на браќата пред некој ден на синаксис, а сега би сакал да го споделам тоа и со вас. Кога последниот пат бев на чреда во Рајчица, самиот како човек се најдов во една засилена внатрешна борба, во духовен метеж, во големи искушенија… Обземен од несоница, започнав поусрдно да се молам, но молитвата никако не ми одеше. Тогаш, во еден миг, милостивиот Бог како да ме одведе со помислите при апостолот Петар, кој после трикратното одрекување од Господа, седеше заклучен во одаја, како и другите апостоли, „поради страв од Јудејците“ (Јн. 20, 19), наоѓајќи се во едно страшно духовно бунило. Знаеме од светото Евангелие дека апостол Петар бил еден од најревносните ученици на Спасителот, изјавил дека ако треба дури и животот свој ќе го положи за Него (в. Јн. 13 , 37). И навистина ап. Петар имал многу силна вера во Христа, тој прв исповедал дека Он е Месијата, но, сепак неговата вера, како и верата на другите апостоли, сѐ уште не била така утврдена, зашто уште го немале просветлението на Светиот Дух. Тие верувале дека Христос е ветениот Цар, кој ќе се зацари над Израилот овде, на земјата, и ќе му донесе слобода, слава и моќ. Претставата за Христа како Цар на мирот и љубовта, чиешто царство не е од овој свет, во нивните мисли сѐ уште не била јасно определена. И така, апостол Петар, кој со ревност го очекувал мигот Христос да биде крунисан за цар, одеднаш гледа како Он е фатен од рацете на грешници, како е биен, плукан, исмеван. Замислете какво разочарување доживеал апостолот, каква пеколна агонија започнала во неговата душа. Оној Кој пред негови очи правел безброј чудеса, им заповедал на ветровите и тие го слушале, одел по морето и не потонувал, Оној пред Кого и демоните и смртта отстапувале, сега наеднаш, понижен и исмеан, немоќно стоел пред судот човечки. Нели Он требаше да биде Цар? Како тоа сега да биде суден како најдолен разбојник, со најсрамна казна? Каде се ветувањата за Неговото Царство? Можеби сето тоа беше само една илузија? Којзнае што ли не претрпувал тогаш апостолот во тој душевен смут, заклучен во себе! Но што се случило понатаму? Во неделата наутро се слушнал гласот на жените Мироносици дека Христос воскреснал! Оваа радосна вест што произлегла од Гробот Христов ја воскреснала верата на ап. Петар и тој со неискажлив копнеж почнал да трча за да се увери дека навистина е Гробот празен. И откако се уверил во Воскресението на Спасителот, тој започнал бестрашно да го проповеда Евангелието, па накрај дури и животот свој го положил за него.
Преку овој пример со апостолот Петар, Бог ми даде утеха и одговор во духовната борба што ја имав. А одговорот е тоа, дека решението за сите проблеми на дезинтегрираниот и колебливиот човек, на човекот потопен во многуте свои грижи, е токму верата во Христовото Воскресение, која е животворна. Ако таа вера ни е непоклатна, тогаш Христос ќе биде со нас, ќе другарува со нас, ќе ни дозволи дури и да Го допираме за да ја утврди нашата вера, како што на апостолот Тома му дозволил да Го допре, за така да го разбие неговото неверие. Всушност, ние христијаните, не само што Го допираме, туку и целосно се соединуваме со Него, преку светата Причест на Литургијата. Какво блаженство Бог ни дарува! Затоа, да ја чуваме најсилно нашата вера во Воскресението и да не очајуваме ако сме малку на број. Да не велиме: гледајте што се случува во светот, ќе можеме ли ние нешто да смениме? Наша должност е неотстапно да се бориме да завладее доброто во овој свет. Апостолите, иако сосема малку на број, го сменија светот, зашто беа вистинска сол Христова, која со благодатта од Воскреснатиот го осолија целото човештво. Така и денешните христијани, доколку ја имаат во себе солта на верата и добродетелите, благодатно ќе влијаат и на другите околу нив, ќе бидат вистински проповедници како апостолите.
Од утре Црквата нѐ повикува на пост, на тој благословен пат за стекнување добродетели и благодатно осолување на сопствените души. Светото Писмо ни сведочи дека сите големи луѓе, почнувајќи од Стариот Завет, пред да направат некое значајно и богоугодно дело, биле повикувани од Бога да се подготват со пост. Како најпознат пример за тоа го имаме пророкот Мојсеј, кој пред да ги прими Десетте заповеди на планината Синај, се подготвувал со четириесетдневен пост, а потоа се удостоил дури и да Го види Бога. Исто така и нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да ја започне Својата божествена проповед, постел четириесет дена и четириесет ноќи во пустината близу Јерихон. Денес и ние сме повикани да ги поминеме тие свети четириесет дена на пост, зад кои со неовоземна убавина светат зраците на Воскресението Христово. Повикани сме да бидеме апостоли во ова време и да сведочиме за таа „неискажлива и славна радост“ (1 Птр. 1, 8). А тоа е и суштината на постот – преку покајание, воздржание и молитва да ги очистиме нашите души, да ги подготвиме за средба со Воскреснатиот Христос.
Но како неопходен услов за тоа се јавува простувањето. Неслучајно денес, пред самиот почеток на Великиот Пост, црковниот типик одредува да се служи оваа умилителна Вечерна на проштевањето, овој прекрасен древен обичај, кога сите, еден од друг си бараме прошка и си простуваме. Простувањето е голема сила што ги надминува сите недоразбирања и непријателства и во душата влева необичен спокој. Без проштевањето постот и молитвата се залудни. Како што вели св. Ефрем Сирин: „Ако ти, кој си и самиот човек, не им простиш на сите што згрешиле против тебе, немој залудно да се трудиш со пост и молитва, зашто Бог нема да те услиши“. А и Самиот Спасител, поучувајќи ги учениците како да Му принесуваат дарови на Господа, им рекол: „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5, 23 – 24). Истото се однесува и за постот, кој е еден скромен дар, еден наш мал принос на Бога. За тој дар да биде примен од Бога, треба претходно да побараме прошка од сите на кои сме им згрешиле, и да им простиме на сите, зашто нема човек кој не греши. Уште едно големо сведоштво за важноста на простувањето е секојдневната молитва на која нѐ научи Господ: „Прости ни ги гревовите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници“. Простувањето е толку големо, затоа што е едно од Божјите својства. Гледаме од Евангелието како Христос безусловно им проштевал на сите. Му простил на Закхеј уште пред овој да побара прошка, уште додека бил качен на дрвото. Му простил на митарот, кој бил презрен и омразен од сите. Ѝ простил и на блудницата, за која евангелистот не вели дека се каела, туку само дека била фатена во грев и веднаш поведена на каменување според тогашниот еврејски закон. Меѓутоа, Спасителот не ја осудил, туку безусловно ѝ простил и со тоа ѝ дал можност да се поправи. Исто така, кога пред две недели се читаше Евангелската парабола за блудниот син, ми остави посебен впечаток тоа што милосрдниот татко со раширени раце и без никаков укор го пречека синот што се врати при него. Напротив, укорен беше постариот син поради неговата жестокосрдечност и не наоѓањето прошка за својот брат. Единственото нешто кое нашиот Отец Небесен го бара од нас за да добиеме прошка, е тоа и ние самите да простуваме, да имаме прошка во нашите срца за ближните. Да простуваме на сите, без оглед на тоа кој бил во право и кој требало прв да побара прошка. Да простуваме и да не осудуваме. На тоа нѐ упатија и денешните зборови на Апостолот, прочитани на светата Литургија: „Кој не јаде нека не го осудува оној што јаде“ (Рим. 14, 3). Значи, не смееме да ги осудуваме оние што сега не постат, туку нашиот пост да биде во смирение, според зборовите Христови: „А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред својот Отец, Кој е во тајност (Мт. 6, 17-18). Да знаете дека ние што сме го прифатиле во нашите срца призивот да постиме, сме привилегирани со посебен Божји благослов, и Бог од нас бара да помислиме со љубов и на оние кои не постат, кои не знаат за Него, и нашиот пост и покајание да ги принесеме и посветиме за сите нив, и да се молиме и тие преку Духот Божји да Го спознаат Бога.
На крај, би сакал да ве замолам, мили мои, да се помолите во текот на овие свети денови на „Четириесетдневната пролет“, да им испрати Бог смирение на сите оние кое се определиле да се занимаваат со политика и да бидат водачи на народот, бидејќи, сведоци сме, за жал, на собитија кои сите нѐ вознемируваат. Нека добриот Бог им ги отвори нивните срца, та да сфатат колку е страшна одговорноста што ја имаат за ова парче земја, па да почнат интересите на Татковината да ги ставаат пред сѐ друго; да не забораваат дека нашата Татковина е платена многу скапо – со крвта на нашите предци, кои цврсто верувајќи во Воскресението Христово, пожртвувано ги полагале своите души за ближните свои. Да Го помолиме Господ да ни даде добра иднина и еден ден да нѐ всели во вечната небесна Татковина, бидејќи вистинската татковина на христијаните е Татковината на вечно живите.
Ви посакувам добар пост и добро Воскресение!“